Интервју на амбасадорот за месечникот „Карпош Ин" [fr] [sq]

По посетата минатиот февруари на зградата на поранешната спортска сала „Партизан", изградена со поддршка од Франција по земјотресот од 1963 година и којашто е предмет на амбициозен проект за реставрација, амбасадорот во интервју за месечникот „Карпош Ин" зборуваше на оваа тема.

1. Почитуван амбасадоре Тимоние. Неодамна ја посетивте Општина Карпош и заедно со градоначалникот Стефан Богоев бевте во посета на спортскиот центар „Наум Наумовски Борче – Партизан“, кој претставува донација на Франција по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963. Какво чувство Ви пробудија руинираните ѕидови и сликата внатре, како ја оценувате иницијативата за спас и обнова на „Партизан“?

JPEG

Франција целосно учествуваше во меѓународниот бран на солидарност што се создаде по земјотресот во 1963 година. Навистина бев трогнат при посетата на Музејот на градот кога се уверив колку биле силни емоциите, но и меѓународната мобилизација. Тоа бил момент на оптимизам со почетокот на затоплувањето на односите помеѓу Кенеди и Хрушчов и идејата за солидарност меѓу народите, ставајќи ја соработката над политичките ривалства кога сме соочени со природна катастрофа. Можеби треба да се размисли за поуката од таа лекција, во време кога сме соочени со климатските промени. Триесетина спортски објекти биле уништени, а изградбата на овој спортски центар со помош на Франција претставувал знак на надеж за градот и за новиот живот. Нормално е дека контрастот меѓу надежта од тоа време и сегашната состојба е фрапантен. Треба да се запрашаме како тој спој на негрижа и алчност довел до напуштање на таа прекрасна зграда, симбол на спортскиот дух и на обновувањето на градот. Но, повеќе сакам да размислувам за мобилизацијата на граѓаните која го привлече нашето внимание кон ова место и неговото минато, како и за енергијата на општинските власти кои имаат подготвено вистински проект за урбана обнова и реставрација на спортскиот центар: ова е знак дека духот на Скопје е посилен од инертноста и корупцијата.

2. Дали обновата на „Партизан“ може да биде позитивен пример за тоа како треба да се третираат и другите запуштени објекти во нашата земја? (кои за жал ги има поприлично)

Како што ми објасни градоначалникот, останува да се разјаснат одреден број моменти, како што е сопственоста на просториите и состојбата на градбата пред да се започне со нејзина реконструкција. Се надевам дека тоа ќе се разјасни во скоро време, бидејќи оваа градба е важна за животот на граѓаните, за нивното здравје, за образованието на младите и на општеството во целина. Од друга страна, таа архитектура од периодот на 50-тите до 80-тите години, наречена бруталистичка, исто така е дел од европското наследство кое заслужува да се заштити. Во Скопје се наоѓаат светски познати проекти, како што е Централната пошта, која за жал, не е доволно вреднувана, а била предмет и на вандализам. Ова современо наследство е најчесто колективно и е поврзано со историјата на земјата, како во нејзините најдобри времиња, така и во најтрагичните и затоа заслужува да биде подобро познато и ценето. Би било интересно да започнеме да пребаруваме низ архивите за тоа како бил изграден центарот „Партизан" и за соработката со Франција од тој период.


3. И улицата „Париска“ во населбата Тафталиџе не потсетува на француската солидарност кон Градот Скопје и Карпош, веднаш по 1963 година. Дали би дале поддршка, во склоп на „Партизан“ да постои и француско катче, место каде што ќе се промовира француската култура, јазик и сл... од тука, симболично да започне едно ново поглавје на македонско – француско пријателство.

JPEG

Кога ќе дојде време, ќе видиме како да се вклучиме во активностите за обнова, доколку е потребно во рамките на нашата соработка. Несомнено е дека би сакале да ја продолжиме неговата историја за уште повеќе од педесет години. Најдобро е да се поканат француски спортисти, па заедно да ги заживееме овие простории! Зошто да не организираме ракометен натпревар при пуштањето во употреба? Колку што знам, не сте лоши во таа дисциплина, а не сме ни ние! Спортот е еден од приоритетите на нашиот Француски институт. Идејата за француско катче е одлична: францускиот јазик е јазик на олимпиското движење и тој се практикува во неколку институции во општината Карпош. Во вашата општина се наоѓа и Француското Интернационално училиште - Скопје, кое успешно работи благодарение на поддршката од страна на одговорните власти. Исто така, заедно со министерот за образование, господинот Aрбер Адеми и со градоначалникот, го посетивме училиштето „Братство”. Станува збор за едно навистина квалитетно училиште кое се наоѓа во вашата општина и ние планираме да ја прошириме соработката низ контактите остварени со вашиот сектор за образование.

4. Што сакате да правите во Вашето слободно време во Скопје? Често сте присутни во нашиот општествено – политички живот и читателите на магазинот „Карпош ИН“ би сакале да дознаат малку повеќе за Вашите навики и практики или можеби места кои го посетувате?

Ја сакам музиката и уживам колку што е можно во одличната програма на Филхармонијата и нејзината извонредна сала. Се обидувам да не ги пропуштам концертите на пијанистот Дино Имери, кој величествено го прослави својот јубилеј во декември заедно со своите пријатели. Исто така, имате прекрасни пејачи како Ана Дурловски, еден од најубавите сопрани на денешницата, чиишто ретки настапи се трудам да не ги пропуштам. Деновите на македонската музика, како и џез-фестивалот или фестивалот на современ танц, се исто така моменти што не се пропуштаат; среќни сме кога француски уметници ќе се најдат на програмата и се обидуваме да го поддржиме нивното доаѓање. Важно е Скопје да остане град на културата и на меѓународната соработка. Исто така, многу ги ценам разновидните изложби што ги организира Националната галерија. Нашите бројни културни активности подготвено од Францускиот институт (http://www.ifs.mk) претставуваат можност за многу богата размена со интелектуалците од оваа земја. Разговорите со Луан Старова или со Владимир Мартиновски секогаш претставуваат едно духовно збогатување.

5. Нашата земја храбро и одлучно чекори на патот на евроатлантските интеграции. Кои се најважните три работи, кои според вас ќе ги добиеме со нашето членство во ЕУ и НАТО, особено, што е тоа што локалната самоуправа ќе добие?

Договорот од Преспа го одблокира патот. Пристапувањето кон НАТО претставува нова гаранција за заедничката безбедност, особено ако истовремено се вложува во европската одбрана која е во развој, пред сè поттикната од страна на Франција. Новата фаза, без сомнение и најзначајната, ќе биде нов чекор напред кон Европската унија, кон која сте предодредени да се приклучите. Патот е долг, но на тој пат, исто како и во 1963 година, ние сме подготвени да ви помогнеме. Европската Унија може многу да придонесе на локален план, во поглед на материјална и техничка помош, како и за поддршка на меѓународната размена. Точно е дека имаше заостанување во последната деценија и дека сега е потребно тоа да се надополни. Што се однесува до салата „Партизан”, да се инспирираме од минатото, да ги исправиме грешките и да го сочуваме духот на обновата и на соработката од 60-тите години. Кога се случи земјотресот, Сартр ги напиша овие зборови на надеж: „Скопје не е трилер-филм во кој погодуваме кој е главниот настан. Скопје е концентрација на човечката борба за слобода со резултат кој инспирира идни борби и неприфаќање на порази”. Земјата продолжи да чекори, а тоа посебно се чувствува во Карпош, зашто виталноста на локалната демократија е најдобар барометар за економската и социјалната реалност, особено доколку се практикува над партиските поделби, во духот на заедничкото добро.

JPEG

publie le 07/04/2019

hautdepage