Франција е секогаш на страната на граѓаните на Македонија [fr] [sq]

Пред почетокот на годишната конференција на француските амбасадори којашто ќе се одржи од 27 до 31 август во Париз во присуство на претседателот Макрон, весникот Вечер го праша амбасадорот за француските ставови за Македонија и за Западен Балкан, особено од перспектива на референдумот закажан за 30 септември.

Наредната седмица започнува годишниот состанок на сите француски амбасадори со Претседателот Макрон. Што може да очекува Македонија ?

Станува збор за важна средба бидејќи оваа година има и посебна тематика посветена на земјите од Балканот. Регионот повторно се најде во преден план на центарот на интересите во европската политика. Дојде време државите од регионот да одлучуваат за нивната иднина. По дезинтеграцијата и стабилизацијата, самите сега треба да одлучат дали е дојдено време за интеграција. Франција секогаш била присутна во регионот во клучните моменти во одбрана на мирот, на вредностите за слобода и за братство кои и се својствени и да ја подготви европската иднина во согласност со историските аспирации на своите народи. Македонија е исправена пред момент на избор и ќе објаснам зошто мора да бидеме на нејзина страна за да и помогнеме на конкретен начин во спроведувањето на реформите и во исполнувањето на неопходните услови за да учествува во таа европска иднина.

Се вели дека Претседателот Макрон не е наклонет кон интеграција на земјите од Балканот во Европската Унија, дали е тоа точно ?

Претседателот Макрон е убеден европеец и уште од неговото назначување кажа дека местото на земјите од Западен Балкан, местото на Македонија, природно е во европската изградба. По успехот која го доживеа Унијата и кој и овозможи да интегрира голем број на земји, залудно би било да криеме дека по соочувањето со грчката криза, со Брегзитот, со мигрантската криза се појавија низа прашања за решавање. Сето ова во пресрет на европските избори во 2015 година не можеа да останат скриени под тепих, како да ништо не се случило. Претседателот Макрон ја има таа заслуга да предложи реална и поразлична архитектура која ќе ги земе во предвид специфичностите и капацитетот на секоја земја, без утопија или исклучок, како што и самиот напомена во Лисабон. Франција е единствената земја која има јасна визија за иднината и за која повикува на дебата со вклученост на сите европски граѓани. Се сретнав со Никола Попоски кој е Претседател на Националниот совет за европска интеграција на Македонија и со Министерот Никола Димитров за да се организира таква дебата и овде. За нас македонскиот глас има тежина : вие сте веќе во европското семејство.

Која е вашата порака по повод претстојниот референдум ?

Референдумот е од клучно историско значење за вашата земја. Ќе се утврди можноста за вклученост на граѓаните во простор на демократска дебата но и капацитетот и на мнозинството и на опозицијата да се изјаснат за националниот интерес и за европскиот интерес. Пред кратко време група на француски пратеници со различна политичка припадност објавија отворено писмо со поддршка за европската интеграција на Македонија. Тоа е доказ дека земјата оддава попозитивна слика. Истата треба да биде поткрепена со права реформска агенда но и промена во однесувањето. Сеуште има премногу корупција и « заложништво » на државата поради лични интереси. Промените треба да ги охрабриме и да ги помогнеме.

Што би направиле конкретно во Париз за да се унапреди соработката меѓу двете земји ?

Имам состаноци со Синдикатот на француските стопанственици, МЕДЕФ, за да го поттикнам нивниот интерес за земјата, особено во секторите : здравство, транспорт и градежништво, како продолжение на посетата која ја имаше Градоначалниот на Град Скопје во месец април оваа година. Ќе се сретнам и со највлијателните пратеници за европското прашање и ќе побарам неопходни средства за спроведување на соработката како помош во спроведувањето на реформите. На моите власти ќе им кажам дека очекувањата се да бидеме партнери кои бараат но и кои се присутни и благонаклонети. Ќе им кажам и дека сум оптимист во однос на волјата на македонскиот народ за целосна вклученост на европскиот пат и за надминување на инаетот во корист на иднината.

publie le 23/08/2018

hautdepage