Говор во македонското Собрание на господин Арлем Дезир, Државен секретар за европски прашања [fr]

Госпоѓо Заменик-претседател на Комисијата за европски прашања,
Почитувани членови на комисиите за надворешни работи и за европски

прашања,
Дами и господа пратеници,

Ми претставува големо задоволство и чест да Ви се обратам денес, во Вашето Собрание. Сакав да бидам во можност да се сретнам со Вас при мојата прва официјална посета на Скопје. Дојдов придружуван од г-дин Филип Дирон, пријател на Македонија којшто многумина од Вас го знаат по неговиот ангажман во полза на пријателството помеѓу Франција и Вашата земја. Пратеник од Калвадос, во Нормандија, тој е и претседател на групата за пријателство Франција-Македонија. Придружуван сум исто така и од Н. Е. Госпоѓата Лоранс Оер, Амбасадор на Франција во Македонија, како и од делегација од Министерството за надворешни работи.

Среќен сум што по многу важниот договор постигнат прво на 2 јуни, а потоа и на 15 јули, и еден ден по враќањето на пратениците на СДСМ во Собранието, овој состанок се одржа во состав каков што е денешниот. Тоа му дава еден исклучителен карактер. Затоа, им се заблагодарувам на сите кои направија овој момент на размена да биде можен, посебно Вие, госпоѓо Заменик-Претседател.

За време на разговорите со членовите на Владата, како и пред Вас, би сакал да се потсетиме на посветеноста на Франција кон европската интеграција на Македонија и на цел Западен Балкан. Таа посветеност Франција ја искажа уште на самитот во Загреб, во 2000 г. Поддржувајќи ја перспективата за интеграција на земјите од регионот.

Со убедување дека Европа ќе биде обединета само кога ќе се приклучи кон неа и Балканот, Претседателот на Републиката, Франсоа Оланд, учествуваше во јули 2013 г. на повторното отпочнување на процесот од Брдо, а ние во Париз идната година ќе бидеме домаќини на конференција за иднината на Западен Балкан, по конферециите што се одржаа во Берлин и во Виена.

Ако понекогаш во Македонија или во регионот, политичките опции може да имаат впечаток дека Европската Унија и нејзините држави-членки не се доволно присутни, дека премногу бараат, дека доцнат со ветеното, сакам овде да потсетам на силната француска посветеност и на длабочината на нашите врски и на значајната соработка која нè поврзува, одбележана низ историјата преку Охридскиот рамковен договор и улогата на повеќе личности како Робер Бадентер, Франсоа Леотар или дипломатот Ален ле Роа. Ние одлучно сме со Вас, за заедничка европска иднина.

Мојата посета доаѓа во време кога беше потпишан политички договор меѓу четирите најголеми партии во земјата, а благодарение на посредството на еврокомесарот Јоханес Хан. Знам дека разговорите на работните групи продолжуваат, термините се еден по друг и предизвиците се големи. Но треба да се зачуваат датумите за да може предвремените избори, предвидени за 26 април 2016 година, да се одржат во смирена клима, во рамките на коректни правни, технички и политички услови и земјата конечно да излезе од политичката криза.

Но, едно нешто мора да биде јасно: целосното спроведување од страна на сите партии на обврските во рамките на овој договор е неопходност. Вие сте повеќе свесни за тоа од кој било друг: една држава не може да функционира без парламент што ги носи законите, со договорени процедури помеѓу партиите од опозицијата и мнозинството.

Затоа би сакал да ја истакнам историската одговорност пред којашто сте исправени, што ја прифативте согласувајќи се да работите повторно заедно, за да може Македонија да се врати на патот кон Европа.
Добро знам дека има тешкотии, особено ревизијата на избирачкиот список, воспоставувањето на комисијата за надзор, на анкетната комисија, назначувањето на специјален обвинител - ова е веројатно, сепак, првиот важен чекор што треба да се направи до 15 септември; знам дека имате волја за тоа. Ова сите во Европа го забележуваат; тоа ќе биде тест - елемент во спроведувањето на договорот од 15 јули. Влогот е голем за Вашата земја, како и за целиот регион и за Европската унија.

Пристигнав во Вашата земја, во време кога таа се соочува со кризата со мигрантите. Балканскиот пат, како што сега се нарекува, стана најважен за овие бегалци што бегаат од војни и прогонства, по пристигнувањето преку Средоземното Море, најчесто на европските брегови. Многу од нив стигнаа во Италија пред почетокот на летото. Пристигнуваат сега, се побројни од Грција преку Македонија, Србија, во обид да стигнат во Европската унија.

Мора да се справите со криза што е мошне сериозна и без преседан, за што ќе биде потребна европската солидарност. Европскиот комесар Стилианидес најави дека Европската комисија ќе деблокира средства во висина од 1,5 милиони евра.

Но, најверојатно ќе биде потребно многу повеќе поддршка во однос на техничката соработка, така што овие мажи и жени во неволја да бидат третирани човечно, оние кои имаат право на меѓународна заштита и азил да добијат статус на бегалци и да бидат прифатени во сите земји од Европската Унија, преку солидарна распределеност.

Во Грција треба да се воспостават центри за регистрација или таканаречени « hotspots » центри за да економските имигранти кои немаат право на статус на политички бегалец можат да се вратат дома, како дел од договорот со нивните земји на потекло.

Соработката со земјите на потекло е важна. Ќе биде одржан самит во Ла Валета во ноември, за да се воспостави дијалог со африканските земји на оваа тема. Постои итност. Исто така, за да бидеме во можност да се соочиме со сите овие предизвици. ќе се одржи самит за ситуацијата со имиграцијата на Балканот, до крајот на годината.

На тој план исто така, бидејќи Вие ќе треба да обезбедите хуманитарна помош, да се соочите со објективни тешкотии на границата, ЕУ и Франција ќе бидат целосно мобилизирани заедно со Вас.

Оваа криза покажува дека не постои алтернатива на европската перспектива. Заради стабилноста, безбедноста, солидарноста, апсолутно е јасно дека мора да работиме за Македонија утре да стане земја-членка на Европската унија.
Ова ќе значи дека многу прашања повторно ќе бидат дискутирани со нашите партнери, за прашањето за името, со Вас овде, но исто така и со Владата на Република Македонија, која ќе биде составена по изборите во април. Ќе зборувавме за реформи, владеењето на правото, независноста на правниот систем.

Тоа е неопходност за Македонија и тоа го очекуваат граѓаните, но исто така претставува императив за да се тргне по патот кон Европа, на чијшто крај се наоѓа пристапувањето кон Европската унија. Франција ќе биде многу мобилизирана за да Ви помогне во активностите што ги презедовте.

Ви благодарам.

publie le 04/09/2015

hautdepage