Интервју на амбасадорот за весникот „Вечер” [fr] [sq]

Во интервју за весникот „Вечер“ во врска со најновите настани во Северна Македонија околу случајот „Рекет“, амбасадорот ги охрабрува надлежните органи да спроведат непристрасна, сеопфатна и веродостојна истрага за враќање на довербата кај граѓаните и кај меѓународни партнери

Не сакаме Македонија да биде шпанска серија туку очекуваме од Македонија да биде одговорен партнер, вели францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние, во изјава за весникот „Вечер“, осврнувајќи се на случајот „Рекет”. Тимоние посочува дека во контекст на овој случај, се објавуваат многу работи, не се знае што е точно, што не, но постои правна рамка која што треба да се искористи за да го расветли сето тоа и не е возможно да се кријат работите под тепих. Амбасадорот апелира на почитување на пресумпцијата на невиност. Тој е дециден дека е неопходно да се покаже дека институциите функционираат и смета дека има време да се постигне тоа до месец октомври кога земјите-членки на ЕУ ќе одлучуваат за доделувањето датум за преговори на ЕУ со земјава. Во спротивно, предупреди францускиот амбасадор, потоа ќе треба да се сносат последиците.

- Ако го земете целиот список што треба да се испорача, особено од областа на владеењето на правото, го имате списокот за кој ќе се разговара дали е постигнат одреден напредок. Го имате прашањето за слободата на медиумите, а со тоа е поврзано прашањето за онаа телевизија која беше основана под сомнителни околности. Потоа го имате прашањето поврзано со корупцијата, прашањето за судството кое исто така е во списокот, прашањето за одвојување на државата од политичките партии… Сите тие прашања фигурираат во списокот на обврски и се вклучени во оваа афера („Рекет”) и не можам да ви кажам повеќе. Дали ќе може сето ова да се реши и тоа во целосна транспарентност до месец октомври не знам, но сепак ќе може да видиме како властите се носеле со оваа криза и како се искористиле сите ресурси за да се реши истата, изјави амбасадорот Тимоние за весникот „Вечер”.

Тој е оптимист дека има уште време да се поправи се, особено за да се врати довербата кон системот од страна на граѓаните, а особено кај меѓународните партнери и предупредува во моментот да не се упропасти сè.

– Да видиме дали целокупниот нов дух кој беше воспоставен пред две години и желбата да се оди напред соодветствува со реалноста и со вистината. Воопшто не ја потценувам и дозата на храброст која ќе биде потребна за да се постигне тоа, затоа што во игра се многу важни работи. Важно е да не се објавуваат произволно имиња во јавноста затоа што ќе се случи своевиден масакр од кој никој нема да биде поштеден. Помеѓу докажан чин на корупција и невнимание има сепак огромна разлика. Со тоа се изложуваме да се појави недостаток на доверба кај граѓаните, што е лошо за секаков демократски систем, особено во поглед на желбите и настојувањата да се создаде европски систем, вели францускиот амбасадор во земјава.

Амбасадорот Тимоние смета дека случајот „Рекет” треба да се води без пардон, без разлика на тоа каде и до кого ќе води истрагата.

- Постои силно барање да се расчисти ова од страна на граѓаните, но и од страна на меѓународните фактори, особено поголемите и главни партнери на земјата и во тој поглед изјавата на мојата американска колешка кажа се, вели амбасадорот Тимоние во изјавата за весникот „Вечер”.

publie le 30/07/2019

hautdepage