Интервју на амбасадорот за неделникот „Заман” [fr] [sq]

Амбасадорот даде интервју за неделникот „Заман”, во кое зборуваше за договорот од Преспа и уставните амандмани, за реформата во судството и независноста на медиумите. Тој исто така напиша уводна статија за Стогодишнината од Примирјето од 1918 година.

JPEG

1. Како ја оценувате политичката ситуација во Македонија по гласањето во парламентот што овозможи отворање на фазата на уставни измени?
Резултатите од гласањето беа поздравени од страна на француските власти кои сметаат дека овој договор е добар за земјата, за регионот и за Европа. Внатрешниот процес е дел од вашиот демократски живот. Сепак, јасно е дека овој резултат е постигнат во одреден контекст по дваесет и седум години застој и во клима на прекумерна политичка поларизација. Секако, дојде време за македонската политика подобро да ги исполни етичките стандарди и практики што се очекуваат во Европската унија. Почнавме активна соработка во оваа област, особено во рамките на деонтологијата и создадовме меѓупарламентарни врски кои ќе ни овозможат, се надевам, да напредуваме во усвојувањето на добрите практики и нормалниот дијалог помеѓу главните политички чинители во име на националниот и европскиот интерес.

2. За неколку месеци, пакетот уставни амандмани треба да биде одобрен. Дали можеме уште да имаме пречки кога ја знаеме тешкотијата за добивање на потребното двотретинско мнозинство?
Процесот е сè уште на почеток: најверојатно, тоа ќе биде можност да се дадат појаснувања за договорот коишто подобро би го штителе националниот интерес и ќе се наведат точките на толкување на договорот, без да се доведе во прашање неговата општа структура. Донесувањето на одредени амандмани ќе помогне да се мотивира пошироко мнозинство пратеници во врска со овој текст.

3. Која е улогата на меѓународната заедница во оваа ситуација?
Партнерите на Македонија ја запознаа земјата со нивната позиција, а нашата беше претставена од нашиот претседател преку снимена порака, што беше направено за првпат во нашата соработка. Пораката беше упатена до македонските граѓани, во полза на позитивно гласање на референдумот.

4. Беше кажано дека по усвојувањето на уставните амандмани, Европската унија ќе и помогне на Македонија. На каква помош може да се надева нашата земја, особено од Франција?
Сигурно е дека ратификацијата на Преспанскиот договор ќе го одблокира грчкото вето, а потоа земјата ќе се оценува во зависност од реалниот напредок во реформите. Позитивно беше оценета динамиката со која енергично се започна во 2017 година. Имплементацијата на агендата 3 -6-9 и новиот план 18 ќе бидат внимателно следени. Ние сега треба да констатираме вистински напредок за да се преземат нови чекори во насока на отпочнување на преговорите.

5. Од друга страна, премиерот најавува дека ќе им прости на напаѓачите од 27-ми април. Овој чин се смета за некоректен. Какво е вашето мислење?
Франција во минатото минувала низ периоди кога состојбата била сериозна, а потоа се пристапувало кон помирување. Не смееме да го изгубиме предвид балансот помеѓу потребата за помирување и потребата да се задржат или да се создадат норми без кои не постои демократска држава. Неодамнешните примери во соседните земји покажаа дека голем дел од населението ја отфрла политичката култура врз основа на неказнивост на политичките лидери. Мора да се има на ум дека на Европејците ќе им биде тешко да го прифатат проширувањето со нови земји чија приврзаност кон демократските правила не е воспоставена и каде политичкото насилство не е забрането.

6. Реформите во правосудството остануваат единствен услов на ЕУ. Дали мислите дека Македонија направила напредок во тој поглед?
Многу е направено и останува уште да се направи во оваа витална област, каде што населението и европските партнери чекаат видлив и чувствителен напредок. Од своја страна Франција инвестираше во поддршката на Академијата за судии и јавни обвинители чиј напредок беше пофален од Брисел. Придобивките во оваа чувствителна област не смее да се расипат со назначувања со партиска обоеност. Ние ќе внимаваме на прашањето за „демократизација" на правдата и администрацијата во контекст на одлуките за отпочнување пристапни преговори.

7. Реформите во медиумите сè уште не се направени. Според вас, зошто е одложено и како треба да се реши ова прашање?
Балканските медиуми имаат мала економска независност и се борат за својот опстанок на тесен пазар, кој се уште е политички зависен. Новинарите се слабо платени поради тоа што не се во можност да користат одредени внатрешни и надворешни бенефиции. Македонија не е исклучок од тоа, иако е постигнат напредок по последните две години, по периодот на мрачни закани и физички напади врз новинари. Сепак, идејата за независно истражувачко новинарство останува далечна и покрај суштинската улога што треба таа да ја одигра во борбата против корупцијата и криминалните структури. Многумина веруваат дека ќе биде мошне корисно доколку Европската унија повторно биде присутна во оваа област, на регионално ниво. Ангажманот на македонските власти да се создаде примерен модел на јавен аудиовизуелен сервис е високо оценет и заслужува вистинска поддршка.

8. Канцеларијата на специјалниот обвинител, вклучувајќи ја и специјалната обвинителка, нема да може да се справи со сите прашања и случаи. Дали оваа институција ќе го продолжи својот мандат по добивање на две третини од гласовите?
Јасно е дека треба да се одговори на прашањето за местото на специјалниот обвинител во судскиот систем. Неговото создавање одговори на политичката криза што сега е затворена, а земјата, според мое мислење, треба да гледа напред, избегнувајќи двојни стандарди, но и да одржува ефективни механизми за справување со случаите на корупција. Ова останува како рак-рана која секогаш може одново да претставува закана.

9. Политичките партии на опозициските Албанци изјавија дека ќе дадат други амандмани кога ќе дојде време на отворањето на Уставот за уставните измени. Можеме ли да имаме несогласувања со македонската страна која се согласи само за промените во Преспанскиот договор?
Охридскиот договор се смета за фундаментален датум во современата историја на земјата.

10. Амбасадоре, за време на политичката криза, вие разговаравте со речиси сите политички лидери. Кој е нивниот став за политичката ситуација?

Во сите тешкотии што ги има земјата, треба да се забележи еден фактор кој, верувам, помогна да се избегнат голем број трагични настани. Тоа е капацитетот на лидерите од сите партии да се соочат и да ги приспособат своите позиции со оние на главните фактори на меѓународниот живот, што е реален и разумен став. Сите се согласуваат дека европскиот пат е единствениот кон којшто се стреми земјава. Сепак, мора од зборови да се помине на дела. Особено, тоа го очекуваме од ВМРО-ДПМНЕ по периодот на конфузија околу референдумот.

11. Македонската опозиција, ВМРО-ДПМНЕ, ги исклучи од своите редови пратениците кои гласаа за уставна ревизија. Дали е тоа недостаток на демократија во рамките на оваа политичка партија или се работи за лични интереси?

ВМРО-ДПМНЕ е голема партија со своја историја, традиција и правила. Таа сега има можност да направи промени во сопствените редови кои ќе бидат од полза за целиот систем. На крајот, ќе одлучат нејзините членови и гласачите, а не амбасадорите.

12. Русија се спротивстави на гласањето за уставна ревизија, додека ЕУ ја поддржа оваа иницијатива. Вашиот коментар за тие ставови?
Ништо не би било полошо за оваа земја од тоа да стане влог на апсурдна студена војна. Сите треба да се однесуваат одговорно, така што Македонија да биде пример за успешен спој помеѓу Истокот и Западот.

JPEG

Сто години по завршувањето на Големата војна,
да се зацврсти мирот во Европа и во светот

Оваа е наша, заедничка историја за сите денешни Европејци кои се стремат заедно да изградат простор во мир и просперитет, со што нивните различности ќе станат заедничко богатство.
Гледаме каков бил изодениот пат кога само ќе помислиме на Европа, осиромашена и уништена по завршувањето на една од најужасните војни во историјата, таа вистинска "Европска граѓанска војна", која останува врежана во нашата историја и нашите сеќавања.
Најнапред поради бројот на жртвите и страдањата на коишто се потсетуваме посетувајќи ги гробиштата кои сакаме да бидат места за оддавање почит и места на спомените. Двата музеи што ги отворивме во Битола и во Скопје, и коишто македонското Министерство за Култура ги вклучи во својата агенда за Европската година на наследството, сведочејќи дека земјата целосно ја споделува заедничката историја.
Страдаше оваа земја, како и другите европски земји, па дури и тие надвор од Европа, со создавање граници, економски и социјални пресврти, егзодуси, идеолошки и религиозни поделби, кои пак го посеаја семето на новите конфликти што доведоа до втор кошмар, односно до Втората светска војна.
Лекциите остануваат трајни, во срцето на Балканот, кој повторно доживеа војна во дваесеттиот век и каде сé уште не се завршени сите помирувања неопходни за посакуваната интеграција на тие земји во новата Европа на мирот.
Во тој контекст, ние прво мора да го поздравиме постигнатиот напредок. На 11 ноември, во Битола, на местото каде што се водеа борби, мојот германски колега ќе одржи говор на француски јазик на француските воени гробишта, а јас ќе се обратам на германски, на германските воени гробишта. Уште еднаш ќе ја покажеме решеноста на нашите два народи и нивните влади да продолжат со помирувањето и тоа да претставува камен-темелник на европската изградба. Франција е убедена дека Европа мора да се обнови за да прими нови членки кои ги споделуваат истите аспирации и истите вредности, истиот концепт на слободно и отворено општество, врз основа на почитување на правата на човекот и истата желба да ги истакнат своите вредности во свет загрозен од егоизам, нетолеранција и повлекување во самите себе.
Овие вредности не се очигледни и пред нив денес постојат нови закани.
Народите на Европа во 1918 и 1945 година се кренаа со обновена сила повторно да го изградат опустошениот континент. А денес, Европа се обединува околу еден заеднички проект заснован не врз силата, туку врз законот и просперитетот. Германија и Франција, како и сите довчерашни непријатели имаат заедничка одговорност да останат верни на сеќавањето на оние кои загинаа во тое време низ борбите, што беше една ужасна лекција за целиот наш континент. Затоа, со задоволство гледавме како Скопје потпиша договор со Софија, а потоа и со Атина со намера да ја сврти страницата на вековниот раздор и да испише нова. Вечна е надежта дека силите на мирот ќе надвладеат над оние на поделбата.

JPEG

publie le 13/11/2018

hautdepage