Интервју на амбасадорот за дневниот весник Вечер [fr] [sq]

Во ова интервју, тој одговараше на актуелни прашања, за неодамнешната средба на четворицата политички лидери, како и за улогата на опозицијата во овој период на големи одлуки за земјата: договорот со Бугарија, а потоа и со Грција, како нов чекор кон ЕУ и НАТО.
Прочитајте го овде целото интервју на амбасадорот:

JPEG

Лидерите на четирите најголеми политички партии во Македонија по трет обид успеаја да се договорат за изборот на ДИК, за Законот за финансирање на политичките партии и за техничка влада според Пржинскиот модел при идни парламентарни избори, но не успеаја да постигнат договор за референдумот. Како ја оценувате лидерската средба?

Темата, нормално, ја поларизира јавноста и политичките партии. Затоа мораме да го поздравиме напредокот постигнат на неодамнешните средби и оние кои имаат храброст да направат отстапки или да се откажат од неразумните барања. Тие имаат тешка задача да ја внесат земјата во нејзината сегашна состојба во една култура на компромис, но без компромитирање. Договор за референдум со јасни и чисти услови, едноставно ќе биде победа за демократијата и доказ за европската зрелост на земјата. Затоа, нека работат, да ги охрабриме и... "Да не пукаме на пијанистите!"


Како гледате на однесувањето на опозицијата во овој значаен историски момент?

Опозицијата мора да ја одигра својата улога, која е од суштинско значење во една демократија. Дијалогот со мнозинството продолжи во рамките на процесот "Жан Моне". Постигнат е напредок со изгласувањето на етичкиот Кодекс, со Законот за спречување на корупцијата, како и со најавениот Закон за финансирање на партиите, што е од суштинско значење за нивната независниот на финансиски план. Искушението од блокирање или уценување, за жал, не е надминато, како што видовме, како секогаш да мора да се оди до границата на можностите за да се постигне резултат од општ интерес. Земјата останува прекумерно поларизирана низ обидите да се поделат луѓето, според определбата, на "предавници" и "патриоти", иако гледам поголем капацитет за соработка кај пратениците што не членуваат во највисоките партиски тела, каде што искушението да се игра на старите поделби сè уште е премногу присутно. Дел од оваа тензија е вештачки создадена и сè уште треба да се работи за да се воспостават правила на игра за да се избегне опструкцијата, како и оспоруваната употреба на забрзани постапки за да се помине преку таа опструкција. Сепак, позитивен момент е фактот што од 27 април наваму, речиси едногласно се отфрла политичкото насилство.

JPEG


Иако и Заев и Мицковски, негираат, во јавноста се зборува дека наголемо се прави пазар меѓу СДСМ и ВМРО -ДПМНЕ. ВМРО ДПМНЕ за да го поддржи референдумот, наводно, бара амнестија и измени на Кривичниот закон. Смеат ли партиските лидери да тргуваат со стратешки прашања ?

Не можам да коментирам шпекулации, особено кога тие не се на чест на засегнатите страни, кои исто така ги отфрлаат. Овие гласини всушност нема да ги мотивираат граѓаните да гласаат ниту пак јавното мислење во европските земји за отпочнување преговори за влез во ЕУ. Тие ги подгреваат најлошите размислувања за Балканот. Не сакам да верувам, што се однесува до мене, дека иднината на една земја и народ зависи од личната судбина на десетина обвинети за измама и злоупотреба на власта.

Што ако референдумот не биде успешен, доколку се случи бојкот?

Зошто бојкот, ако прашањето биде едноставно и јасно и ако ја почитува способноста на гласачите да направат избор, ако има чесна кампања?

Што мислите, дали тоа зависи од формулацијата прашањето, односно како треба да биде поставено?


Редно е да се консултираат правниците, а знам колку се стриктни македонските правници, како што е вашата министерка за правда.

Што ако во Грција решат да одат на референдум?

Сметам дека не размислуваат за тоа. Тоа е македонско прашање.

Господине амбасадор, Република Македонија се наоѓа во еден многу значаен историски период, како Вие, како дипломат, од ваш агол, гледате на сите промени кои во моментов молскавично се случуваат, а кои со години беа ставани ад акта како предизвици кои едноставно не можат да се решат?

Навистина големи одлуки беа донесени: Франција го поздрави договорот со Бугарија, потоа и со Грција коишто ги подотворија вратите на земјата кон ЕУ и кон НАТО. Тие се знаци на храброст и покажана волја, достојни за почитување и носат надеж во регионот, кој треба да се справи со тешкото бреме на историски и дипломатски спорови. Нивното решавање е услов за членството во Европската унија, како нивен природен хоризонтот што го споделуваме, како што неодамна повторно му напомена претседателот Макрон на премиерот Заев.

Деновиве јавноста ја разбранува поделба на големи суми на пари од Фондот за иновации на фирми, весници и луѓе блиски на СДСМ, па дури и на високи владини функционери од СДСМ. И во исто време, се обелоденуваат сомнителни тендери, последен во низа е скандалот во Министерството за здравство. Како сево ова ќе влијае на скринингот од ЕУ, во борба против корупцијата во земјава?

Не би можел да зборувам за вистинитоста на овие обвинувања, особено во периодот пред референдумот. За овие реакции потполно се одговорни тие што ги имаат информациите, или барем разбрале дека е така и бараат можност да се исправат грешките и да се надмине судирот на интереси. Ова е вистински напредок ако се присетам на состојбата во 2016 година. Сето ова сепак остава простор да се верува дека одлуката на државите-членки на ЕУ да се остави простор од една година и тогаш повторно да се оцени напредокот во областа на реформите, вклучувајќи ја и борбата против корупцијата и неказнивоста, беше претпазлив и оправдан чекор.

Скринингот за почеток на преговорите со ЕУ почна и официјално со посетата на еврокомесарот Јоханес Хан. Сметате ли дека постојат капацитети тој да заврши успешно, особено поради тоа што легислативата во Македонија треба да се совпадне со онаа на ЕУ, а освен на поглавјата 23 и 24 за фундаменталните права, посебен фокус треба да се посвети и на правосудството?

Што се однесува до скринингот во вистинска смисла на зборот, односно да се направи преглед на законските капацитети што постојат во перспектива на пристапниот процес, тој официјално ќе почне дури по евентуалната одлука за отворање на преговорите, во 2019 година. Сепак, мошне е корисно да се отпочне со подготвителни мерки уште од сега, без да се губи време. Имав можност да се уверам во одлучноста на техничкиот преговарач што неодамна беше назначен, господинот Маричиќ, да ги стави тимовите во работна состојба. Франција е подготвена да ги придружи во овие напори.

Македонија е и на чекор до НАТО, поканата е добиена-членството по остварување на условите. Мислите ли дека спорот со името е единствената пречка на патот кон евроатланските интеграции? Нема ли да се појават нови блокади?

Постојат технички услови кои мора да бидат исполнети, но исто така и политички, во однос на демократските вредности и особено почитувањето на личноста, на што генералниот секретар Столтенберг со право потсети за време на неговиот говор во Собранието. Важно е да се истакнат овие заеднички вредности затоа што тие ѝ даваат вистинско значење на Алијансата, во време кога бевме сведоци дека на некои земји-членки потешко им оди на тој план. Во секој случај, важно е земјата да може да ја гарантира сопствената безбедност во меѓународни рамки и да биде активна во рамките не ЕУ и на ООН.


Ќе се чувствувате ли еднакво удобно на вашата функција како француски амбасадор и во Република Северна Македонија, како што сте сега како француски амбасадор во Република Македонија?

Jас бев генерален конзул во Северна Грција, така што придавките не ме плашат! За мене, од двете страни на границата, има Македонци кои сите се Европејци и на кои им е предодредено да се сретнат во истата реновирана европска политичка рамка на којашто Франција активно работи.

publie le 26/07/2018

hautdepage