Интервју за „Нова Македонија“ [fr] [sq]

По посетата на Државниот секретар на вооружените сили на Франција, госпоѓата Женевиев Дариесек и отворањето на Меморијалниот комплекс во Битола, амбасадорот зборува за почитта што им ја оддава Франција на македонските цивилни и воени жртви во борбите на Македонскиот фронт.
Прочитајте го целото интервју:

1. Ваша екселенцијо, деновиве на Француските гробишта во Битола беше отворен Меморијалниот комплекс за жртвите од Првата светска војна, кои ги загубија животите на Македонскиот фронт во 1918 година.
Како Вие како амбасадор на Франција го доживеавте тој чин?
Сто години по завршувањето на Првата светска војна што ја смени мапата на нашата Европа и историјата на светот, тој настан го доживеав како чин на сеќавање и надеж. Не ги забораваме тие што честопати гинеа сигурни во себе дека го бранат нашето мото за слобода, еднаквост и братство и убедени дека со своето страдање ќе придонесат за подобар свет по завршувањето на "Последната голема војна", како што ја нарекуваа нашите војници. Беше тоа чин на надеж што се случи среде Балканот, на едно големо градилиште, како дел од европската конструкција. Од паднатите борци до нас допре порака за која мора да бидеме достојни. Да бидеме трпеливи и истрајни.

JPEG

2. На свеченоста Вие и државниот секретар на Франција, госпоѓата Женевиев Дариесек изјавивте дека во страшните битки кои се водеа на Македонскиот фронт покрај голем број војници на Франција и земји на Антантата, како учесници во решавачките битки на Фронтот, загинаа и македонски војници, како и илјадници цивили, главно битолчани. Колку што ме служат сеќавањата Франција е една од ретките земји, ако не и единствена која јавно призна дека на Македонскиот фронт загинале и голем број македонски војници, како и цивили.
Зошто во изминатите години јавно не се говореше за таа вистина?
Сакавме отворањето на нашите два нови музеи да го запишеме во делот на заедничкото историско наследство. Уште во дваесеттите години на минатиот век, на градот Битола, наречен Верден на Балканот, му беше доделено едно од највисоките француски одликувања, Воениот Крст со Палма, како почест за страдањата на цивилното население. Не можеме да ја заборавиме судбината на населението разделено помеѓу неколку земји, таа трагична судбина на поделените семејства. И ние доживеавме таква болка со населението на Алзас и Лорена, кое беше растргнато помеѓу две земји. Збратимувањето со Епинал, кое оваа година е во знакот на педесетгодишниот јубилеј, добива уште поголемо значење. Спомените од минатото ни даваат поттик и енергија да бидеме активни. Историјата на овој регион не е доволно позната, дури честопати била искривувана поради нечии зли намери и политички интереси. Веројатно е време да ја вратиме човечката димензија. Во таа насока, организираме меѓународни историски средби на годишно ниво. Оваа година правници, историчари и воени лица дебатираа од регионот на Македонскиот фронт за обврската да се заштити цивилното население, како и за прашањето што денес е повеќе од актуелно и кое, покрај тоа што постоело и на други места, се појавило токму овде и од Битола надалеку се слуша, можеби посилно од каде и да е на друго место, а тоа се перспективите за европско и регионално помирување.

3. Франција е единствената земја која досега собра храброст да ги стави имињата на македонските војници од Новаци кои загинаа во Првата светска војна на Македонскиот фронт, на спомен-плочата во Коломбел, како и во Музејот кој деновиве беше отворен на Француските гробишта во Битола. Дали требаше да поминат 100 години, па некој како Франција да се сети и на спомен-обележјата за жртвите од Првата светска војна да стави имиња и на македонски војници кои загинаа војувајќи на овој Фронт, но во други војски.
Млади француски уметници ги врежале тие имиња во експонат што го подарија на Музејот. Нивното дело всушност зборува за цената што ја платиле жителите на овој регион во конфликтот што ја зафати цела Европа, а подоцна и светот, како прва ужасна глобализација, која денес нè потсетува на опасностите што демнат кога силата ќе се стави над законот во меѓународните односи и можните ризици од нова студена војна. Нека пораката зад којашто стои Франција, за поголема европска автономија, го пронајде своето значење и одзив. Побаравме и добивме согласност од македонското Министерство за култура отворањето на овие два музејски простори да биде вклучено во Националната агенда на Европската година на наследството, бидејќи се работи за дел од вашето минато кое треба да се реконструира како заедничко поглавје од нашата колективна европска историја. Сите поранешни социјалистички земји беа лишени од тоа парче сеќавања, но сега се отвора едно пространо поле на коешто треба да се подигне заедничка историска свест и таа да се стави во служба на мирот.

4. Деновиве во Битола беше организирана научна конференција за Првата светска војна на која голем број научни работници, историчари и новинари излегоа со свои научни трудови за Големата војна и ужасите кои таа ги донесе на овие простори.
Какви се вашите сознанија за придобивките од оваа научна конференција и дали јавноста во Македонија ќе биде запознаена со презентираните трудови?
5. Ваша екселенцијо, свеченостите од Првата светска војна и отворањето на Музејот се совпаднаа со јавните прозивки на некои медиуми и дел од јавноста во Македонија дека Франција и Холандија во т.н. “нон-пејпер“ искажале резервираност кога се во прашање реформите во Македонија на патот кон Брисел и исполнувањето на условите за членство во ЕУ и НАТО?
Франција потполно го поддржува влезот на вашата земја во НАТО, доколку бидат исполнети условите и доколку постои едногласност во врска со оваа тема. Претседателот Макрон јасно кажа дека земјите од Западен Балкан имаат свое место во европскиот проект. Меѓутоа, потребни се значителни прилагодувања на нашата перцепција за да го поздравиме приклучувањето на нови членки. Тие имаат право да им обезбедиме постојана и темелна поддршка за да се подготват во дадените рокови, додека пак ние имаме право и должност од наша страна да го направиме системот поефикасен, внимавајќи притоа да не го доведеме до точка на самоуништување. Земјите од поранешна Југославија имаат историско искуство за тоа какви се ризиците од појавата на една нефункционална целина. Тие најдобро можат да ја разберат нашата загриженост, што очигледно ја споделуваат народите на Унијата, ако веруваме во последните изборни резултати во неколку земји. Потребно е извесно време за сите да се убедат во реалноста на реформите и во придобивките од вклучувањето на регионот во европскиот проект.

JPEG

6. Што всушност содржи “нон-пејперот” и кои се неговите главни пораки?
7. Вие, како амбасадор кој сте доста информиран за состојбите во Република Македонија. Како Вие ги оценувате состојбите во државата, особено по смената на власта?
Владата го прошири и консолидира своето мнозинство. Таа има начини за дејствување. Разговорите во рамките на таканаречениот процес "Жан Моне" дадоа одредени првични позитивни индикации за способноста да се спроведе неопходна инклузивна дискусија за законите заедно со опозицијата. Легитимитетот на законите се заснова на почитување на постапките, да нема систематско попречување од страна на опозицијата, која пак, од своја страна, треба да може да го употреби правото на амандмани, а потребна е и хармонизација на судските и законодавните власти и на различните сегменти на извршната власт. Неодамна беше забележан позитивен развој на настаните. Тоа ќе мора да биде потврдено и во пракса, со цел да се утврди дека земјата, по периодот на регресија, навистина сосема се вратила на европскиот пат.

8.Деновиве опозицијата на својот прв митинг по смената на власта порача дека Заев не ги остварил своите ветувања и дека во Македонија се неопходни нови предвремени парламентарни избори и формирање на техничка влада. Како Вие го оценувате таквите барања на опозицијата?
9. Преговорите помеѓу Македонија и Грција за решавање на проблемот со името се приближуваат кон својата завршница. Дали и Вие како премиерот Заев сте оптимист дека по нецели 25 години конечно ќе се надминат разликите меѓу Грција и Македонија и ќе се реши овој спор, или пак решавањето на спорот повторно ќе се одложи за догледно време?
Ние сесрдно ги поддржуваме храбрите напори што беа направени во текот на изминатата година за да се надмине безизлезната ситуација, која добива драматични размери кога ќе се констатира дека земјата и понатаму ја напуштаат граѓани кои се нејзина движечка сила. Работата врз тој приоритет не треба да се одолговлекува и секогаш мора да се има на ум кога ќе се појави можноста да се залута од премногу ситничарење. Сепак, потребна е трпеливост и доволно ниво на национално единство, бидејќи тоа прашање не може да се реши по цена на нови поделби. Тоа бара да се демонстрира вистинско чувство за национален интерес тогаш кога треба да се донесат тешки одлуки кои допираат до идентитетот, но и до срцето, исто толку колку и до разумот. Јас пак, познавајќи го регионот, ги почитувам сите историски факти на засегнатите страни и добронамерните преговарачи, кои од едната и од другата страна обезбедија овој процес да напредува. Да ги охрабриме, да им помогнеме и да не ги обвинуваме. Во секој случај, тие заслужено работат во европски дух.

10. Што ќе се случи доколку и покрај добрите желби на Заев и неговиот оптимизам, како и отстапките кои ги направи, Грција одбие да се согласи со решавањето на спорот, како што тоа го направи со одбивањето на предлогот за Република Илинденска Македонија?
11. Вие доаѓате од една демократска земја, каква што е Франција. Што мислите, дали Македонија треба да плати таква висока цена да го смени името за да се интегрира во европското семејство?
12.Ваша екселенцијо, неодамна претседателот на Франција Емануел Макрон изјави дека приемот на земјите од Западен Балкан нема да се случи до 2025 година, бидејќи најпрво треба да се направат реформи во самата Европска унија, а потоа да се размислува за нови членки. Не мислите ли дека со таквата изјава Вашиот претседател го зголеми скептицизмот кај Македонците за влез во ЕУ.

JPEG

Граѓаните на оваа земја први ја препознаваат разликата помеѓу реформите за коишто се дискутира, оние за коишто се гласа и тие што се применуваат. Граѓаните очекуваат ние да бидеме мобилизирани за да помогнеме во нивна имплементација и ние ќе се потрудиме да ја оправдаме таа улога. Тоа е морална должност и претставува интерес на Европејците. Искуствата од претходните проширувања, токму од овој регион, нè научија дека реформите во областа на правосудството не треба да се прават набрзина и дека квалитативните критериуми се од суштинско значење за соодветно да се процени напредокот. Гласањето на законите и бирократскиот пристап кон напредокот во областите на реформите, не се задоволителни за ничија страна. Таквите реформи се спроведуваат без доволно истрајност и тие го потхрануваат евроскептицизмот, како овде, така и во ЕУ, а не обратно. Затоа, местото на оваа земја е обележано во Унијата и се направени суштински чекори. Да не се расправаме и да продолжиме напред.

13. На крајот, која е Вашата порака за македонските власти и македонските граѓани.

Бидете трпеливи, сплотени и верувајте во себе. Дури и ако се чини дека е хаотичен, патот по којшто се движите е тој вистинскиот, а Франција е со вас, како и секогаш од 1991 година до денес.

publie le 12/06/2018

hautdepage