Интервју на Гѓа Лоренс Оер објавено во Утрински Весник [fr]

Годинава се одбележуваат 20 години од француско-македонските дипломатски односи. Како ги оценувате нив во моментов со оглед на скептицизмот што постоеше досега поради чувството на наклонетост на Вашата земја кон Грција?

Се надевам дека овој скептицизам не е повеќе актуелен, бидејќи во јули претседателот Франсоа Оланд, на неформалниот самит на шефови на држави во Брдо, искажа многу силен став во полза на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан и, притоа, најави дека Франција повторно ќе се ангажира во регионот. Важно е да се повтори тоа, затоа што токму за време на француското претседавање со ЕУ во 2000 година во Загреб се даде европска перспектива на регионот од страна на целата ЕУ. Беше важно францускиот претседател да го повтори тоа што важи и за Македонија. Тој потсети дека има динамика во земјите од Западен Балкан со потпишувањето на договорот меѓу Србија и Косово во април, со влегувањето на Хрватска во ЕУ и околу кандидатурата на Албанија по изборите во јуни. Тоа е рамката во која се дава француската поддршка објавена во Брдо, каде што претседателот јасно кажа дека поради добрите односи на Франција со Грција, тој ќе помогне за излез од ќорсокакот во кој се наоѓа прашањето за името. Се разбира дека треба да се најде заеднички прифатливо решение под покровителство на ОН, но и на будното око на ЕУ. Да потсетам, заклучоците од Европскиот совет во декември лани го поставија прашањето за името.

Се случува ли нешто конкретно на тој план. Има ли резултати од таа понудена помош?

Да, повторниот ангажман на Франција се остварува преку назначувањето специјален претставник на Министерството за надворешни работи за Балканот. Станува збор за поранешниот министер за одбрана кој ја познава добро Македонија, Ален Ришар. Конкретното ангажирање е и преку политички билатерални посети, особено од страна на министерот надлежен за европски прашања, Тиери Репентин, кој во септември го посети регионот. Исто така, подготвуваме серија средби и состаноци меѓу преставници на Франција и на Македонија во наредните месеци, а наедно ги подготвуваме сите разговори што ќе се случат во Њујорк на Генералното собрание на ОН. На Брдо веќе имаше официјална средба меѓу Никола Попоски и Лорен Фабиус, што значи е воспоставен контактот за да се напредува околу сите теми што ги иницира претседателот Оланд.

Дали ќе има некоја иницијатива околу спорот за името од Франција?

Како што знаете, преговори се водат во две насоки. Во моментов се подготвува извештајот на Европската комисија и сега немам некои посебни информации во однос на неговата содржината. Се случи, исто така, посетата на медијаторот Метју Нимиц. Ние учествуваме постојано и во консултациите и во контактите, и посакуваме да се најде заеднички прифатливо решение во двете рамки на преговори. Франција ќе направи се’ што е можно за да помогне. Перспективата за евроинтеграција на Македонија за нас е приоритетна цел. Јас добив задача од францускиот претседател да направам се’ што можам таа да успее, така што во амбасадата воспоставивме конкретни механизми за да напредуваме во таа насока.

Кој е мотивот на Париз по видливото отсуство да се врати повторно на Балканот и да ја турка евроинтеграцијата на земјите во регионот?

Франција беше неизмерно присутна како водечка нација, на пример, во операциите на мисијата „Конкордија“ во 2003 година и кога се склучуваше Охридскиот договор, па повторното ангажирање е природно, толку колку што беше неприродно отсуството. Франција одигра важна улога уште од 1991 година, и не само тука, туку и во Босна, во операциите во Косово... Западен Балкан преставува наше блиско соседство, бидејќи станува збор за пријателски земји со кои ние споделуваме заедничка историја. Бевме многу присутни веднаш по распаѓањето на поранешна Југославија во сите процеси за стабилизација и затоа отсуството веднаш се забележа. Нашето присуство во Западен Балкан беше и физичко и со буџетски средства, со спроведување на проекти и со конкретна соработка.

Неофицијално се најавува дека во следниот извештај ќе биде повторена препораката на ЕК за преговори со Македонија, но дека таа повторно нема да се најде на дневен ред на самитот во декември. Според Вас, какви се шансите, сепак, да биде донесена одлука за преговори?

Во овој момент не располагам со информации во однос на препораките на ЕК. Треба да почекаме уште еден месец за Комисијата да ја заврши работата. Но, не се сомневам дека ЕК ќе ги обедини сите елементи, особено резултатите што беа постигнати за Анкетната комисија во извештајот. Дури подоцна, кога извештајот ќе им биде доставен до земјите-членки, ќе знаеме што ќе содржи тој и каков ќе биде дневниот ред на Европскиот совет. Одлуките се носат за секоја земја посебно, а регионалната динамика оваа година беше многу силна. Така што моментно се разговара за одлуката за почеток на преговори со Србија, ќе се оценат изборите на Косово на 3 ноември, така што ќе има многу теми за разговор. Се’ уште не знаеме дали одлуката за вашата земја ќе се најде на дневен ред. Моментално се разговара за тоа.

Епилогот од Комисијата од 24 декември беше еден од главните услови Македонија да се надева на преговори. Дали е доволно тоа што беше утврдено само прекршувањето на Уставот, но не и кој ќе одговара за тоа?

Станува збор за Комисија за утврдување на фактичката состојба меѓу страните. Тоа се основните нешта што фигурираат во договорот од март, што беше донесен со помош на еврокомесарот. Анкетната комисија се состана на 14 јуни во присуство на меѓународни набљудувачи, при што се дадоа одредени забелешки со цел да не се повторат вакви настани. Она што беше сугерирано, како процедура за усвојување на буџетот, како процедура за да се гарантира работата на новинарите и безбедноста во рамките на Собранието, ќе им овозможи на парламентарните групи да продолжат да работат во мирна атмосфера. Сите ја споделуваат истата загриженост - да не се повторат вакви случувања.

Кој е ставот на дипломатите за последните измени на Законот за медиуми?

Ниту една институција од ЕУ не го бараше законот за медиуми. Европската комисија го кажа тоа јасно повеќепати, а особено на 13 август. Притоа, ЕК кажа дека во рамките на европските правила треба да се пренесе директивата за аудиовизуелните услуги, но Законот за медиумите не е барање на Брисел. Во демократиите печатот е чувствителен сектор, важен за слободата на изразување. Во Франција обично велиме дека медиумите се бели дробови на демократијата, дека таа дише преку нив. Затоа ЕУ е доста претпазлива во однос на условите во кои работат новинарите овде.

Условите, покрај тоа, се и екстремно техничка материја, како што го покажаа посетите од меѓународните експерти, особено од Советот на Европа до кои беа доставени предлог-законите за медиуми. Има две причини прашањето на медиумите внимателно да се уредува. На пример, интернетот денес нема никакви граници, а новинарската професија не се остварува како пред десет години. Медиумите денес, технички кажано, објавуваат постојано информации, а социјалните мрежи ги придвижија многу работите. А бидејќи тие се бели дробови на демократијата и бидејќи станува збор за мошне сложена и техничка материја, медиумите треба да се уредуваат со договор и со доверба, особено кога сакаме да смениме некои правила. На пример, во Франција воопшто не е декриминализирана клеветата, но да се докаже таа е толку тешко што во реалноста е речиси невозможно да успее таков процес. Бидејќи тој што суди треба да ги докаже фактите, а потоа и да докаже дека е криминал тоа што е објавено во медиумите.

Како гледате на обвинувањата од опозицијата дека во Македонија, како земја-кандидат за членство во ЕУ, има премногу апсења, застрашувања, лустрирања...

Не сметам дека е наша улога, ниту моја улога како амбасадор, и покрај кандидатскиот статус за ЕУ, да ги коментирам сите настани. Мојата цел е да бидам од корист и да бидам ефикасна. Тоа значи кога сакаме да упатиме пораки, го правиме тоа, но кај властите, а не јавно. Мислам дека тоа е најдобриот начин да придонесеме долгорочно за народот и за земјата.

По сите случувања во и околу земјата, можно ли е, според Вас, Македонија формално да крене раце од евроинтеграцијата?

Прашањето треба да се постави до властите во Македонија и до граѓаните во однос на визијата што тие ја сакаат за земјата за десет или 20 години. Прашањето може да се постави и на друг начин. Има ли друг пат освен европската интеграција? Постои ли друга алтернатива. Кој идентитет и’ треба на земјата во глобализираниот свет. Каква иднина?

Ние организираме многу дебати за евроинтеграцијата, за меѓуетничките односи, за иднината на земјата и за нејзиното приближување кон Унијата. В понеделник ќе се организира уште една таква дебата со учество на француски експерти и се надеваме дека голем број лица, особено млади, ќе бидат заинтересирани да учествуваат во неа.

Франција е петта економија во светот, но и со таква економска моќ трговската размена со Македонија е речиси невидлива. Со оглед на тоа дека Владата имаше роуд-шоу летово во Вашата земја, има ли некаков резултат?

Станува збор за комбинација од причини. Нашите извозни компаниите се огромни. Лидери сме во областа на водата, козметиката, фармацијата, сите ги знаат „Лореал“, „Ербас“ и други компании во различни сектори, каде што се потребни огромни инвестиции за ниво присуство. Она што се обидуваме тука е да најдеме средни претпријатија во некои поадаптирани сектори кон македонскиот пазар, за да донесеме алтернативна понуда. Не се знае секогаш дека француските претпријатија се присутни овде, во изградба на патиштата, на инфраструктурата, на делови од автомобилската индустрија, сите ги знаат „Рено“ и „Пежо“. Но, она што е чудно е дека тие воопшто не сакаат да се експонираат и не бараат поддршка од амбасадата. Затоа решивме да организираме економски форум за да зборуваме за Франција, за француските претпријатија „Публицис“, „Карфур“, кои можат да придонесат особено во областа на агропрехраната. Мислам дека може да се воспостави техничка соработка која би била многу квалитетна и таа да доведе до склучување договори. Економскиот форум ќе се случи во октомври.

JPEG

publie le 08/10/2013

hautdepage