Интервју на амбасадорот за дневниот весник на албански јазик Коха [fr] [sq]

Во средата, на 25 април, амбасадорот даде интервју за македонскиот весник на албански јазик "Коха". Во ова интервју, амбасадорот даде голем број одговори на најзначајните прашања што се актуелни во македонската јавност.

Во средата, на 25 април, амбасадорот даде интервју за македонскиот весник на албански јазик "Коха". Во ова интервју, амбасадорот даде голем број одговори на најзначајните прашања што се актуелни во македонската јавност, како што е проценката на агендата 3-6-9, приоритетните реформи кои треба да ги спроведе Владата во перспектива за европска интеграција на Македонија, како и преговорите за спорот за името. Интервјуто беше исто така можност амбасадорот да зборува за културното богатство на земјата, неговата разноликост и да ги поздрави напорите направени во однос на билатералната соработка во областа на образованието. Прочитајте го овде целото интервју:

JPEG

1. КОХА: Господине амбасадор, оваа влада веќе има зад себе цела една година како е на власт. Планот 3-6-9 беше претставен уште при нејзиното формирање! Како гледате на реализацијата на овој план, поточно: што е реализирано, а што стагнира?

1. Новата влада вети нова реформска клима: ветувањето беше одржано. Агендата формализираше една амбициозна програма која беше интензивно подготвувана, понекогаш дури и бурно, но во целина многу отворена и транспарентна. Главните точки беа опфатени иако имаше одложување при усвојувањето во Парламентот. Работните групи, и покрај различните ставови работеа и во услови на бојкот мотивиран од апсењето на пратениците од опозицијата, а работата околу дискусиите и амандманите, неопходна за постигнување на двотретинско мнозинство, од суштинско значење за усвојувањето на фундаменталните текстови, според Уставот беше реализирана. Првите закони беа усвоени минатата недела и ќе биде неопходно овој процес да продолжи, така што патот кон укинување на условите за отворање на пристапните преговори ќе може целосно да се оправда.

2. Коха: "Реформа" е збор што ја карактеризира оваа Влада. Како претставник на држава со демократска традиција и многу стара демократија, можете ли да ни кажете кои се или кои треба да бидат првите реформи што ѝ се потребни на Македонија?

2. Итните и приоритетни реформи беа наведени од страна на европските власти и оттука произлезе агендата 3-6-9. Tаа на многу убедлив начин беше презентирана во нашите главни градови од страна на Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, г. Бујар Османи, чии напори заслужуваат да бидат поздравени од сите. Јасно е дека тоа треба да биде враќање или воспоставување на владеењето на правото што одговара на поглавјата 23 и 24 од идните преговори. Јасно е дека оваа димензија ќе биде во центарот на разговорите и декларациите за Западен Балкан на претстојниот европски самит во Софија. Во однос на реформите, овој концепт опфаќа две реалности, од кои едната е земена во предвид од страна на Комисијата, а тоа е неопходните остварувања во областа на правосудството и таа се состои од подготвителна за којашто се одговорни експертите и фаза на усвојување на парламентарно ниво. Другата е конкретната реализација, која доведе до сериозни разочарувања, особено во областа на правдата или појавата на еден вид "партократија". Оваа последна точка внимателно ја следи нашата јавност. Таа е загрижена поради некои појави во одредени земји од Централна и Источна Европа кои не може да се толерираат, при што се поставува прашањето за нашата заедница на демократски вредности. Сега, според нашите мислења, како и во Брисел, постои одреден степен на претпазливост во однос на процесот што е ограничен на тоа само да се означи на хартија дека работата е завршена. Многу повеќе ќе се инсистира на зајакнувањето на демократската пракса и владеењето на правото, ефективната борба против корупцијата или крајот на системот на доделување работни места врз основа на партиска припадност.

JPEG

3. КОХА: Вашиот коментар за позицијата на Франција што во понеделникот, на 17 април, ја презентираше претседателот Макрон во Европскиот парламент за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан?

3. Франција го поздравува напредокот постигнат од страна на новите македонски власти, но постојат одредени суштински прашања кои мора да се решат пред секое проширување, вклучувајќи го и прашањето за прилагодувањето на ЕУ кон новите предизвици со кои се соочува. Во ЕУ мора да се случат одредени промени, особено во однос на конвергенција на фискалната и социјалната политика, на еколошкиот, дигитален или одбранбен суверенитет, за да може да прифати нови членки во добри услови. Констатираниот напредок ќе овозможи, кога ќе се создадат услови, ефективно да се посветиме на европската интеграција на земјите од Западен Балкан. Овие два реформски пристапа, на ниво на ЕУ и на ниво на земјите од Западен Балкан, треба да бидат конвергентни, но едниот не оди без другиот. Сите имаме обврски што нè очекуваат, но треба да гледаме напред, кон заедничките хоризонти.

4. Коха: Правдата, според последниот извештај на Народниот правобранител, останува селективна. Хелсиншкиот комитет имаше исто така забелешки. Законот за судовите и обвинителите сé уште не е одобрен, додека Комитетот за надзор на правниот систем, првично формиран од Министерството за правда, не профункционира. Во моментов, премиерот формираше сличен совет, додека поранешниот министер за правда поднесе оставка, обвинувајќи за непрофесионализмот и селективност при одлуките во целиот правен систем! Што е погрешно во приказната за правниот систем во земјата ?

4. Секторот за правда наиде на најголеми критики во јавноста, кај сите политички партии, дури и пред промените, вклучително и од Европската унија ; Затоа не треба да изненадува што овој сектор останува во очите на јавноста како најпроблематичен. Јас би додал дека, дури и во Франција, со старата демократска традиција, тоа е секторот кој привлекува најмногу критики и дебати. Тој има допирни точки со секојдневните економски интереси, со семејството итн. но исто така ги рефлектира односите во општеството и неговата способност да прифати разрешување на конфликти во заедничко опкружување. Уште потешко е кога во едно општество, кон партиските поделби ќе се придодадат и поделбите кај заедниците по партиска основа. Ако ги додадеме и тешкотиите што произлегуваат од политичката промена и гласот на граѓанското општество, тогаш разбираме дека оваа епизода не е најлесниот дел за новите власти кои наследија еден правосуден систем во многу лоша состојба. Голема задача го чека новиот министер. Затоа, тој ќе ја има целата наша билатерална поддршка, во континуитет со онаа што ја обезбедуваме за Академијата за судии и јавни обвинители, една од ретките институции од кои Брисел беше задоволен, но чиешто дејствување треба да се засили и продлабочи. Мораме да се подготвиме за иднината, внимавајќи да не се изгубиме во расправиите меѓу луѓето и партиите. Оваа непристрасност е првиот чекор кон ефикасна и непристрасна правда што се очекува од сите. Освен правосудството, посебно внимание треба да се посвети на македонскиот затворски систем кој, како што храбро истакна премиерот Заев, е во лоша состојба и со себе носи значителни ризици. Важен чекор за фер и еднаква правда е компатибилноста и кохерентноста на елементите од континенталниот европски систем и англосаксонскиот систем: оваа точка заслужува внимателно да се разгледа од перспектива на европската интеграција и правдата која не ги фаворизира "богатите и моќните".

5. Коха: Во последниве години, бевте еден од најактивните амбасадори во поглед на медиумските интервјуа и вклученост во дебатите за законот за медиуми и аудиовизуелните услуги. Како гледате на двата закона, од кои едниот е веќе дел од дебатата во парламентарните комисии? Како треба да се направат реформи во медиумите, бидејќи дури и невладините организации кои се занимаваат со медиумски прашања имаат обвинувања дека, како и претходната влада, актуелната влада ќе ги контролира медиумите?

JPEG

5. Областа на медиумите е несомнено делот во кој се чувствува новата клима. Ова го констатирав на средбата со медиумски личности од сите сфери на живеењето со мојот сонародник и поранешен министер за европски прашања, кој сега е задолжен за слободата на медиумите во ОБСЕ, г-дин Арлем Дезир. Тоа чувство на нов елан беше едногласно, дури и ако е сме уште далеку од него, од економски причини или поради политичка култура, што значи дека ситуацијата не е совршена. Имаше голема дебата со Владата, на која учествуваше и Европската унија, како и професионални здруженија, кои постигнаа балансиран законодавен исход. Само праксата ќе ни покаже, како и со сите реформи, дали постои вистинска слобода и дали новинарите и политичките и економски сили се подготвени да ја играат играта на независност и непристрасно информирање на јавноста. Ова не е за да се спречи новинарите да бидат заплашени, претепани или купени, туку да се види какви филтри може да се стават на "лажните-вести", наменети за манипулација со јавното мислење, од каде се финансираат нови медиуми кои понекогаш се јавуваат од непознати фондови и заради чиј интерес? Прашањето на економската моќ е, исто така, од клучно значење: секогаш постои ризик да видиме како сопственици на приватни медиуми менуваат окружување и ги даваат истите упатства за послушност, без оглед кој е на власт, и потребно е многу доблест кај една влада за да ги отфрли таквите однесувања, ако истата не ги поттикнува. Отворен е значителен простор за реформа на јавниот радиодифузен сервис. Ќе треба истовремено да се создаде вистински јавен сервис, а да се избегне создавање нова бирократија. Разбрав дека останува да се направи уште многу за обука на младите новинари, за понекогаш да може да се помине од активизам на професионализам при информирањето. Всушност, тоа е многу поделена политичка култура која во информатичкиот сектор мора да доведе до една заедничка етика и одредено чувство за општ интерес. Мислам дека од европска страна, треба да не се откажуваме пребрзо од овој сектор, грешка што беше направена, според мене, во други земји-кандидатки од регионот, со негативен ефект врз корупцијата и вкоренувањето на една либерална демократија.

6. Коха: Господине Амбасадор, Македонија и Грција веќе започнаа интензивни преговори за решавање на спорот околу името. Секој ден слушаме разни изјави од двете страни. Премиерот Заев рече дека е оптимист, додека во Грција постои една состојба на песимизам. Дали верувате во брзо решавање на прашањето за името на Македонија?

6. Франција искрено се надева дека, како што му кажа нашиот министер за Надворешни работи, г. Ле Дриан, на својот македонски колега, ќе се најде решение, со взаемно почитување на историјата и идентитетот на двете земји и нивните народи. Големи чекори беа направени од премиерите Ципрас и Заев. Ние ги охрабруваме да ја задржат истата државничка визија. Сепак, разбираме дека тие мора да го земат предвид јавното мислење во двете земји, нивната политичка рамнотежа, историскиот аспект, како и менталитетот. Се разбира, се сеќаваме на француско-германскиот пример. Заедничко е тоа што тој се базираше на одреден волонтаризам и способност да се разбере другата страна. Вреди да се размислува за фактот што и по три француско-германски војни за период од помалку од сто години, никој не веруваше во француско-германскиот мотор на европската конструкција. Постои еден слоган на студентите од 1968 година што треба да се има на ум: "Бидете реални, барајте го невозможното". Да додадеме дека во дипломатијата, ниту еден напор не е залуден. Денес или утре, тој ќе вроди со плод.

JPEG

7. Коха: Стратегијата на Европската комисија за Западен Балкан предвидува дека Македонија, по 2025 година, може да биде подготвена за пристап во ЕУ. Кои се главните точки што треба да ги исполни Македонија и што треба да се промени во општеството за да стане дел од големото европско семејство?

7. Секогаш е непромислено да се зборува за конкретни датуми, но мора да се постават цели за да се мобилизираат општествата! Нема да има автоматизам и секоја земја ќе биде оценета според нејзините заслуги и напори. Македонија мора да се подготви за подолг пат и да разниша нечии навики. Укинувањето на навиката да се доделуваат работни места од страна на политичките партии сигурно ќе биде услов за успех на процесот, како и ефективноста на демократскиот систем и борбата против корупцијата како објективни критериуми за да се суди за вистинскиот успех на реформите. Конечно, парламентите или граѓаните на земјите-членки ќе треба да го одобрат влезот на новите земји. Има многу да се направи за јавното мислење во поглед на земјите од Западен Балкан, за нивната интеграција да биде перципирана како предност. Тоа полесно ќе оди доколку се следат конкретните насоки од Стратегијата на Комисијата, но и преку развивање на односи и соработка со земјите од регионот. Јавното мислење кај нас веќе не треба да гледа на Балканот како на опасност, туку како на можност. Ние сме подготвени да ви дадеме средства, но од вас зависи како ќе дејствувате!
За да бидам конкретен, предизвикот на образованието и зближувањето на младите ми се чини дека е голем предизвик на што треба да се работи и во нив треба да се инвестира. Ништо не е поопасно, за сите заедници, од заминувањето на младите луѓе. Не би сакале да интегрираме пустелии!

8. Коха : Неодамна, имавте две јавни изјави кои не наидоа на одобрување кај Албанците. Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, г. Бујар Османи, исто така реагираше со јавна изјава. Во јавноста беше протолкувано дека законот за употреба на јазиците не е приоритет за ЕУ, според Амбасадата на Република Франција, иако се работи за многу важен закон за албанската заедница во Македонија! Што навистина мислите за законот за јазиците?

JPEG

8. Знаев дека тие изјави нема да бидат на сметка на мојата популарност, но што фајде ако со дипломатски речник кажам дека тече мед и млеко? Комесарот Хан ги даде овие забелешки за приоритетите, од европска гледна точка. Од гледна точка на Албанците, тоа изгледа поинаку, што е легитимно. Јас зборував за доцнењето во усвојувањето на приоритетните закони за вашата европска агенда. Оваа епизода не го забрза нивното усвојување, што е најмалку што може да се рече и не даде најдобра слика за Парламентот. Ситуацијата сега е блокирана, а тоа беше предвидлив ризик. Размислите совесно дали немаше да биде подобро да се постапи поинаку, за да не дојде до ваков сплет на настани. Но, тоа е сега прашање што треба смирено, спокојно и разумно да се реши меѓу Македонците, на најдобар начин за национално единство и почитување на заедниците, како што требаше да биде од самиот почеток. Би можело да помогне и надворешно правно мислење, како тоа на Венецијанската комисија.

9. Коха: Пред две недели, Македонија се приклучи на многу европски земји и отпушти руски дипломат, тврдејќи дека ја прекршил дипломатската конвенција од Виена. Оваа одлука беше проследена со непосредна реакција на Руската амбасада и руското Министерство за надворешни работи. До кој степен "руските тенденции" претставуваат закана за Македонија?

9. Настаните од Солсбери, каде што двајца луѓе беа отруени во особено недостоинствени околности, предизвика многу емоции. Британските власти одговорија со мерки за протерување на дипломатскиот персонал , по што следеа исти постапки од страна на одредени нејзини сојузници кои сакаа да ја обележат нивната солидарност и да кажат на тој начин дека одредени однесувања се неприфатливи кога се работи за одржување на нормални меѓународни односи. Се надеваме дека оваа многу жива унитарна реакција ќе биде разбрана онаму каде што треба. Голема земја со вековна дипломатска традиција, која сака да учествува во изградба на стабилно меѓународно општество, мора, дури и во сивите области на надворешното дејствување, да почитува одредени минимални правила. Ова беше случај во Солсбери како и на други места. Во спротивно, постои ризик од нанесување штети кои тешко може да го поправат имиџот на земјата. Претседателот Макрон, како домаќин на претседателот Путин во Версај, ја пренесе оваа порака, изразувајќи го неодобрувањето на некои непријателски активности за време на нашите последни претседателски избори. Засега дијалогот продолжува: никој не може да добие нешто од ескалација на настаните, а особено не овој кревок регион, кој претрпе премногу од внатрешни судири, но и од меѓународни ривалства. Наоѓањето здрав и избалансиран однос со Русија, надвор од реториката на студената војна е од заеднички интерес.

10. КОХА: Каква е вашата позиција како амбасадор, како и на амбасадата што ја претставувате, во однос на нападите на Америка, Велика Британија и Франција во Сирија, против целите на режимот на Асад?

10. Франција реагираше на посебна и итна ситуација. Одлуката беше донесена пред повеќе од една недела, на национално ниво и доби поддршка од нашите сојузници со кои сме тесно координирани, преземајќи одговорност за една од трите цели поврзани со овој нелегален хемиски напад на Дамаск. Сирија во 2013 година дури и под влијание на Русија, презеде меѓународна обврска да се откаже од хемиското оружје забрането од меѓународната заедница. Ова оружје повторно се користело минатата недела во Идлиб, под услови за кои, според потврдените информации, одговорноста е на сириските власти. Сирискиот режим и неговиот руски сојузник биле информирани за ризиците на кои се изложуваат, за кршењето на Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации, усвоена со поддршка на Русија, која предвидува употреба на сила во случај на прекршување. Исто така, требаше да се реагира на блокадата што неодамна стана постојана од страна на Русија за ефективна контрола на оваа ситуација. Претседателот Макрон ја истакна загриженоста на Франција да избегне ескалација со Сирија и Русија, посакувајќи да отпочне дипломатски процес кон којшто би се приклучиле Турција, Иран и Саудиска Арабија. Веднаш по завршувањето на нападите, доставивме нацрт-резолуција до Советот за безбедност. Ова е прв пат во последните седум години колку што траеше овој ужасен конфликт, со употреба на хемиско оружје, но и од хуманитарни причини, да се бара политичко решение на конфликтната состојба повеќе од кога и да е, а Франција е посветена токму на изнаоѓање на политичко мултилатерално решение за Сирија.

JPEG

11. Коха: Господине Амбасадор, културата е важен елемент кој сведочи за еманципацијата на општеството. Каков е придонесот на Франција кон Македонија во оваа област?

11. Создавањето заедничка култура низ знаење и почитување на културите и јазиците што ја сочинуваат Европа ќе биде позначајна од заедничката валута, камен-темелник на успехот на европската конструкција. Ние ја знаеме посветеноста на нашата земја кон културната разновидност наспроти опасностите што демнат од единствена и деструктивна култура на особености. Оттука и нашето активно присуство во Македонија. Горди сме на нашиот културен центар којшто функционира во Скопје уште од 1974 година и активностите на нашите алијанси во Битола и во Тетово. Во десетина средни училишта постојат двојазични франкофонски паралелки кои нудат одлични можности и стипендии на нашите универзитети. Сепак, треба да најдеме повеќе албанофони кои ќе имаат корист од овие можности и често пати разговараме на таа тема со вашиот многу активен заменик-министер за образование со проевропско убедување, господинот Арбр Адеми. Постојат многу таленти кои треба да се вреднуваат, за кои треба да се најдат начини за нивно промовирање, како и предуслов за учење на јазиците на земјата и странските јазици. Од друга страна, интелектуалниот дијалог на високо ниво е од суштинско значење затоа што културата нè повикува да се надминеме себеси. Се надевам дека ќе склучиме договор со издавачката куќа Логос за да преведеме неколку современи француски филозофи на албански и македонски јазик, и да ги поканиме овде особено за да се поттикне размислувањето за дијалог на идеите и религиите, кои сè повеќе се неопходни за да се избегнат стереотипите и да се спротивставиме на нетолеранцијата или фанатизмот.

12. Коха: Сте посетиле повеќе градови во Македонија, вклучувајќи го и Дебар. Каков впечаток Ви оставија нашите градови ?

10. Посетите се секогаш прекрасни моменти на откривање нешто ново, кои нè потсетуваат дека Скопје не е Македонија, туку дека земјата ја прават сите нејзини заедници, нејзини традиции и нејзини приказни. За кратко време излегуваме од официјалната рамка и се обидуваме да ги откриеме многуте можности за соработка. Неколку градоначалници штотуку ја посетија Франција, во Дижон, каде што организиравме средба за децентрализирана соработка на Балканот. Неодамна бев во Тетово, во посета на средните училишта и двојазичните франкофонски паралелки, каде што со градоначалничката, нашата пријателка г-ѓа Теута Арифи, ги разгледавме можностите за интензивирање на нашата соработка во областа на наставата по француски јазик, заедно со нашата динамична Француска алијанса. Јас бев во официјална посета два пати во Гостивар, неколку пати во Куманово, во Липково, Арачиново и во Дебар, што Вие го споменувате. Градоначалникот ми остави силен впечаток и имав можност да се запознаат со потенцијалот на регионот за хидротерапија. Покрај овие можности, постојат и потешкотии во врска со недостатокот од развој на инфраструктурата: прочистување на водата, загадувањето на воздухот, патиштата, недостаток од обука... Ние придонесуваме за ова преку програмите на ЕУ за коишто информираме во Париз. Важно е да се реализираат практични програми кои ги менуваат животите на граѓаните, но исто така подготвуваат нов економски развој, особено во областа на туризмот. Ние сме водечка земја во тој поглед и имаме експертски капацитети, како и опрема за реализација на таков вид соработка.

13. Коха: Освен секојдневната дипломатска работа, како францускиот амбасадор во Македонија го поминува своето слободно време? Што го прави среќен во дипломатските кругови?

13. Ах , слободно време! Немам многу, бидејќи сите мои напори се во моментов насочени кон спроведување на моите задолженија, да работам на зближување и европска интеграција на оваа земја. Се трудам да ги откријам што е можно повеќе, кога имам малку време, убавините на оваа земја чие културно богатство е неисцрпно и кон кое придонесуваат сите нејзините заедници. Му се восхитувам на пијанистот Дино Имери, кој има одлична европска кариера. Уживам во делата на Решат Амети, од кој имаме едно негово остварување во нашата резиденција. Го чувам на добро место и ми помага трпеливо да го запознам овој сликар со голем талент чија филозофска инспирација можам навистина да ја почувствувам. Многу ми се допадна неговото објаснување дека хроматските нијанси не беа етнички, туку се вкоренети во целата традиција на Западна Македонија. Полека ги читам преводите на романите на Луан Старова, вашиот поранешен амбасадор во Париз, голем писател и вистински мудрец. А, ќе ви кажам во доверба: ми подарија книги за да научам (малку ) албански. Посакајте ми среќа!

publie le 26/04/2018

hautdepage