Интервју на амбасадорот за Коха [fr] [sq]

„Франција го поддржува брзото усвојување на преговарачката рамка што треба да овозможи отворање на преговорите до крајот на годината. Таа настојуваше да се воведе нова методологија за преговори, којашто ќе биде поефикасне, во поглед на конкретните реформи и придобивки за земјата. Сакаме да ја зајакнеме основата на владеењето на правото, што пак претставува неприкосновена основа за нашата заедничка европска иднина “. Во интервју дадено за весникот на албански јазик „КОХА“ во понеделникот, на 7 септември, амбасадорот зборува за актуелната состојба во Северна Македонија, по формирањето на владата, како и за методологиата за проширување што ја предложи Франција, за состојбата во регионот и за последиците од здравствената криза поврзани со пандемијата Ковид-19.

1. Господине амбасадор, владата на коалицијата Заев-Ахмети веќе ја објави владината програма. Кои се очекувањата на Франција од овој мандат од владата на Заев и Ахмети?

Коалицијата е обновена околу заедничката заложба за преземање нови чекори кон европската интеграција на земјата. Тоа значи дека треба да се спроведат договорите за добрососедство кои беа претходно потпишани и земјата да има позитивната улога за стабилноста на регионот. Тоа исто така значи спроведување на реформите со конкретни резултати во поглед на владеењето на правото. Станува збор за продолжување на напорите со цел да се зголеми конвергенцијата на државата на политички, економски и социјален план кон државите на ЕУ. Оттука, се подразбира дека власта ќе траба да биде активна, но и опозицијата, како и општеството во целина. Надвор од вообичаената дебата за едно демократско општество, очекуваме негова широка мобилизација околу оваа европска цел, што подразбира длабоки промени во однос на тоа како се практикува власта, поделбата меѓу партиите, администрацијата и државата, особено ефективната борба против корупцијата. Такви се нашите очекувања, но и тие на сите наши европски партнери.

2. Македонија наскоро треба да започне со процесот на отворање поглавја со Европската унија. Што мислите, каде најмногу стагнира Македонија, во која област?

Франција го поддржува брзото усвојување на преговарачката рамка што треба да овозможи отворање на преговорите до крајот на годината. Таа настојуваше да се воведе нова методологија за преговори, којашто ќе биде поефикасна, во поглед на конкретните реформи и придобивки за земјата. Сакаме да ја зајакнеме основата на владеењето на правото, што пак претставува неприкосновена основа на нашата заедничка европска иднина. Тоа значи дека треба да се посвети поголемо внимание на реалното функционирање на правосудството, непристрасноста на администрацијата и демократското владеење. Сè уште очекуваме напредок во овие области, а тоа пред сè го очекуваат самите ваши сограѓани. Тие со право ја идентификуваат европската надеж преку овој напредок што со нетрпение го очекуваат. А за да се случи тоа, законите донесени во собранието, во согласност со европските критериуми, мора да се применат во пракса и без партиска селективност.

3. За време на Вашиот мандат како амбасадор, каде мислите дека првата влада Заев-Ахмети направи грешки и што според вас треба да биде приоритет во овој мандат на владата?

Коалицијата од 2016 година решително ја врати земјата на патот кон членството во НАТО и ЕУ и му го врати на општеството потребниот простор за функционирање. Сега е потребно справување со внатрешните реформи кои влијаат на воспоставените практики за взаемна поврзаност помеѓу партијата, државата и администрацијата, особено кога станува збор за пристап до работните места и економските придобивки. Исто така, треба да се извлечат сите потребни заклучоци од шокантната девијација на Специјалното јавно обвинителство и да не се повтори тоа огромно разочарување, кое имаше деморализирачки ефект врз општеството. Како резултат на тоа, се појавуваат неповолни концентрации и мешање помеѓу политичката и економската моќ, при што постои ризик од блокирање на патот на општеството кон реалниот европски модел. Која би била придобивката од влезот во ЕУ ако треба и понатаму да постојат нетранспарентни мрежи и системи затскриени зад демократска фасада? Нормално, ова прашање го надминува македонскиот случај, но заслужува отворено да се зборува за него.

4. Во меѓувреме, Северна Македонија има историски и културни спорови со Бугарија. Дали сметате дека Бугарија, како членка на ЕУ, може да го попречи патот на европската интеграција на Северна Македонија?

Бугарија ја поддржа принципиелната одлука донесена во март за отворање преговори со ЕУ. Таа предложи Северна Македонија да биде копретседавач на самитот на таканаречениот Берлински процес за регионална соработка, во ноември оваа година. Двете земји склучија ветувачки договор за пријателство во 2017 година и тие мора да продолжат активно да изнаоѓаат заеднички решенија, особено за одредени историски и терминолошки прашања. Доколку се даде приоритет на меѓусебното почитување, што е во основата на европскиот дух, постојат решенија со коишто треба да се надминат некои недоразбирања. Од политичарите на Балканот се очекува да имаат визија за 21 век, да ги надминат остатоците од 19 век, без притоа да има притисоци кон некого да ја негира својата гордост и идентитет.

JPEG

5. Може ли Франција, која ја побара новата методологија, или која било друга членка на ЕУ, да ги врати преговорите од почеток ако нешто не е во ред со процесот?

Новата методологија што ја побара Франција и која доби широка поддршка од земјите-членки, предвидува клаузула за реверзибилност. Пред сè, станува збор за тоа да бидат наградени земјите кои забрзано напредуваат на европскиот пат, притоа земајќи ги предвид можните назадувања, особено во однос на владеењето на правото или борбата против корупцијата. Навистина, се покажа дека донесените закони и реформите на хартија не се доволни критериуми за да се суди за квалитетот на структурните реформи за кои е потребно време, континуирана политичка волја и поддршка од целото општество за да се стигне до финалните точки од процесот. Во спротивно, пристапниот процес ќе го изгуби својот кредибилитет пред европската јавност, па дури и во општествата на земјите кандидатки. Доколку се случи отстапување, стагнирање или пак се појави ризик од враќање назад, јавноста ќе може да побара одговорност од оние што се на власт, да ги објаснат причините за таквото назадување.

6. По изборите во Црна Гора, се чини дека конфигурацијата се менува. Што мислите, што може да се случи со европскиот пат на Црна Гора?

Во сите земји од регионот кои чекорат по европскиот пат, важно е да се воспостави култура на политички дијалог и, пред сè, да се отфрли насилството и конфронтацијата помеѓу заедниците кои може да се инструментализираат и да предизвикаат сериозни последици. Овде земјата тргна по тој пат, а таквиот пример треба да се зацврсти и да биде насока што сите ќе ја следат.

7. Имаме и политички промени во Косово, бидејќи се чини дека односите меѓу Косово и Србија се подобруваат. Економски договор беше потпишан денес во Вашингтон во присуство и со потпис на американскиот претседател Доналд Трамп. Дали сметате дека може брзо да се постигне конечен политички договор и дека со ова целиот регион може да се стабилизира?

Франција активно го поддржува процесот на дијалог и приближување помеѓу Белград и Приштина, чијшто напредок ќе има позитивно влијание за целиот регион и ќе ја олесни неговата европска интеграција, што е крајна цел. Претседателот Макрон се вклучи лично во тој процес. Напорите на сите земји заинтересирани за мир на Балканот, a пред сè членките на Европската унија, очекуваат да се изнајде трајно решение. Примерот на Северна Македонија треба да се следи во однос на добрососедството и меѓусебното почитување на заедниците.

8. Господине амбасадор, земјите од ЕУ, но и самата Унија, сега се соочуваат со здравствена криза поврзана со пандемијата Ковид-19, што има влијание врз економиите на голем број земји. Можеме ли да очекуваме ситуацијата да се влоши?

Здравствената криза ги натера сите држави да покажат колку се одговорни. Без разлика дали се од здравствена или од економска природа, можеме да ги исполниме очекувањата на граѓаните само доколку пристапиме кон сеопфатни решенија. Прво, на глобално ниво, Франција започна акција за општ пристап до соодветна вакцина, во потрага по која таа активно работи со своите европски и други партнери. Нивото на одговор на Европската унија мора да се обезбеди преку подобра координација во областа на здравството, што е актуелно во овој период. Во таа насока, голем чекор беше направен со решавачкиот француско-германски поттик во однос на солидарноста преку единствениот план за европска помош кон обновата и поддршка на ослабените економии. ЕУ нема да ги намали своите напори насочени кон Балканот. Следната година ќе започне реализацијата на амбициозниот план за нови инвестиции. Од оваа криза очекуваме можност Европа да излезе посуверена, затоа што е свесна за своите специфични предизвици, поодржлива во поглед на напредокот што се остварува преку почитување на животната средина, но и посолидарна, со иновативни финансиски механизми. Европскиот континент има огромни човечки и економски ресурси и ги има сите шанси за напредок. Балканот пак, има свое место во неа, доколку земјите од регионот изберат да не се навраќаат на спорните состојби од минатото, туку да гледаат кон иднината и преку реформи да дојдат до европска интеграција.

publie le 08/09/2020

hautdepage