Интервју на амбасадорот за Алсат-М [fr] [sq]

Во саботата на 27 јули, амбасадорот даде интервју за Алсат-М. Во него тој зборува за потребата од темелна истрага за неодамнешните случаи со цел да се врати довербата во правосудството и институциите.

Тој смета дека присоединувањето на Канцеларијата на Специјалното обвинителство кон таа на Обвинителството за борба против организираниот криминал е добро решение, нагласувајќи дека датумот за преговорите зависи од ефикасната борба против корупцијата и спроведувањето на реформите, особено во областа на владеењето на правото и слободата на медиумите.

JPEG

1. Господине амбасадор, каков е Вашиот коментар за неодамнешниот случај кој ја потресе земјата, случајот "рекет" и наводите за можна вмешаност на Специјалниот јавен обвинител во оставка, г-ѓа Катица Јанева? Дали тоа ќе влијае на слабеење на кредибилитетот на оваа институција во очите на Брисел?

И ние останавме затечени, како и македонската јавност... Тешко е да се предвидат сите можни исходи во овој момент. Како и да е, сметаме дека се работи за тежок и мошне значаен случај, бидејќи во времето кога го имавме Договорот од Пржино и ние заедно со други претставници бевме присутни кога се создаваше Специјалното јавно обвинителство. Тоа беше значаен елемент за да се врати кредибилитетот на државата и на правосудството.
Од обвинувањата што ги слушаме околу оваа афера, може да се заклучат две нешта: или се работи за клевети, во кој случај истите треба да бидат повлечени во интерес на честа на личноста за којашто станува збор, како и во интерес на институцијата, или пак се работи за нешто што ќе треба подлабоко да се истражи.
Очигледно е дека за доброто на земјата, за доброто на правосудството, ќе треба да се овозможи комплетна и реална истрага за да нема место за недореченост којашто би била штетна за сите.

2. Владата предлага Специјалното јавно обвинителство да биде распуштено или присоединето кон Јавното обвинителство за борба против организираниот криминал, на чело со обвинителката г-ѓа Вилма Русковска, што беше предлог на Премиерот, г. Зоран Заев. Дали мислите дека решението понудено од Владата е најдоброто можно решение за иднината на Специјалното јавно обвинителство и случаите што ги истражува таа институција?

Се работи за нешто што се случува реално, надвор од институцијата, за што зборувавме и чиишто севкупни заклучоци ќе треба да бидат извлечени од практичен аспект. Веќе имам кажано дека специјалното обвинителство самото по себе носи одреден степен на опасност. Позитивно би било надлежноста на оваа институција да се најде во редот на редовното правосудство. Голем број аналитичари го побараа тоа, како и опозицијата. Тоа значи дека само по себе претставува добар знак што разговорите и забелешките кои можеа да бидат направени во врска со оваа тема, можеби и опасностите коишто се појавија при овој најнов случај, може да доведат до позитивни исходи. Се дискутира во Парламентот и е потребно тоа да се случува во нормални околности помеѓу политичките сили. Секако, постојат забелешки што може да ги дадат експертите. Се наоѓаме во фаза кога треба да се води парламентарна дискусија бидејќи не се работи само за тоа да се разреши еден случај, туку една правосудна рамка, што е во интерес на земјата, во интерес на јавноста. Потребно е да се врати во одреден степен значењето на државата, на одговорноста, а особено да се стави крај на она што се нарекува неказнивост. А тоа е поважно од имињата на поединците. Што се однесува до нив, ќе може да се изнајдат договори меѓу различните политички сили. Потребно е, се разбира, да се најде личност во којашто сите ќе имаат доверба, како на внатрешен, така и на надворешен план, зашто може да се донесат и најдобрите закони на светот и да се изнајдат најдобрите решенија на хартија, но ако се соочуваме со ситуации какви што имаме денеска, не гледам некој голем интерес. Сметам дека апсолутно фокусот треба да биде насочен кон изнаоѓање трајно решение кое ќе биде широко прифатено од актуелните политички сили.

3. До кој степен овој случај и фактот што нема решение за продолжување на работата на Специјалното јавно обвинителство, влијаат врз одлуката на Франција во врска со датумот за отпочнување на преговорите?

Ќе кажам најнапред една општа работа. Сликата за Балканот кај населението во Франција е слика за регион во којшто се случува насилство и каде што има корупција... Случаите за коишто зборувавме, за жал не одат во прилог на подобрување на таа слика, која пак, се разбира, не е единствената кога се работи за овој регион, но треба да се појде од таа гледна точка. Втората работа е постоењето на агендата усвоена во јуни 2018 година којашто требаше да направи преглед на напредокот во однос на правната држава, во јуни 2019 година. Тоа не беше можно бидејќи Бундестагот не беше подготвен во краток рок да го проучи извештајот на Комисијата, што значи дека во октомври ќе има повторно разгледување на состојбата. Постои еден навистина комплетен список со точки коишто се однесуваат на борбата против корупцијата, на одвојувањето на државата од партијата, на реформите во администрацијата, како и во областа на медиумите. Сите овие точки, за жал се наоѓаат во средиштето на случајот за којшто зборувавме. За нив во иднина може да се изнајде решение во рамките на тој закон. Сметам дека две работи ќе бидат разгледувани. Првата е, како овој прв случај во однос на рекетирањето, во однос на телевизијата, во однос на претпоставената поврзаност со политичарите, како тие прашања ќе бидат решени во рамките на тој прв, конкретен случај. Втората работа се однесува на тоа каква ќе биде реакцијата на вклучените политички сили за изнаоѓање на трајно решение што ќе ја врати довербата кај македонскиот народ, но и нашата доверба во правната држава. Не можам да прејудицирам за тоа какви одговори ќе бидат дадени. Има уште време за да се реагира, за да се обнови таа доверба, но извесно е дека очекуваме нешто да биде направено.

4. Лидерите во земјата се речиси сигурни дека Северна Македонија ќе добие датум во октомври за отпочнување на преговорите со ЕУ. Сепак, не го слушаме или не го гледаме истиот оптимизам од страна на највисоките француски функционери, вклучувајќи го и претседателот Макрон! Која е официјалната позиција на Париз, дали земјата ќе добие датум во октомври?

Можам да ви кажам дека одлуката сè уште не е донесена. Ќе се одлучи меѓу државите-членки низ една конструктивна дискусија, преку којашто ќе се одмерат заслугите и недостатоците низ агендата за којашто зборувавме пред малку. Можеби тоа ќе биде прилика да кажеме дека наша појдовна точка ќе биде идејата за реалноста. Вашата желба за Европа добро ни е позната. Таа ги обединува речиси сите заедници во Северна Македонија и ние ја почитуваме. Но, треба за појдовна точка да ја имаме реалноста во земјата. Дали таа е подготвена за преговори, дали правната држава е подготвена, дали јазот помеѓу хартијата и реалноста не е преголем, дали нема да биде потребно дополнително време за подготовка за преговори што ќе бидат корисни. Во спротивно, не зборуваме за реалност туку за желба, што пак значи дека зборуваме за илузија. Ние веруваме во реалноста на европската иднина на оваа земја и затоа треба за појдовна точка да се има реалноста, а неа ја очекуваме во деновите што следат. Да видиме елементи што ќе покажат дека правната држава е способна да одговори на криза каква што имаме во случајот со рекетирањето и исто така, да видиме дека политичките сили се способни да изнајдат заеднички јазик низ конструктивни предлози за во иднина да може да се одбегнат колку што е можно повеќе ситуации од ваков вид кои навистина не оддаваат впечаток, во овој стадиум, дека се работи за европски модел. Иднината е во Европа, а во таа иднина, се разбира, Франција ќе биде покрај вас.

Ви благодариме, господине амбасадор.

Ви благодарам и јас.

publie le 27/07/2019

hautdepage