"26 македонски студенти ќе заминат оваа година на француски универзитети" [sq]

Еден од приоритетите на Амбасадата на Франција во Скопје е да се олесни мобилноста на младите и да им се овозможи на македонските студенти да остварат дел од своето универзитетско образование во француска високообразовна институција.

Билатералниот договор за мобилност на младите што го потпишаа нашите две земји во декември 2009 година ја зацврсти таа определба, нудејќи нови модалитети. Фактот дека Македонија е полноправна членка на Меѓународната организација на Франкофонијата од 2006 година оди во прилог на овој пристап, поткрепувајќи го интересот на студентите за францускиот јазик, за Франција и за Франкофонијата.
Повеќе правци водат кон мобилноста ; некои од нив имаат директна поддршка од Франција.

За учебната 2010/11 година, 18 студенти се пријавија за упис во прва година, вклучувајќи 13 поранешни ученици од двојазичните паралелки, ослободени од тест за познавање на францускиот јазик ; 15 биле примени и можат, доколку ги реализираат своите планови, да се школуваат на француски универзитет.
Програмата за стипендирање на Француската влада (BGF) нуди 6 стипендии за студирање и една за стажирање ; застапени се сите студиски области. Студентот стипендист на Француската влада е ослободен од сите трошоци за школарина и има обезбедено здравствено осигурување ; освен тоа, студентот добива и надоместок за животни трошоци. Стипендијата покрива една академска година (10 месеци).
Оваа компонента е збогатена со 4 стипендии, директно поврзани со имплементацијата на договорот за мобилност на млади ; тие се наменети за студентите по инженерство коишто имаат можност да поминат една година на студии (ниво Мастер) во една од многуте француски школи за инженерство (околу 72) во рамки на мрежата "n + i". Тие ги обезбедуваат истите права како и стипендиите на Француската влада ; покрај тоа, со нив се предвидени и престои за јазично и културно прилагодување.
Овие две програми вклучуваат изборен дел. Ако релативно доброто познавање на францускиот јазик е потребно за некои студии, тоа не е одлучувачки фактор за други, каде што квалитетот на студентот во неговата специјалност е од клучно значење. Секоја година се распишува конкурс ; треба само да се испроба среќата.
За повеќе информации и распоред на различните етапи, треба редовно да се консултира веб-страницата на Францускиот центар за соработка "Жан Моне". Исто така може да се јавите во одделот на CampusFrance, сместен во Центарот, каде што ќе добиете одговори на вашите прашања и помош при постапките за запишување.
Преку овие две програми, 11 македонски студенти ќе добијат директна помош од Франција во 2010/11 година, за збогатување на нивното академско образование и како придонес кон размените меѓу нашите две земји во европски контекст, каде што таквите искуства станаа неопходни за подобро професионално интегрирање.

Освен тоа, треба да се споменат и други стипендии достапни преку европските програми, проекти за соработка развиени од француски региони или специјални програми за студенти со исклучителни резултати, како што се стипендиите "Ајфел". Но, постојат и студенти кои одлучуваат да заминат по сопствена иницијатива. Француските универзитети и високи школи им се отворени, а школарината и во тој случај е многу пристапна.

publie le 13/04/2012

hautdepage