Говор на г-ѓа Лоренс Оер, Амбасадор на Франција за време на отворањето на обуката „Економски и финансиски истраги“ [fr]

JPEG

Госпоѓо директор, драга Анета,
Господа француски експерти, драг господин Летокар, драг господин Пјер,
Драги судии и јавни обвинители,
Драги студенти на Академијата,
Дами и господа,

Амбасадата на Франција и Академијата за судии и јавни обвинители на Македонија од одамна развиваат плодна соработка која беше започната уште при создавањето на Академијата. Во рамките на тековниот меморандум за соработка што беше потпишан на 31 јануари 2012 година, беа организирани дури седум обуки, како и студиски посети во Бордо и Страсбур. Згора на тоа, француски слушатели редовно доаѓаат овде во Скопје со цел да ја завршат својата обука.

Не може да има владеење на правото без вистинска правда. Според тоа, судиите и јавните обвинители треба да бидат совршено обучени, свесни за културната и социјалната средина во која ќе ја спроведуваат правдата. Овие семинари имаат двојна цел: стручна обука и интелектуална надградба. Во согласност со идејата дека „се учи и кога се предава“, јас сум убедена дека француските експерти ќе научат исто толку како и слушателите за време на оваа дебата.

Денешната тема повторно истакнува колку нашите семинари се посветени на тековни прашања. Бробата против корупцијата и перењето на пари е неопходност во ова време. Иако корупцијата и опстојувањето на организираниот криминал се стари колку и државата, можностите за комуникација и за парични трансфери прават борбата против ваквото штетно ткиво на државата да биде особено тешка. Кај граѓаните брзо се раѓаат сомнежи за пари со сомнително потекло, а тоа ја дискредитира државата, ги деградира лидерите, му напакостува на јавниот морал. Единствено независната, транспарентна и објективна правда може да биде бедем на демократијата против злото какво што е корупцијата.

Судиите водејќи го тимот за истрага, гарантирајќи го почитувањето на постапките, користејќи ги сите национални и меѓународни алатки што им се на располагање, претставуваат неопходна противтежа на моќта на сомнителните пари.

Господата Летокар и Пјер се одлични експерти што ќе поттикнат дебата и продлабочување на размислувањата и ќе одговорат на големите очекувања поради важноста на темата посветена на борбата против финансиската деликвенција.

Господин Орелиен Летокар е доктор по приватно право, тој е судија од 2006 година, пет години беше истражен судија пред да стане дел од Дирекцијата за криминални прашања и помилувања каде во моментов работи на борбата против перењето на пари, сајберкриминалот, фалсификувањето на пари во Канцеларијата за борба против организираниот криминал, тероризам и перење на пари. Господин Режи Пјер е судија од 2001 година и имал многу задолженија поврзани со нашата тема. Тој е специјалист за финансиска трговија и економски прашања и во моментов е потпретседател задолжен за истрага во Нанси. Поради неговите функции, тој работи на многу меѓународни активности и според тоа ќе биде во можност да ви одговори на сите прашања поврзани со меѓународната соработка.

Квалитетот на оваа обука ме поттикнува да размислувам за контурите на некој иден циклус на обуки како симбол на силната поврзаност меѓу Република Македонија и Франција. Сепак, тоа е друго прашање. Ми преостанува да ви посакам успешна работа и многу плодни дебати.

Ви благодарам.

JPEG

publie le 20/02/2015

hautdepage