Доделување на одликувањето Офицер од Редот на Легијата на честа на господин Луан Старова [fr]

Амбасадорот на Република Франција, Н.Е. господинот Кристиан Tимоние, во име на претседателот на Република Франција, го одликува господинот Луан Старова со орден Офицер од редот на Легијата на честа.

Амбасадорот на Република Франција, Н.Е. господинот Кристиан Tимоние, во име на претседателот на Република Франција, го одликува господинот Луан Старова со орден Офицер од редот на Легијата на честа. Академик и писател, универзитетски професор по француска и компаративна книжевност и прв амбасадор на Република Македонија во Париз, господинот Луан Старова го добива ова значајно француско одликување за неговиот голем придонес во развојот на односите помеѓу двете земји.

говор на амбасадорот на Франција:

Господине,

Толку многу признанија сте добиле што дури и ми е незгодно да ги набројам сите, за да денес го добиете нашето највисоко одликување. Треба да се избере и особено да се истакне она што го обележа нашиот восхит и нашето пријателство. Ќе кажеме најпрвин дека пред себе имаме голем преносител на францускиот јазик и книжевност кој останал запаметен преку своите предавања и истражувања на Универзитетот Свети Кирил и Методиј кај голем број на генерации студенти кои до ден денес се воодушевени.

Вашиот ран интерес за компаративна книжевност е од времето на вашите студии на Сорбона и тој е отсликан и во вашата теза за релациите на Гијом Аполинер и Фаик Коница од каде е и делото со симболичен наслов « европското пријателство ». И така ја отпочнувате вашата неуморна задача на нишка меѓу културите и според нас тоа е она по кое особено се истакнувате. Коница, голем албански интелектуалец и граѓанин на светот, условуван и како Волтер на Балканот се појавува како ваш претходник и како ваш покровител, дури и преку приврзаноста кон својот мајчин јазик кој воопшто не го спречија во 1900 година да предвиди своевидна модерна франкофонија, помошна
алатка кон напредокот и глобализација на идеи. Вие толку убаво го претставивте
неговото дело што ќе ми простите што го истакнувам тоа родословие кое ми се чини од суштинско значење за да се разбере и вашето дело и вашата активност. Тој спаѓа во оние мислители за кои само еден јазик не е доволен за да се изразат сите нијанси и сите бои во светот и кои во тоа мноштво од различни јазици, си го најдоа начинот, како што и Вие си го најдовте, за да го искажете « и тоа што не може да се искаже » како што велеа нашите класици понесени од книжевна емоција. За вас е јасно, тоа беа македонскиот и албанскиот јазик, стари јазици со милениумски корени но и модерни јазици според нивното одредување и развој кон кои го додадовте и францускиот одек.

Оваа приврзаност кон разноликоста во светот е одразена во вашата втора професија, дипломатијата. Морис Дрион, еден од најактивните пропагатори на франкофонската идеја ве стави и тоа сосема оправдано во групата на дипломати писатели, високо ценета сорта од нашето книжевно наследство кое го обележавте преку вашата активност како југословенски амбасадор во Тунис, еден од главните градови на неврзаните а потоа и за прв Амбасадор на независна Македонија во Париз. Тоа беше време кога Скопје назначуваше Амбасадори во Париз бирајќи ги меѓу најдобрите и најсоодветни за да се втемели престижот на својата земја во нашиот главен град каде сеуште се сеќаваме на Марко Ристиќ, Иво Андриќ, Алејо Карпентие и други. Во тој
момент направивте многу за односите меѓу нашите две земји со активната поддршка од страна на Госпоѓа Старова, која со вашите познаници меѓу Музите го обележа силното присуство на Темида.

Бевте фигура во дипломатскиот и книжевен Париз кој првин љубопитно Ве пречека а потоа и со воодушевување во екот на војните во Југославија особено што постоеше ризик од повторно појавување на стереотипи и предрасуди. Вие оставивте впечаток на еден поинаков Балкан од оној на раздорот и употребата на насилство, таков Балкан кој е невозможно да не го сакате : мозаик полн со историја, митови, култури и со единствени судбини. Нешто што ќе стане утрешна Европа која е во постојан дијалог со нашата и која не збогатува со својата разноликост. Нашите најголеми писатели и поети како Ив Бонфоа или Анри Мешоник го поздравија вашето книжевно дело преку своите заслуги но и како своевидна амбасада од овој регион на светот која ни го дала најдоброто. За тоа сме Ви благодарни.

Во таа своевидна книжевна амбасада се создаде една дополнителна врска со нашата земја затоа што вашиот главен преведувач беше првиот Амбасадор на Франција во Скопје, Господинот Патрик Крисман, исто така исклучителен човек кој продолжува со преведувачката работа во за него тешки лични услови. Ќе ми дозволите и нему како и вам да му искажеме почит.

Други беа поквалификувани од мене за да зборуваат за значењето на вашите дела во младата и плодна книжевност во Македонија. Секое од делата има свои корени и универзалност кои се преведени на дванаесеттина јазици со длабока хуманост и многу мудрост. Македонската Академија веднаш ве прифати давајќи ви простор во интелектуалното и морално наследство на вашата земја. Преку пишувањето на двата јазика ја одразивте плуралноста а размислувајќи понекогаш, ако можам да си доволам да кажам, на француски јазик. Ми одговоривте еден ден на многу суптилен начин во однос на различниот начин на користење на македонскиот и на албанскиот јазик, едниот кој ви дава интонација во прозата а другиот, оној мајчинскиот, на поезијата.

Деновиве, кога прашањето за статусот на двата јазика отвора нови дебати, може ли оваа не-ексклузивна употреба и искуство на збогатување преку разноликоста да ги поттикнат на размислување националните идеолози. Да настојуваме како и вие да градиме мостови а да не правиме процепи. Да го охрабриме запознавањето на другиот наместо да се затвориме во една заедница.

Писател, професор и дипломат, останувате модел на преносител на граници, идеи и епохи. Вашата приврзаност кој Франција никогаш не ослабнала и продолжува длабоко да не трогнува. За да може да пречекаме луѓе како вас, ние ќе продолжиме неуморно да работиме заедно со вас и со оние кои сакаат, во изградбата на европска иднина на Македонија и на Балканот.

Господине Луан Старова, во име на Претседателот на Република Франција и според овластувањата кои ми се доделени, Ве назначувам за Офицер од националниот Ред на Легијата на Честа.

говор на амбасадорот Луан СТАРОВА:

Господине Претседател на Македонската Академија на Науките и Уметностите,
господине Таки Фити
Почитуван господине амбасадор на Република Франција, господине Кристиан Тимоние
Господа академици
Господа министри
Дами и господа амбасадори
Господа ректори
Драги присутни

Првата мисла и првата благодарност вечерва ги упатувам на моите родители,
кои сигурно би биле горди на својата рожба. Го посветувам оваа големо одликување на мојот татко, но со посебна причина, бидејќи од него наследив еден посебен облик на,,франкофонија’’ односно ,,пред-франкофонија’’. Тој го совлада францускиот јазик за време на Големата војна, учествувајќи тогаш како преведувач, на бреговите на Охридското Езеро, во еден облик на административно самоуправување што го спроведуваше француската армија. И така се случи, парадоксално, за време војна, тој да ги открие своите француски мирољубиви пријатели, но и заедничката немилосрдност на војните за кои одлучуваат големите стратези. Кон крајот од својот живот, тој ми зборуваше за францускиот јазик како за израз на слобода и беше вистински жив франкофонски паметник. Јас нему му го посветив, како и на неговото време одбележано од Големата војна, еден од романите на мојата книжевна балканска сага: „Љубовта на генералот“.

Вечерва мојата друга мисла оди кон мојата сопруга, Гʼзиме Старова-Шеху, универзитетски професор и член на Уставниот суд на Македонија, која од сè срце се вложи во семејните франкофонски традиции, кои пак имаа силно влијание врз образованието и едукацијата на нашите ќерки: Блерина (меѓународен преведувач), а Јета – флејтист и таа е присутна вечерва со својата флејта, како и нејзиниот сопруг Ермал, кои се дел од големата традиција на Париската музичка школа, како и Дита,сликар која делумно се образуваше во Франција. Сите три се франкофони заедно со мојата внука Фјола.
Франкофонијата за мене беше и ќе остане еволутивен процес, наша нужност и
еден од најсилните наши мостови кон Европа изградени од одамна. Ние, во
Македонија, ги имаме некогашните француски кодови кои не го изгубиле своето
значење, но кои треба секогаш одново и одново да се откриваат и активираат.
Мојата трета мисла ја упатувам кон верното француско пријателство коешто ми
помогна да ја разберам комплексноста на животот или како подобро да се каже и да се разбере животот и начинот на живеење. Прво, морам да речам дека имам
непроценлив долг кон некои верни пријатели, француски писатели и мислители, како што се Едгар Морен, Ив Бонфоа, Андре Френо, Робер Бадентер, Робер Мале, Анри Мешоник, Ежен Гилвик. Со големиот француски мислител Едгар Морен, нe поврзува речиси триесетгодишно пријателство, кое започна на брегот на Охридското Езеро, во овој заеднички дел од татковината - животот.__

Едгар Морен, братскиот мислител кој се залага за симбиоза на цивилизациите,
,,Монтењ од планетарната епоха’’ и човек кој сакаше да ја „цивилизира земјата“ и да ги поврзе поделените суштества со ѕидови и граници, за мене беше не само верен пријател, туку и жив „универзитет’’, предизвик да го пронајдам сопствениот правец во книжевното творештво, особено за подобро да ја разберам судбината на балканскиот човек. Јас, во моите книжевни дела, ја прифатив задачата да ги доближувам луѓето во мојот живот, а не во мојата кариера. Моето книжевно творештво сведочи за тоа. Најдобри учители во мојот живот на професионален план, како професор и како скромен писател, беа француските писатели, кои всушност се вечно училиште и за целото човештво, како Монтењ, Рабле, Паскал, Декарт, Стендал, Флобер, Балзак, Пруст,Ками, Малро, Сартр...
Никогаш нема да го заборавам пријателството и поддршката на моите колеги
дипломати од француското Министерство за Надворешни работи кога ја вршев
функцијата прв амбасадор на Република Македонија во Франција, во годините од клучно значење за Балканот. Горд сум, исто така, на пријателството со високите
претставници на Република Франција коишто ни укажаа чест со нивните значајни
мисии во Македонија, почнувајќи од првиот амбасадор на Франција, Н.Е. Господинот Патрик Крисман, кој како верен пријател си постави тешка задача да бидат преведени моите книги на француски јазик, потоа Н.Е. Господинот Жак Унцингер, Н.Е. Господинот Жан-Франсоа Терал, Н.Е. Госпоѓата Вероник Бижон-Баре, Н.Е. Господинот Бернар Валеро, Н.Е. Господинот Жан-Клод Шлумберже, Н.Е. Госпоѓата Лоранс Оер и актуелниот амбасадор, Н.Е. Господинот Кристиан Tимоние.

Почитувани присутни, пријатели и колеги, Јас сум наследник, но, исто така и член на генерацијата чијшто живот, како и животот на моите родители, беше обележан со балканската трагедија; балканските војни, двете светски војни, 40-те години југословенски социјализам, југословенските братоубиствени војни и создавањето на нови држави. Во моите книги преку една повеќетомна балканска сага, сакав да покажам дека, кога Балканот бил на пат да се „европеизира“, по геостратегиските удари во светот после биполарната ера, секогаш овие региони одново се наоѓаа во пеколните кругови на балканизацијата, во една трауматична транзиција. На хероите од моите книги им остануваше како императив да најдат излез од варварството преку зачувување на различностите, изнаоѓајќи заеднички вредности, а не преку фаталистичките фантоми на исклучувањето. Нова надеж за Балканците преку вистинска и потполна европеизација. Тоа е она што го барам, од книга во книга.
Балканците долго време живееја во еден етнички идентитет зависен од две
царства: северното - главно австро-унгарско и јужното, османлиското. Отсуството на целосен идентитет на различните народи често се надоместувало преку
патријархалниот идентитет. Чувството на заштита од државата и нејзините институции долго време беше непозната идеја на Балканот. Луѓето имаа повеќе доверба во семејните вредности отколку во кревките, речиси непостоечки институции. Од оваа причина, кога беа воспоставени границите во текот на дваесеттиот век, луѓето се почувствуваа како нивни затвореници. На Балканот сè уште живее духот на границите и тие го обземаат духот на луѓето.

Никогаш не ќе успеам доволно да ја нагласам мојата привилегирана релација
со Охридското Езеро, делбена гранична линија помеѓу Албанија и Македонија: тоа за мене, за моето семејство, беше предел на потеклото, но и на микрокосмос во кој беше закоренет и нашиот живот. Но овој предел, во моите очи, стана парадигма не на раздвојувањето, туку напротив, на зближувањето во мојот живот и творештво. Целиот тек на моето образование се одвиваше на македонски јазик, што не ме спречуваше да пишувам и се задлабочувам на мојот мајчин јазик: албанскиот. Во мене, овие два јазика се во постојана интеракција, во еден вид стилско-ритмичка конфронтација која ме води кон вредности и оригиналност – но ми се чини дека моите француски и европски читатели и книжевни критичари имаат посебно разбирање за овој демарш.
Не ќе можам никогаш доволно да Ви се заблагодарам, на сите вас, за овој
незаборавен чин на почит и пријателство. Нема ниту еден единствен лик овде меѓу вас што не го познавам и што не го ценам. Тоа е за мене и за моето семејство најдрагоцениот миг што може да се случи, бидејќи ние умееме да живееме само преку споделувањето.
Почитуван господнине амбасадор Тимоние, Ви благодарам од дното на срцето
што ми го доделивте одликувањето Офицер од редот на Легијата на Честа, што за мене и за членовите на моето семејство, овде присутни или отсутни, претставува симбол на стогодишната верност кон големите вредности на Франција на Балканот и во светот.

publie le 04/05/2017

hautdepage