Свечености по повод 75-годишнината од ослободувањето на Крива Паланка [fr] [sq]

Во вторникот на 8 октомври, амбасадорот присуствуваше со градоначалникот на Крива Паланка, г. Борјанчо Мицевски и министерот за Локална самоуправа г. Горан Милевски на свеченостите организирани по повод 75-годишнината од ослободувањето на Крива Паланка. Во оваа пригода, градоначалникот на амбасадорот му врачи признание за почесен граѓанин и му го предаде клучот на градот.

Во своето обраќање пред граѓаните на Крива Паланка, амбасадорот им се заблагодари на градоначалникот и на општината за укажаната чест и потсети на постојаната поддршка што Франција ја дава на Северна Македонија од нејзината независност, а истата беше неодамна реафирмирана од претседателот Макрон во рамките на новата француска Стратегија за Балканот. За да го одбележи ова ново жителство, амбасадорот ги покани членовите на Здружението на пензионери кои му подготвија локални специјалитети, да ја посетат резиденцијата на Франција и да ја откријат француската гастрономија.

JPEG

Почитуван господине Министер,
Почитувани господа градоначалници,
Почитувани директори
Господине Генерален секретар,
Драг колега,
Почитувани сограѓани,
Драги пријатели,

Денес се навршуваат 75 години од денот кога Крива Паланка ја славеше слободата. Паднатите борци се завет за идните генерации. Нека е честит денот на ослободувањето!

Ми претставува особена чест и привилегија да бидам почесен граѓанин на Крива Паланка. Таа привилегија за мене има тројно значење: меѓународно, билатерално и лично.

Северна Македонија е полноправна членка на Меѓународната организација на Франкофонијата од 2006 година и таа ги споделува нејзините универзални вредности, кои се вредности на слободата. Франкофоните од Крива Паланка се вистински промотори на францускиот јазик, а јас лично два пати до сега присуствував на франкофонската вечер. И денес ќе искажам благодарност до општината и до градоначалникот, до директорите и секако до професорите по француски јазик за поддршката што им ја даваат на учениците да го изучуваат францускиот јазик и во иднина.

На билатерален план, Франција постојано ја поддржува Северна Македонија од нејзината независност до денес, по патот што води кон интеграција на земјата во европските и евро-атлантските структури. На иницијатива на Претседателот Макрон, Франција спроведува Стратегија за Западен Балкан, а ние амбасадорите добивме насоки како нашата земја да биде поприсутна во овој регион. Посакувам вредностите на нашата соработка да достигнат повисоко ниво во годините што следат, особено со активностите на Француската Агенција за развој.

На личен план, ќе кажам дека имав среќа да бидам амбасадор во оваа убава земја. Во земја од која се очекуваат чуда. По долгиот и тежок пат, да погледнеме веќе кон иднината, да се мобилизираат сите таленти и сета добра волја. Посакувам Северна Македонија што поскоро да го добие своето место во европското семејство. А дотогаш, во едно сум сигурен ! Следниот пат кога ќе дојдам во Крива Паланка, навистина ќе се чувствувам како дома.

Ви благодарам.

publie le 10/10/2019

hautdepage