Интервју на амбасадорот за весникот Лајм [fr] [sq]

Би сакал да ја продолжам својата активност во регионот и да придонесам оттаму за неговиот напредок кон европската конструкција, на „француски начин“ како што посакува претседателот Макрон, кој побара Франција повторно активно да се вклучи на Балканот. Во интервју за весникот на албански јазик „ЛАЈМ“

Aмбасадорот зборува за неговите впечатоци на крајот од мандатот, за актуелната состојба во Северна Македонија и во регионот, за добрососедските односи, како и за методологијата за проширување што ја започна Франција и нејзините идни проекти.

PNG

1. Господине Тимоние, го завршувате мандатот во Скопје. Како се чувствувате кога ја напуштате Северна Македонија? Кој момент би го одвоиле од Вашиот неколкугодишен престој ?

Овие четири години беа пресвртница за земјата: политичка промена, промена на името, влез во НАТО и принципиелен договор за отворање на преговорите за членство во ЕУ… Да не ги спомнувам перипетиите околу 27 април во Парламентот но и околу референдумот или Специјалното обвинителство и разните „бомби“. Скоро секој ден нешто се случуваше. Со сите тие подеми и падови, впечатокот е секако дека земјата, по одреден период на стагнација, продолжи по својот пат кон европската конструкција. Големо задоволство е да се биде дел од тие настани.

2. Дали на почетокот на вашиот мандат мислевте дека би заминале без нашата земја да ги започне преговорите за пристапување во ЕУ? Во еден момент, Франција исто така беше критикувана како виновна за тоа. Колку беа основани тие критики?

Франција има тешка и реална концепција за европската конструкција. Таа смета дека европската вокација на Западен Балкан е неспорна. Сепак, беше потребно да се земат предвид минатото искуство и специфичностите за да не се тргне по патот за којшто постои ризик да биде бесконечен, фрустрирачки за населението и да ја претвори надежта во разочарување. Инспириравме нова методологија заснована врз реалниот напредок на земјите кандидати, за промовирање на политичката, економската и социјалната конвергенција, кои се од суштинско значење за создавање на силна Европа.

3. Преговорите за пристапување ќе се водат според новата методологија, која беше започната главно на инсистирање на Франција. Дали преговорите со оваа методологија ќе бидат потешки за Северна Македонија и за Албанија?

Барањата за унапредување на владеењето на правото се посилни и го сочинуваат ’рбетот на процесот. За доброто на сите, а особено на граѓаните на засегнатите земји, кои ќе можат да побараат од своите власти да дадат отчет за постигнатиот напредок, особено во случај на назадување, тогаш ќе се зема во предвид методологијата.

4. Нов проблем за евро-атлантскиот процес на Северна Македонија сега е на повидок, а тоа е бугарскиот меморандум. Според Вас, дали постои ризик проблемот со Бугарија да се претвори во подолгорочен проблем или ќе се реши наскоро? Дали Франција го дели германскиот став дека билатералните прашања мора да бидат решени меѓу двете земји, а не во Брисел?

Балканот е богат со историја, митови, ментални претстави кои не е секогаш лесно да се направат компатибилни, особено ако се предмет на прекумерна употреба од страна на политичарите. Ние мора да поттикнеме регионално разбирање и меѓусебно почитување, да ја зголемиме соработката помеѓу младите и интелектуалците и, пред сè, да не ги мешаме овие прашања од минатото со европската конструкција. Таа е свртена уште од почетокот кон иднината, како што е и француско-германското помирување. Да се потпреме на разумот и да поттикнеме решенија засновани на дискусија и контакти помеѓу Софија и Скопје.

5. Ваш коментар за случувањата во нашиот регион. Постигнат е економски договор меѓу Косово и Србија во Вашингтон, а се случуваат апсења од страна на ЕУЛЕКС, засновани на сомневања од Специјалниот суд во Хаг?

Можеме само да го поздравиме напредокот што дава надеж. Останува да се преземат нови конкретни чекори, а Европската унија е активна во таа насока. Што се однесува до улогата на меѓународната правда, таа не може да се оддели од долгорочното решение кое ќе се заснова врз вистината и транспарентноста на индивидуалните одговорности за настаните кои понекогаш беа трагични. Меѓународната правда ја има нашата целосна поддршка за реализација на тие активности.

6. Господине Тимоние, на крајот од Вашиот мандат оставивте впечаток на многу активен дипломат во Северна Македонија. Каде ќе ја продолжите својата кариера?

Би сакал да ја продолжам својата активност во регионот и да придонесам оттаму за неговиот напредок кон европската конструкција, на „француски начин“ како што посакува претседателот Макрон, кој побара Франција повторно активно да се вклучи на Балканот.

publie le 10/10/2020

hautdepage