Интервју на Госпоѓа Лоренс Оер дадено за Утрински...

Интервју Лоренс Оер

Институциите да се издигнат над партиите

JPEG

Слободанка Јовановска

Дојдовте во Македонија во тежок политички период. По постигнатиот политички договор во Пржино, сметате ли дека конечно е решена политичката криза во земјата?

- Политичкиот договор од 15 јули и’ овозможува на земјата повторно да се врати на европскиот пат. Многу важно е институциите повторно да си ги преземат своите надлежности, а особено самите тие да го наметнат својот авторитет врз политичките партии. Овој договор ни овозможува да гледаме долгорочно и да ги земеме предвид генералните интереси на земјата, а институциите повторно да функционираат нормално и демократски. На земјата и’ требаше поттикнување бидејќи состојбата беше деградирана. Се надеваме дека со овој договор таа ќе се врати на европскиот пат, а тој ќе се спроведе со добра волја од сите страни.

Што, според Вас, беше пресудно премиерот Никола Груевски да најави оставка, а опозицијата крај на бојкотот?

- Лично не учествував во преговорите, но ние овде бевме многу активни во придружувањето на можноста да се постигне договор. Сите бевме убедени дека комесарот со своето доаѓање ќе успее во тоа. Она што беше одлучувачко за самиот договор беше токму идејата дека повторно ќе се вратиме на европскиот пат. Важното, според мене, треба да се случи пред летото, бидејќи периодот по одморите ќе биде почеток и на агендата за реформи од овој договор. По толку месеци преговори, се обврзавме на некој преоден период. Сите македонски граѓани очекуваа нивните политички лидери одговорно да се однесуваат. Мислам дека тоа имаше пресудно значење, но и доаѓањето на еврокомесарот и фактот дека самите граѓани очекуваа од одговорните политички лица да стават крај на кризата.

Која е, според Вас, гаранцијата дека договорот овој пат ќе се оствари? Како ќе бидеме сигурни дека ќе има вистински промени и дека нив треба да ги изведат тие што до вчера свесно работеа во спротивен правец?

- Она што е важно од втори јуни е да се разбере дека овој договор вклучува прашања како да се организира Владата во преодниот период и како да се спроведат реформите. Ќе инсистирам на роковите и на агендата тука. Првиот важен чекор од политичкиот договор, со цел да се воспостави довербата, е да се назначи специјалниот јавен обвинител, кој ќе биде независен и ќе може да поведе истраги за сето она што граѓаните можеа да го слушнат преку објавените прислушувани разговори. Тоа е првата точка што треба да се оствари. Во право сте кога велите како можеме да имаме доверба дека договорот ќе се спроведе. Мојот одговор е дека мошне брзо ќе се наметне потребата од неговото назначување и тоа ќе биде првата етапа од спроведувањето на низа други работи за да можат институциите да функционираат.

Дали судскиот процес против лидерот на СДСМ, Зоран Заев, е дел од мандатот на новиот специјален обвинител или ќе остане таму каде што е почнат?

- Ова се’ уште не е дефинирано во детали. Се надевам дека инструкциите за новиот специјален јавен обвинител ќе бидат дадени целосно независно и дека нема да изгубиме многу време. Мислам дека важен елемент за граѓаните повторно да имаат доверба во институциите е токму овој предмет да биде третиран како пример и правосудството да си ја спроведе својата работа.

Друг дел од договорот е враќањето на пратениците од СДСМ во Собранието. Зошто е тоа важно? Важно е бидејќи Собранието треба да ги одобри законите и да воспостави рамка за новите административни промени што треба да се случат, како и да го изгласа буџетот. Собранието, исто така, е тоа кое ги контролира севкупните администрации, вклучувајќи ја и ДБК. Станува збор за противтежа, со правосудството и специјалниот јавен обвинител, од една страна и од друга страна, Собранието што треба да почне да си ја игра целосната улога.

Каков сигнал, според Вас, е фактот дека Владата деновиве го изгласа набрзина ребалансот на буџетот, не чекајќи да се врати опозицијата во Парламентот?

- За прашањата поврзани со буџетот и со стопанството, очекувањата се посебни од сите оние што даваат меѓународна помош, но и од меѓународните финансиски институции, како ММФ. Внимаваме македонската економија да функционира долгорочно, јавните расходи да бидат транспарентни, а ребалансот на буџетот или враќањето на долгот кон ММФ да се спроведуваат во рамките за кои ќе се разговара и се преговара од страна на различните власти. Треба сите економски експерти да се согласат околу тоа. Загрижени сме, исто така, и од прелевање на грчката криза, како и околу парите што доаѓаат од меѓународните институции во голем износ во оваа земја. Особено во пресрет на конференцијата на 27 август во Виена, на која ќе се разговара за инфраструктурата на Балканот, при што сакаме земјата да ги искористи сите тие фондови, но тоа да биде на транспарентен и ефикасен начин.

Дали е точна информацијата дека една од заканите за да се потпише договорот за политичката криза била дека ќе ни се одземе и поканата за НАТО?

- Не верувам дека механизмите на НАТО и на ЕУ се наметнуваат тукутака. Станува збор за две меѓународни рамки кои не можат да бидат предмет на каква било уцена некоја вечер во некоја куќа, зашто за нив се разговара долго време, особено во меѓународната состојба која е доста комплицирана. Станува збор за две различни инстанци, ЕУ и НАТО, кои функционираат и имаат правила што се сосема различни. Лично не учествував во преговорите, но мислам дека прашањето за евроатлантска интеграција на земјата - визијата што не’ водеше да го постигнеме тој договор – не било предмет на разговор овде, како наметнување услов или ултиматум.

Како ја коментирате најавата од Владата дека Македонија е подготвена да прифати прием во НАТО со референцата? Менува ли тоа нешто?

- Ги имаме заклучоците од НАТО-самитот и обврзани сме да ги спроведуваме се’ до наредниот самит. За жал, не можам да кажам дека не држат повеќе и дека има други предлози. Подготовките за следниот самит се во тек, се проучуваат сите предлози, ги има во голем број и би било преурането сега да го кажам своето мислење.

Зошто во договорот од Пржино не се споменува воопшто настанот од Куманово?

- Од втори јуни се обидуваме да ги дефинираме иднината и преодниот период, во кој постои демократско функционирање на институциите. Токму затоа со месеци наназад Франција, како и целата ЕУ, бараа прислушуваните разговори да бидат дел од договорот, поради содржината, зашто за демократско функционирање на земјата, неопходно е расветлување на сите прашања. Како, на пример, поделбата на различните власти, разграничувањето на владата од партијата и правната држава. За кумановските настани ќе кажам дека тие не се на исто ниво. Тука воопшто не сакам да кажам дека станува збор за операција или можеби истрага што не е важна, само дека тоа е посебен случај. Договорот од Пржино е договор со кој требаше да се подготви иднината, за да бидеме сигурни дека кога ќе треба да се организираат избори, ќе се одржат во транспарентни и коректни услови. Многу е важно што ќе се случува во преодниот период, бидејќи времето е многу кратко.

Ќе биде ли Франција инволвирана во процесите идните месеци што треба да не’ извадат од кризата?

- Отсекогаш сме биле дел од сите важни одлуки и процеси што ги преземаше од самото основање македонската држава. Нашата земја, без разлика дали од Брисел, од Париз, од Виена или од Брно, учествува во сите етапи од основањето на македонските институции. Франција отсекогаш е присутна и така ќе биде и во иднина. Стабилноста на Република Македонија е инвестиција во која учествува и француската република, преку севкупната соработка што ја спроведуваме и преку човечките контакти што веќе ги имаме воспоставено овде. Воопшто не сакаме во момент кога на земјата и’ е потребна Франција да ја намалиме нашата активност, туку обратно.

Сепак, деновиве е откажана посетата на францускиот министер за евроинтеграција, а требаше да биде прва од 2010 година...

- Треба да знаете дека никогаш не сме ги прекинале официјалните односи туку баш спротивно. Постојано во текот на последните две години имаше контакти на многу високи нивоа. На министерско, двајцата министри за надворешни работи се слушнаа телефонски и имаа средба, а во јуни имавме посета од четири македонски министри во Париз, како и на премиерот исто така. Важни се контактите на високо ниво, но уште поважно е да се сочува можноста за контакти на економски план, за да не се обесхрабруваат француските претпријатија да дојдат овде и да се смени сликата за Република Македонија во Франција. Во посета на Париз беа министрите Зоран Јолевски, Абдулаќим Адеми и Горан Мицковски, како и градоначалникот на Скопје. Со согласувам дека можеби треба да има рамнотежа и француските министри да ги гледаат македонските не само во својата земја, туку и надвор. Но, и тоа е новиот елемент од овој период, што ќе биде период на неизвесност, бидејќи ќе има преодна влада со краток рок чија задача ќе биде да организира избори. Токму тоа е, всушност, идејата за излегување од кризата - да се воспостават многу бргу редовни односи и контакти.

Еврокомесарот Хан изјави дека договорот ја отворил широко вратата за евроинтеграција на Македонија и може да ги разубеди тие што ги блокираат преговорите за членство со Унијата? Дали е тоа најава за разубедување на Грција?

- Се согласувам со комесарот околу политичкиот договор бидејќи ни овозможува да гледаме подалеку. Сите треба да гледаме подалеку, но и да бидеме внимателни и да не даваме лажни надежи и ветувања. Ако имате предвремени избори, тоа не значи исполнување на критериумите за почеток на преговори. Но, убедена сум дека ако договорот се почитува и ако можеме повторно да гледаме кон иднината, ќе гледаме далеку. И ќе може да се решат сите прашања што постојат и земјата да се доближи уште повеќе до патот на евроинтеграцијата. Во секој случај, тоа е желба и на Франција.

Македонија и Србија се соочуваат со голема бегалска драма, а не се заштитени со механизмите на ЕУ. Ќе дозволи ли Унијата да ја платиме цената на неподготвеноста на нејзини земји-членки, пред се’ Унгарија, да се справат со бегалците?

- Најнапред, би сакала да кажам дека прашањето со бегалците е двојно прашање. Во Република Македонија постои транзитен пат што е познат со години наназад. Познато е дека низ земјата транзитираат имигранти, најчесто нерегуларно, кои Европа сака да ги обесхрабри на некој начин. ЕУ, исто така, нема огромна територија да ги прифати сите бранови со бегалци кои, поради економските состојби, ги напуштаат своите земји. Има и значителен бран имигранти кои бегаат од војната на Блискиот Исток, вклучувајќи жени, деца, па и цели семејства од Сирија. Не сакаме да не се соочиме со сопствените одговорности, така што во рамките на амбасадата веќе имаме екипа која испраќа информации во Франција, која дејствува на теренот и која работи во тесна координација со институциите на ОН. Целта е да се даде одговор во мултилатерални рамки, да им се обезбедат информации и на овие бегалци да им се даде помош што е најадекватна за ситуацијата.

линк до интервјуто http://www.utrinski.mk/default.asp?ItemID=6731BD58F17EBE428034D1CAF928483A

publie le 31/07/2015

hautdepage