Интервју за МИА на г-ѓа Мишел Лари-Шарлис, директор на „Бордо Метропола 2050" [fr] [sq]

Tаа говори за нејзините впечатоци за Скопје, по досега остварени четири посети, но и за искуствата во решавањето на проблемите со сообраќајот, загадувањето, урбанизмот на Бордо, град со 800.000 жители, кој годишно го посетуваат седум милиони туристи.

Скопје, 30 ноември 2018 (МИА) - Мишел Лари-Шарлис е доктор по филозофија на Универзитетот Сорбона во Париз, а важи за експерт со долгогодишно искуство во локалната администрација на Бордо, особено во делот на планирањето и урбанизмот. Била заменик директор во канцеларијата на градоначалникот Алан Жипе од 1995 до 2000 година, а потоа и негов специјален советник за урбанизам (2000-2002). Втор мандат (2007 - 2006, и од 2017 - ) е на функцијата генерален директор за планирање на градот Бордо, а од 2018 година е директорка на Бордо Метропола 2050.
Деновиве како еден од француските експерти таа учествуваше на еднодневниот семинар „Скопје наспроти предизвиците на животната средина“, организиран од Францускиот Институт во Скопје. Тема беа проблемите на Скопје, кој како главен град страда од вообичаените проблеми за големите градови: големо загадување во зимскиот период, густ сообраќај, непрекинато никнување нови градби, ширење на градот, недоволно присуство на обновливи извори на енергија, односно како да се изгради град на утрешнината. Во интервју за МИА, таа говори за нејзините впечатоци за Скопје, по досега остварени четири посети, но и за искуствата во решавањето на проблемите со сообраќајот, загадувањето, урбанизмот на Бордо, град со 800.000 жители, кој годишно го посетуваат седум милиони туристи, и е прв во Франција по бројот на велосипеди.

JPEG

Директор сте на Бордо метропола 2050. Кажете ни повеќе за проблемите на градот со загадувањето, со сообраќајот и како ги решавате?
- Ние воспоставивме таков режим на сообраќај, со кој на возилата им станува многу тешко да поминат низ центарот на градот, туку го заобиколуваат, а трамвајските линии минуваат низ самиот центар на Бордо. Создадовме јавни простори кои се отворени за терасите на кафеаните, за сите кои користат велосипед, или пешачат. На некој начин ние градот им го вративме на граѓаните.
Во однос на трамвајот, во моментот функционираат три линии сите изградени во 2003, а четвртата ќе биде готова во 2019 година. Денес имаме 77 км трамвајски линии.
Знаете, доста е тешко политички да се изгради трамвајска линија, но секогаш е возможно. Во Бордо трамвајските линии се вкрстуваат во центарот. На почетокот сите што имаа дуќани во центарот се противеа бидејќи сметаа дека ќе им падне прометот. Но, денес токму тие се оние кои најмногу го сакаат трамвајот, бидејќи со отворените јавни простори, трамвајскиот превоз им донесе многу луѓе и им порасна прометот.
Јавниот градски превоз го сочинуваат и автобуски линии кои не поминуваат онаму каде има трамвајски линии туку го опслужуваат приградскиот дел, со тоа што има два вида линии - редовни линии и автобуси што застануваат на 2-3 км. Се нудат на изнајмување велосипеди и електрични тротинети, а има и бродски превоз на електричен погон. Велосипедите се многу популарни во Бордо, а градот е шести во светот по бројот на велосипеди и на прво место во Франција.

Што претставува Бордо метропола 2050?
- Тоа е проект што нема почеток, и нуди перспектива. Бордо достигна еден квалитет на живот на завидно ниво. Беше класифициран според Холидеј Планет за прва светска туристичка дестинација. Но сето тоа има и своја жртва. Имено, денес цената на недвижностите е многу висока, сообраќај нема во центарот, но затоа го има ужасно многу во околината и како жртва на својот успех сега има енормно многу туристи. Затоа сега работиме на тоа да се намалат цените на недвижнините и тој ужасен сообраќај во околината на Бордо да се подобри, како и да се надмине „тесното грло“ со мноштвото туристи во центарот на градот.

JPEG

Каква визија содржи планот Бордо Метропола 2050? Како треба да изгледа градот за триесетина години од сега?
Во 1995 година кога Алан Жипе стана градоначалник на градот Бордо, тој им претстави на граѓаните еден урбанистички план. Тој план го реализиравме, но сега треба да се премине на нов проект. Една година работиме на проект за кој разговараме со сите - со училиштата, со граѓаните, со деловната заедница... и од сите предлози ќе создадеме еден агрегат. Замислата е животот во градот Бордо да продолжи да биде пријатен како досега, а за да го постигнеме тоа треба веднаш да ги менуваме работи. Воедно, преку таа широка консултација со јавноста треба веднаш да се влијае на јавните политики што ќе бидат водени во градот за да се подобрат јавните политики. Треба да се нагласи дека во тој процес на барање на мислења од граѓаните ние имаме 120 партнери од фирми, универзитети и разни други субјекти и преку 30.000 лица учествуваат во таа партиципативна демократија. Сето тоа е благодарение на интернетот и социјалните мрежи. Младите се вклучени во тој процес преку посебна апликација наречена „сериозни игри“ која ја има токму таа цел да ги привлече и заинтригира. Младите кај нас во Франција денес не можете со ништо да ги заинтересирате, а ние еден голем процент од тие што ги консултираме со таа анкета, околу 50 до 60 отсто се под 45 години што е успех на оваа алатка. Ова е нешто што е единствено за Бордо и за што се заинтересирани многу градови.

Какви сообраќајни решенија имате предвид за Бордо 2050?
Во делот на сообраќајот се размислува за повеќе работи, како изградба на метро линија, користење возови со висока фреквенција на сообраќање без кондуктер и жичара за поминување на реката од еден на друг брег. Метрото е добро како опција за поголеми растојанија бидејќи овозможува побргу да стигнете до целта и превезува голем број патници, а финансиски не чини веќе толку многу во однос на трамвајот кој е далеку побавен (17 км на час) и има помал капацитет на превоз. Трамвајот како превозно средство во центарот на градот е одличен, но може да успее само ако нема возила. Доколку има возила тоа е неуспех.

Велите имате проблем со зголемениот туризам. Колку годишно туристи го посетуваат Бордо?
- Годишно седум милиони туристи го посетуваат Бордо, кои што престојуваат во центарот на градот, а во централниот дел живеат 250.000 жители. Многу од становите се користат за изнајмување на Ар Би енд Би, исто како Барселона или Амстердам, а луѓето одат да живеат на друго место.

Имавте можност во четири наврати да го посетите Скопје. Какви се вашите впечатоци и што е од итна важност за градот во решавање на загадувањето?

JPEG

- За да се справите со проблемите на градот потребно е пред се, и над се, да ја запознаете територијата. Градските избраници многу често мислат дека го познаваат теренот, ја познаваат територијата, но тоа не е секогаш случај. Само откако добро ќе го запознаете може да изградите визија и врз нејзина основа да креирате политики кои што понатаму ќе се имплементираат. Само врз таа основа може да создадете проект. Следна работа е администрацијата ефикасно да го спроведе тој проект, а тоа не често е така. Важно е и да се слушне гласот на граѓаните за визијата за развој на градот што ја има еден градоначалник, за граѓанинот да добие чувство дека се работи за неговата иднина и дека може да има иднина во тој град. Не можам да зборувам за Скопје затоа што не го познавам добро градот, но, сметам дека тука нема доволно традиција на граѓанска консултација.
Во секој случај потребно е време. Работите не можат да се сменат од денес за утре. Зборуваме за подолг период. Една генерација може да го смени градот. За четири години не може да се сменат состојбите, невозможно е, а мандатот на еден градоначалник е кус. Промените можат да настапат во интервал од 15 години. Проблемот е што додека е тој градоначалник се е во ред, но кога доаѓа следниот постои ризик да ги негира сите политики кои што ги направил претходникот и тука е во суштина проблемот. Треба и следниот градоначалник да ги продолжи.

Со најголем процент во аерозагадувањето на Скопје учествува затоплувањето на домовите. Како е тоа решено во Бордо?
- Во Франција загревањето е на електрична енергија, која е чиста енергија, односно од нуклеарно потекло.

Какви решенија за сообраќајот му се потребни на Скопје?
- Во секој случај треба да се најде систем кој ќе спречи возилата да доаѓаат во центарот на градот и да се развие јавниот сообраќај за луѓето да го користат. Тоа е она што го направивме во градот Бордо. Центарот на Бордо е наменет исклучително за пешаци, а таму каде поминуваат трамвајските линии не сообраќаат возила. Тоа не е решение против автомобилите, туку против валканите возила кои користат фосилни горива.

JPEG

Во моментов во градот локалната администрација користи возила на електричен погон, но тие многу малку се користат, и покрај одредени субвенции кои се даваат, пред се поради високата цена на чинење. Но цената во наредните 10 години драстично ќе се намали, а тогаш се очекува да не преплават евтини електрични возила од Кина. Во секој случај, и електричните возила загадуваат, затоа што самите батерии се извор на загадување

Имате ли град - модел кој ве воодушевува?
- Лион е град со одлични решенија, потоа Базел во Швајцарија каде комплетно ги имаат отфрлено возилата и луѓето користат само јавен превоз. Она што го издвојува Лион е што 30 - 40 години, независно кој е градоначалник, а се сменија четири, се продолжува со истата политика. Исто така, има и извонредна администрација со висока култура во однос на реализација на проектите, потоа висококвалитетни инженери кои се во служба на таа администрација.

Каква е визијата за градовите на иднината?

JPEG

- Прв предизвик е мобилноста на луѓето. Втора тема е да знаеме интелигентно да ги користиме новите технологии. Всушност, ќе преминеме во едно општество во кое предност ќе имаат навиките и потребите на граѓаните, а не понудата. (Пример е системот „бла-бла кар“ кој се користи во Франција, со кој може да го искористите возилото на некој друг за да отидете некаде или други концепти.) Значи во фаза сме на премин во едно општество базирано на потребите на граѓаните, со тоа што мора да им се помогне на некој начин на големите компании и на политичарите да го увидат тоа. Градските власти во таа насока треба да им дадат поддршка на големите компании, да ги придружуваат во тој процес на трансформација и своите администрации да ги прилагодат на тоа. Тоа е процес кој нема да биде лесен.

JPEG

publie le 03/12/2018

hautdepage