Фестивал на француски филм во Македонија, 18-22 јуни 2014 година [fr]

JPEG

„Госпоѓо министер за култура, драга Елизабета Канческа-Милевска,
Господине амбасадор Плевнеш,
Господине директор на Агенцијата за филм,
Господине директор на Младинскиот културен центар,
Драг господин Зоран Летра,
Госпоѓо директор на Центарот за култура од Охрид,
Драги пријатели новинари,
Драги партнери на фестивалот,
Драги пријателки од агенцијата Публицис,

Ми претставува огромно задоволство што сум овде со вас за да го најавам седмото издание на Фестивалот на француски филм во Македонија што е главен настан во рамките на културните размени меѓу нашите две земји и ви се заблагодарувам што дојдовте во толку голем број. Она што започна во 2008 година, како авантура меѓу две кинематографски школи благодарение на комуникативноста и аурата на Амбасадорот Плевнеш, денес се вкорени како клучен датум, како очекувана средба во месец јуни и како момент за среќавање на нашите кинематографии. Оваа авантура секако немаше да се случи доколку уште од самиот почеток не ја доби неизмерливата поддршка и безусловна помош од министерката за култура, г-ѓа Елизабета Канческа-Милевска, на која уште на почеток би сакала многу да ѝ се заблагодарам.
За време на седумте изданија, Фестивалот на француски филм порасна и се зголеми. Оваа година, фестивалот ќе се одржи од среда, 18, до недела, 22 јуни 2014 година, а програмата ќе се одвива на повеќе локации во Скопје и Охрид. Би сакала веднаш да им се заблагодарам на институциите кои го поддржуваат фестивалот: Агенцијата за филм чиј директор, г. Дарко Башески секогаш нè следел, Младинскиот културен центар со двете кино сали „Милениум“ и „Фросина“, Кинотеката на Македонија со која имаме соработка за која никогаш нема да најдам зборови за да кажам колку е исклучителна, како и Центарот за култура од Охрид.

Еден фестивал подразбира копии, права за проекции, гости, јас би сакала особено да им се заблагодарам на претставниците на регионот Долна Номандија и на Охридска Банка – Сосиете женерал групација бидејќи без вашата одлучна поддршка, Фестивалот немаше да постои. Нашите пријатели од Пежо нè поддржуваат како и секоја година и ви благодарам за тоа. Извонредната рекламна кампања и овој клип што можете да го видите драга публико, ѝ го должиме на агенцијата Публицис која се вложи со многу елан во промоцијата и подготовката на фестивалот.

Фестивалот направи промена во својата програма која оваа година осцилира меѓу три клучни збора:
-  избор на квалитетни филмови,
-  средби со гостите на фестивалот,
-  нашата обврска за сеќавање.
Ние сите сакаме поголемо присуство на француското и европското кино во кино салите и токму затоа ние во изборот предвидовме квалитетни филмови отворени за широката јавност. Според тоа драга публико, вие можете на отворањето на фестивалот, во среда на 18 јуни 2014 година, во 20:30 часот, во кино „Милениум“, да го погледнете филмот „ Ке д’Орсе“ на Бертран Таверние, потоа во четврток на 19 јуни 2014 година, во 20:30 часот ќе продолжиме со биографскиот филм „Ив Сен Лорен“ на Жалил Лепер кој истовремено ќе биде прикажан во киното „Фросина“ во Скопје и во Центарот за култура во Охрид. Потоа, ќе можете да ги погледнете „Венера во крзно“, новиот филм на Роман Полански, „Покажете го јазикот, госпоѓице“, на Аксел Ропер, и овде ќе запрам и ќе ве поканам да ја погледнете програмата.

Оваа година, наши гости на фестивалот се: продуцентите Фредерик Бурбулон и Ален Мајор, актерот Жаки Бероаје, комичарката и режисерка Жосефин де Мо и режисерот Фредерик Шендорфер. Ние им дадовме целосна слобода за тие да се претстават со филм по нивна желба и вие драга публико, ќе можете да се сретнете и да дискутирате со нив по завршувањето на нивните проекции. Нашиот почесен гостин, г. Бертран Таверние, за жал нема да може да дојде за отворањето поради здравствени причини, но ние ќе можеме за време на церемонијата за отворање да го погледнеме неговото видео полно со емоции.
Како што знаете, оваа година е година на комеморации: стогодишнина од Првата светска војна и седумдесетгодишнина од Истоварувањето на сојузничките сили. Ние сакавме да им оддадеме почит на оние што загинале преку два филма:

-  „Капетан Конан“ од Бертран Таверние,

-  „Светлината на зората“, документарен филм за Истоварувањето на сојузничките сили на кој со многу труд му беа додадени бои во лабораторија. Вие можете да се сретнете со Бруно Алексиу, композитор и автор на музиката кој ќе го претстави овој извонреден филм за генезата на Истоварувањето.

За да завршам, би сакала само да најавам дека по одлука на организаторите, на фестивалот ќе бидат доделени две награди:
-  награда за животно дело на г. Бертран Таверние,
-  Златна маска од фестивалот на г. Фредерик Шендорфер од кого можете да го видите последниот филм „96 часа“ речиси истовремено со неговата премиера во Париз.

Но, тоа не е сè. Ние веќе можеме да ја најавиме посетата на г. Жулиен Езано кој ќе дојде во месец јули да ги разгледа можностите за потпишување на договор за копродукција меѓу Франција и Македонија што ќе даде нов елан на креативните и аудиовизуелните индустрии на двете земји.
Ми преостанува само да ви посакам да доживеете убава кинематографска авантура од 18 до 22 јуни 2014 година и да ви се заблагодарам драги партнери што ни го овозможивте тоа“.

Можете да ја погледнете програмата за настанотОВДЕ.

publie le 19/11/2014

hautdepage