Интервју на амбасадорот на Франција за информативната агенција Журнал [fr] [sq]

Во интервјуто за информативната агенција Журнал, амбасадорот на Франција одговара на актуелни политички прашања

PNG
PNG

- Што мислите за политичката состојба на безизлезност во Македонија? Дали потполната блокада на Собранието од страна на една политичка партија за да се спречи изборот на претседател и формирање влада е нормален и составен дел на демократијата?

Оваа блокада не води никаде и треба да престане. Тоа не е во согласност со одговорноста на големите партии кои сакаат да покажат дека имаат историска улога во консолидирањето на македонската држава. Овие постапки се дел од парламентарните алатки, но нејзиното продолжено траење е несфатливо, гледано однадвор.

- Мислите ли дека е неопходно за Македонија да оди на предвремени избори, бидејќи изборите од 11 декември не дадоа решение?

Ако мислите на локалните избори, тие навистина е потребно да се одржат. Сите градоначалници со коишто се сретнав, без оглед на нивната политичка припадност, се загрижени за последиците од одложувањето на изборите во мај. И ние сами се прашуваме како ќе продолжи континуираната соработка на локално ниво и сакаме да имаме соговорници чиишто функции не се оспорувани.
Од парламентарните избори, што се одржаа во декември, треба да се извлече поука. Тие беа најрегуларните македонски избори од 1991 година досега, според мислењето на сите балкански специјалисти што ги познавам. Сепак, изборите не може да се повторуваат се додека нивните резултати не им одговараат на сите. Исто така постои и прашањето за кредибилитетот на земјата. Најважно е повторно да профункционира парламентот и да се даде слика на една нормална европска земја. Зашто наскоро тоа веќе не ќе може да биде случај.

- Кое е Вашето мислење во врска со платформата на албанските партии, дали таа изјава го надополнува Охридскиот рамковен договор како целина?

Можеби премногу се зборува за тој текст, којшто е изјава на неколку партии на Албанците во Македонија, направен по изборите. Нормално е да постои приближување на ставови околу одредени барања од кои некои се добро познати од поодамна. Не треба тој да биде сфатен како непроменлив, и треба за него да се дискутира меѓу коалициските партнери, па дури и со опозицијата, бидејќи вклучува прашања кои се однесуваат на историјата и идентитетот на земјата, како и практични одредби кои имаат неспорна важност и симболика. По потпишувањето, некои од најголемите партии веќе го сведуваа на четири поени! Затоа постои парламентот, ако зборуваме за принцип. Во секој случај, колку што ми е мене познато, никој не му дава на тој текст ист статус како Охридскиот рамковен договор, потпишан и утврден на сосема различно ниво, и него никој во Македонија не го оспорува, што е многу позитивен момент.

- Како ја оценувате ефикасноста на специјалното обвинителство и дали е неопходно да продолжи неговиот мандат и по конституирањето на парламентот?

Специјалното обвинителство е основано како дел од договорот од Пржино, потпишан од страна на главните партии. Не би можел да направам биланс на активност којашто се уште не е завршена. Ниедна човека институција не е совршена, но јасно е дека тоа обвинителство помогна да се откријат сериозни проблеми кои можеби не се единствени во Македонија, но коишто го интересираат секој чесен граѓанин. Бев генерален конзул со надлежност за Сицилија и јас од тој период се сеќавам на случаи кога имаше сериозно пренесување на некои практики во сите нашите демократии, а коишто се карактеристични за мафијашките кругови. Како е да е, истрагите треба да бидат непристрасни и да не се инструментализирани како средство за политички промени. Од наша гледна точка, она што е важно е дека дејствувањето на специјалното обвинителство ја приближува земјата до европската политичка пракса. Надвор од партиската припадност, бев изненаден од барањата за правда и морал коишто доаѓаат од општеството, тргнувајќи од највисоките црковни достоинственици па до млади луѓе членови на невладини организации. Овој феномен е исто така присутен и во други земји во регионот. Ниту еден политичар не може да го игнорира тоа и говорите за идентитетот не ќе може долго време да бидат замена за овие барања.

- Вашиот коментар на предлогот (манифест) на ВМРО-ДПМНЕ, во кој таа партија бара победничката опција на следните избори да има +20 пратеници?

Овој систем постои и тој има свои предности и недостатоци, како и сите други. Ова е предлог за дискусија помеѓу партиите за којшто ќе биде потребен минимум консензус. Сепак, изборните системи, како и изборните правила, не може постојано да се менуваат заради партиски интереси, бидејќи тоа може да влијае на демократијата. Ова е евидентно со воспоставувањето на правило за принципиелна коалиција, а потоа откажување од тој принцип, што отвора простор за критики. Мора да се признае дека наједноставен можен принцип е веројатно мнозинскиот и секако е најмалку контроверзен, но тој принцип не мора да гарантира стабилност. Сигурно дека, да се дискутира во парламентот за ова би било многу посоодветни од сегашната конфронтација.

- Дали мислите дека албанските политички партии играат конструктивна улога во оваа безизлезност во којашто се наоѓа Македонија?

Албанската заедница е во полн развој и нејзините партии ги одразуваат актуелните прашања. Забележителен е и подемот на новите генерации. Разбирливо е што албанските партии треба да одговорат на барањата за коригирање на неправдите од минатото, но треба да ги видиме, исто така, да играат конструктивна и прогресивна улога, без клиентелизам или општествена себичност, што е сигурно тешко кога станува збор за балканската традиција. Партиите не може да се држат единствено за тие историски барања. Сметаме дека треба пред се да изнајдат заедно со другите партии во земјата еден договор за конкретна реформска програма којашто ќе биде од корист за сите, како што е на пример воспоставувањето на објективен правен систем и квалитетно образование, да работат на сето она што ги обединува заедниците, во врска со изградбата или консолидацијата на заедничката држава. Дали во перспектива е пожелно албанската заедница да еволуира одделно од другите заедници? Етапата од заедничкиот развој е неопходна за да се постигне европска интеграција, бидејќи само современи и функционални држави-членки може да бидат примени во ЕУ.

- Министерот за надворешни работи, Н. Попоски, изјави во средата во Стразбур дека една од причините за оваа криза е блокираниот пат на Македонија во ЕУ (во однос на блокадата на Грција). Што мислите за оваа изјава на господинот Попоски?

Оваа блокада беше еден вид хендикеп. Министерот е во право. Знаеме дека тој работеше напорно со својот грчки колега за напредок и ние ги поздравуваме тие напори, но останува уште многу да се направи, вклучувајќи ги и политичарите од двете земји за да се најде разумен компромис, реален, компромис што ќе го почитуваат сите историските идентитети. Идентитетите, како и имињата може да се споделуваат до одреден степен. Никој не треба да се чувствува понижен од резултатот и големите партии треба да работат во насока на вистинските државни интереси во прв план. Европејците се потешко ја разбираат оваа состојба и може да се побара од двете земји да ги преиспитаат своите позиции. Факт е дека двете страни треба да се охрабрат на меѓусебно разбирање и да ги преиспитаат пропуштените можности.

- Слушнавме изјави за можни пенали / санкции од ЕУ кон Македонија, па дури и кон одредени личности, како Иванов и Груевски. Во која фаза се консултациите меѓу земјите-членки на ЕУ за примената на овие мерки? Под кои околности ЕУ би можела да воведе санкции за Македонија и какви би биле тие санкции?

Вистинските санкции се тие што сами се наметнуваат, од кои првата е заминувањето на квалификувани и храбри млади луѓе, поради немање перспектива или поради немање на тоа чувство дека нивните напори ќе бидат наградени, а нивниот глас ќе се слушне. Тие гласаат со тоа што се одлучуваат да заминат, а штетата е непроценлива. Покрај тоа, меѓународните финансиски институции, големи компании, деловните партнери очекуваат да имаат легитимни политички соговорници за да ги финализираат своите договори или инвестиции. ЕУ, дури и да нема волја за казнување, со своите строги правосудни прописи, веројатно ќе биде приморана да ги насочи своите кредитни ресурси кон поатрактивни и консолидирани партнери. Македонија не може долго да остане земја во развој без да плати голема цена. Доцнењето на патот на интеграцијата се акумулира и ќе биде се потешко да се надополни. А оние кои поради погрешна процена или поради себичност ги потрошиле своите шанси, ќе понесат голема одговорност пред своите сограѓани и пред историјата на земјата.

publie le 08/04/2017

hautdepage