Интервју на амбасадорот за Заман [fr] [sq]

Во интервју за месечникот „Заман", амбасадорот зборува за тековни прашања поврзани со кампањата на кандидатите меѓу двата круга на претседателските избори, за европските и атлантските перспективи на Северна Македонија, како и за француските меѓународни активности поврзани со човековите права.

Тој, исто така, им се заблагодарува на македонските политички и верски претставници, како и на граѓанското општество, за симпатиите и солидарноста што беа искажани при големиот пожар што ја зафати Богородичната црква во Париз.

JPEG

1. Најнапред сакам да изразам големо жалење во врска со пожарот во Богородичната црква во Париз, која иако е заедничко богатство на целиот свет, сепак таа има големо значење во срцата на францускиот народ. За почеток, сакам да Ве прашам за тоа што чувствувате во врска со кампањата за собирање средства на францускиот народ за реставрација на Катедралата?

Сочувството и солидарноста што во оваа прилика ги искажаа македонските власти и политичките партии, повеќемина претставници на верските заедници и граѓанското општество беа навистина утешителни. Во светот распарчен од антагонизмот и себичноста, каде што сме сведоци на отстапување на религиозните мислења кон насилство и нетолеранција, добро е да останат симболи кои ги обединуваат сите оние кои веруваат во убавината, но и во моќта на луѓето да изградат објекти коишто ги споделуваме сите, посветени на молитвата и на духовното. Емоцијата кога еден таков објект е уништен или оштетен, е позитивна и не е ограничена само на Богородичната црква: уништувањето на џамиите во Бања Лука или во Алепо предизвикаа кај нас изрази на протест и огорченост, особено што тогаш тоа не беше случајно, туку од злоба. Но, човечката големина е исто така во неговата способност да обновува и ние токму кон тоа се стремиме, за да докажеме дека сме достојни на нашите предци градители.

2. Северна Македонија се наоѓа на прагот на вториот круг од претседателските избори. Во првиот круг блага предност имаше кандидатот поддржан од владејачката СДСМ. Како ја оценувате актуелната политичка состојба во земјата?

Важно е на 5 мај да биде избран претседател: тоа ќе значи дека земјата излегла од институционалната криза и сигурно ќе оди во прилог на отпочнувањето на пристапнитее преговори, порано или подоцна, во зависност од процената што ќе биде направена во поглед на реформите. Земјата, исто така, има потреба од личност што ќе ја претставува на меѓународен план во еден клучен период од својата историја. Како да се интегрира во Европа, па дури и во НАТО, држава која не може нормално да го назначи својот водач, командант на вооружените сили? Секој треба да си го постави ова едноставно прашање.

3. Се чини дека албанските гласови на Блерим Река ќе бидат одлучувачкиот фактор во вториот круг. Што мислите, какво влијание ќе имаат 80-те илјади гласови на Река?

Кампањата на ректорот Река даваше впечаток на високо интелектуално ниво, околу поимот Република. Се надевам дека неговите гласачи, наместо едноставно да ја искажат својата припадност кон заедницата, ќе ја демонстрираат во вториот круг, преку своето учество, нивната приврзаност кон државата како заедничко добро. Надвор од политичкиот избор помеѓу двајцата кандидати, нивното присуство ќе даде вистинска тежина за консолидирање на стабилноста на земјата.

4. Доколку излезеноста биде под задолжителните 40%, иако шансите за тоа се многу мали, според Вас каков пат треба да се следи во изборот на таткото на нацијата?

Венецијанската комисија, една од најпочитуваните европски тела во областа на уставното право, долго време се залагаше за намалување или укинување на прагот на учество.

5. Македонската опозиција вели дека ако нејзиниот кандидат биде избран за претседател, тогаш ќе го разгледа Преспанскиот договор за промена на името и ќе го започне процесот од самиот почеток. Можеме ли да имаме ревизија на договорот за промена на името? Дали еден таков чин може да ги деактивира сите евроинтеграциски процеси? Дали според Вас има можност за вакво нешто?

Сега договорот постои и тој е веќе реалност во меѓународното право. Гледам дека сите кандидати инсистираат на тоа дека се подготвени да го почитуваат правото. Со потпис и печат. Франција го поддржува договорот. Според претседателот Макрон, тој е добар за вас, за регионот и за Европа.

6. Голем дел од земјите членки на НАТО го ратификуваа протоколот за членство на С. Македонија во Алијансата. Кога треба да очекуваме тоа да го стори Франција?

Процедурите се во тек и нашиот парламент се очекува да го ратификува до крајот на годината. Всушност, важно е оваа ратификација да се одвива во дух кој ја означува силата на Алијансата. Би било контрапродуктивно да се измеша овој симболичен чин со други ограничени размислувања : не верувам дека ќе има доцнење во Франција или во други земји, сите се во очекување на триесеттото знаме во Брисел!

7. Има гласини дека ЕУ нема да испрати препорака за Северна Македонија поради неуспехот да се спроведат правните реформи. Што мислите, колкава е можноста за тоа?

Извештајот на Комисијата се очекува до крајот на мај. Има навистина неколку точки што треба да се реализираат според очекувањата, а особено тоа се однесува на примената во пракса на текстовите кои се гласаат.

8. Реформите во правосудството остануваат најкритичен момент, од друга страна се чини дека домашните институции немаат капацитет да ги исполнат обврските што произлегуваат од ЕУ. Според Вас, како ЕУ може да ѝ помогне на Северна Македонија да ги исполни критериумите и да започне преговори?

Има уште многу работа за државата да стекне капацитет за преговарање. Како што вети претседателот Макрон на премиерот Заев, ние ќе работиме на тоа дискретно и стрпливо. Нашиот француски експерт при Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи ќе организира овој семестар пет средби на високо ниво за да го подготви овој процес во однос на обуката на високи функционери, информатизацијата, како и координацијата на државните служби и министерствата. Ги мобилизираме најдобрите советодавни елементи, како во Франција, така и на ниво на Унијата во полза на овој пристап. Нашиот пристап не е да се отпочнат преговорите само за да се рече дека се отпочнати, туку да се направи тоа корисно и методично. Западниот Балкан и Северна Македонија, ги гледаме во рамките на функционална Европска Унија. Значи, не треба отпочнувањето на преговорите да биде само празно ветување на бирократите, едно дополнително разочарување, туку да стане реалност!

9. Специјалниот јавен обвинител создаден со помош на Меѓународната заедница, де факто ги брои последните денови. Партиите не можат да најдат заеднички јазик за да го продолжат мандатот на оваа институција. Како ги коментирате случувањата во врска со работата на СЈО?

Ништо не може да биде поштетно отколку фактот што одредени привилегии или незаслужени имунитети го блокираат процесот. Перспективите мора да продолжат да се соединуваат до конечна консензуална одлука. Таква институција е неопходна, но неопходно е да се надминат прашањата за човечкиот фактор, реваншизмите и особено да се подготви таа институција за борба против сегашната и идната корупција.

10. Како го цените останатиот дел на патот на Македонија кон ЕУ? Според Вас, кога С. Македонија може да стане членка на ЕУ, доколку процесот на реформи се одвива беспрекорно?

Датумите што се даваат се политички маркетинг и нема да ризикувам, бидејќи Европската унија сама мора да ја продолжи сопствената обнова и да ја помине болната етапа на Брегзитот. Едно е сигурно : процесот може да се забрза или забави според одлуките на граѓаните. Успешни претседателски избори ќе бидат добар момент!

11. Претседателот Макрон изјави дека Франција нема да попушти во борбата со религиската (верска) политика. Какви се плановите на Франција во врска со ова прашање од глобален карактер?

Франција се наоѓа во една сложена ситуација: државата не препознава и не субвенционира ниту една религија. Слободата на совеста и изразот е цврсто вкоренета од 1789 година. Сепак, конкордатот со Католичката црква, кој се прошири и на еврејскита и на протестантскита религија, се применува во источниот дел на Франција од 1918 година, по враќањето на овие територии под француски суверенитет откако заврши Втората светска војна. Во тек се напори за да се обезбеди застапеност на муслиманските институции низ целата земја и да се олесни дијалогот на втората заедница верници со јавните власти. Активностите се сложени, со оглед на тоа што се работи за мошне децентрализирана организација кај оваа заедница. Затоа мора да се пристапи со чувство и претпазливост. Општо земено, идејата за "отворен секуларизам" што не го негира религиозниот факт, дозволувајќи да придонесе кон интелектуалното, филозофското и културното богатство на земјата, претставува француска реалност. Од друга страна, постои едно општо барање, покрај она на некои екстремисти, да се одржи верската сфера надвор од директно политичко влијание, особено кога станува збор за граѓанските и индивидуалните права. Никој не може да им го наметне на другите своето однесување врз основа на сопствените верски убедувања.

12. Во земјите каде што демократијата не е целосно имплементирана, има делови од општеството врз кои се врши неправда и тортура. Има голем број на случаи кога се кршат човековите права? Франција, како една од најразвиените земји во Европа, какви планови има за заштита на човековите права на незаштитените лица? Какви иницијативи презема на тој план?

Франција е особено активна на меѓународно ниво во мултилатерални рамки за укинување на смртната казна. Тоа е за нас суштински маркер на европските вредности кои имаат универзална вокација и се приклучуваат кон сите големи филозофски и религиозни опции ширум светот околу почитувањето на животот и човечкото достоинство. Заедно со нашите европски партнери, ние исто така го промовиравме усвојувањето на законот за антидискриминација, кој претставува важен чекор за земјата на нејзиниот пат кон Европската унија.

Темата со мигрантите, сепак, ни носи прашања кои не можеме да ги избегнеме и кои нè ставаат да бидеме исправени пред фактот дека треба да ги почитуваме нашите вредности. Во секој случај, Франција одлучи да продолжи да го почитува принципот на политички азил и приемот на оние кои се прогонувани поради своите убедувања или бегаат од ситуации на сериозно кршење на човековите права. Франција внимава тоа начело да се почитува на европско ниво и се залага, општо земено за тоа нашата Унија да остане верна на своите основни вредности, соочена со сеприсутните искушенија на реалната политика и порастот на популизмот или авторитаризмот. Во тој дух, Франција ќе го преземе кон средината на месец мај Претседателството со Советот на министри при Советот на Европа, кој, дури и надвор од Унијата, останува неопходен нормативен инструмент. Без владеење на правото, Европа не може да постои! Таа реалност треба да се живее неуморно и конкретно, како овде, така и на друго место.

publie le 03/05/2019

hautdepage