Интервју за дневниот весник „Вечер” [fr] [sq]

Во интервју за дневниот весник „Вечер” за изданието од понеделник 19 август, амбасадорот зборува за своите искуства во Северна Македонија.

На кафе со кристијан тимоние, амбасадор на франција: како дете сакав да бидам готвач на брод, уживам во вашето трилече и музиката на Тоше Проески

JPEG

Амбасадорот Тимоние како дете сакал да биде готвач на брод. Редовно ги следи концертите на Македонската филхармонија, сака опера, а ужива да ги слуша Шуберт и Тоше Проески. Сака убаво вино, и француско и македонско. Фасциниран е од убавините во земјава, особено од Преспанското Езеро и островчето Голем Град, црквата во Курбиново и Шарената џамија во Тетово. Насмеан, расположен и срдечен како и секогаш, не пречека во својата резиденција на Водно која е негов дом за време на амбасадорската служба во Македонија. Денот му започнува и му завршува во градината, во која буквално ужива и ги полни батериите.

JPEG

Искусен дипломат, кој случајно влегол во оваа професија. Амбасадорот на Франција во Македонија Кристијан Тимоние, отворено за весникот “ВЕЧЕР” зборува за својата работа, секојдневието, омилената храна, љубовта кон уметноста, музиката, природата… Фасциниран е од убавините во земјава, особено од Преспанското Езеро и островчето Голем Град, црквата во Курбиново и Шарената џамија во Тетово. Тимоние во земјава е од 2016 година. Ова му е прва амбасадорска позиција. Претходно бил генерален конзул во Солун и во Неапол, како и заменик-амбасадор или прв советник во Белград. Првиот дипломатски ангажман му бил во Кина.

Насмеан, расположен и срдечен како и секогаш, нè пречека во својата резиденција на Водно која е негов дом за време на амбасадорската служба во Македонија.

JPEG

- Како мал сакав да бидам готвач на брод, вели Тимоние во разговорот за весникот “Вечер”. Случајно сум влезен во дипломатија, затоа што требаше да служам воен рок во Велика Британија, во Кембриџ, но тоа не се случи. Бидејќи имаше ургентна потреба, ме пратија во Кина, затоа што во гимназија учев малку кинески и им требаше некој надлежен за културни прашања во амбасадата. Мислев дека набрзо ќе си ја завршам тезата за либерализмот во Кембриџ, меѓутоа брзо се најдов во времето после Мао Це Тунг во Кина. Потоа министерството ми понуди да потпишам договор за да останам во службата, затоа што за тогашниот министер за надворешни работи Лоран Дима напишав говор кој многу му се допадна. Тоа навистина ми се многу драги спомени и потоа ми предложија да се јавам на конкурсот на Министерството за надворешни работи, а бидејќи тоа мое четири и полгодишно кинеско искуство не беше непријатно, туку напротив, го заобиколив патот кој требаше да биде мој како професор по историја и така се најдов и денес сум сè уште активен дипломат, се сеќава амбасадорот Тимоние на своите први чекори во дипломатската професија.

Не чита литература на македонски, ама чита “Вечер”

JPEG

Веднаш по ангажманот во Кина, Тимоние добил задача да ја следи Германија по падот на Берлинскиот ѕид.

Тимоние вели дека, за среќа, има слободно време да ја следи активната дебата за францускиот интелектуален живот, затоа што дебатата е доста жива и сега повеќе се занимава со геополитички прашања, со прашања поврзани со иднината на ЕУ, со прашања поврзани со безбедноста и се обидува да биде во тек.

- Доста сум приврзан и кон литературата и сето она што го носи таа како новина. Се обидувам да ги прочитам и сите книги од Луан Старова кои беа преведени на француски јазик. За жал, познавањето на мојот македонски јазик не ми овозможува да читам литература на македонски. Читам весници, ама литература не. Се разбира секојдневно го читам весникот “Вечер”, вели амбасадорот.

Во неговата резиденција лесно се забележува љубовта кон уметноста.

- Духовно дишеме преку уметноста. Често одам во галеријата Акантус, затоа што неодамна организираа изложба на сите македонски сликари кои изложувале или работеле во Франција. Се подготвува и друга таква изложба. Мислам дека уметничката сцена во Македонија заслужува да ја запознаат што поголем број на луѓе.

Ги слуша Шуберт и Тоше Проески

Тимоние вели дека колку што може, редовно ги следи концертите на Македонската филхармонија кои се одлични. Оди и на опера и секогаш кога има можност да ја слушне македонската оперска дива Ана Дурловска, не пропушта.

- Кога ми доаѓаат нови соработници им велам доколку обожавате убава музика, нема да ви е здодевно овде. Најчесто го слушам Шуберт, бидејќи обожавам и поезија, а кога се спојуваат музиката и поезијата, тоа е најубавата работа. Има еден албум кој ми е посебно драг, во изведба на Тоше Проески, со македонски народни песни. Од него, тој албум ми е најомилен, вели Тимоние.

Секогаш се враќа во црквата во Курбиново

Амбасадорот е воодушевен и од природните убавини на Македонија. Вели дека има многу убави спомени на Преспанското Езеро и островчето Голем Град.

- Мислам дека островчето Голем Град е едно од најизвонредните места кои сум ги видел. Друго место кое ми е посебно драго е црквата во Курбиново. И сум поминал речиси цел еден час во Шарената џамија во Тетово. Навистина е среќно место и посебно, го преточува турскиот барок со муслимански мотиви. Тоа е за мене своевиден симбол за Македонија кога Македонија добро се носи. Црквата во Курбиново, најверојатно, би било местото каде што би посакал повторно да се вратам и откако ќе заминам од Македонија. Веќе ја имам препорачано и на своите пријатели. Дури и снимив мал документарец и бев изненаден кога видов пред извесно време дека истиот беше цитиран и во Њујорк тајмс. За мене Курбиново е место каде што отчукува срцето на Европа, вели Тимоние во разговорот за весникот “Вечер”.

JPEG

Работниот ден на амбасадорот започнува и завршува во неговата градина во резиденцијата, која вели позитивно влијае на неговото расположение.

- Прва работа што правам кога станувам е одам да ја погледнам градината, затоа што навистина работевме макотрпно за градината да биде во добра состојба. Тоа веднаш ме расположува. Потоа за време на појадокот ги слушам француските вести, одам во Амбасадата во 8:30 или 8:45 часот. Се гледам со аташето за печат, со мојата шефица на Кабинетот за да го организирам денот и секогаш имам редовни состаноци со министрите од Владата, со членови на Кабинет, со членови на политички партии, што зазема голем дел од денот. Во последно време имам и сè повеќе состаноци со претставници на компании, што е добар знак. Затоа што е многу важно да се зајакнат економските и трговски односи помеѓу стопанствениците од двете земји, вели Тимоние.

На линија со Париз

Честопати амбасадорот организира и работни ручеци, ако не и секојдневно, затоа што, вели, тоа овозможува да се воспостави поинаков вид на односи со соговорниците.

- Бидејќи треба да го известам и Париз за сите убави работи кои сум ги слушнал, тоа ми е резервирано за навечер. Не секоја вечер, за среќа, затоа што потоа луѓето во Париз би се жалеле дека многу работи се случуваат во Македонија. Со тоа ми остануваат неколку слободни вечери за да одам на концерт. И навечер повторно имам малку време да се најдам во градината и имам време и за мојата мачка Мацо. Некогаш навечер кога сум слободен имам време да отворам и убаво шише вино со пријателите кои доаѓаат да се сретнат со мене. Ми се допаѓа таа балканска навика, така, ненајавено да поминат луѓе дома на гости, споделува амбасадорот Кристијан Тимоние во разговорот за весникот “Вечер”.

Запрашан како со неколку збора ќе ја опише Македонија, Тимоние вели дека ова е прекрасна земја од која се очекуваат чуда.

- Земја на чуда кои ги очекуваме, кои треба да се случат. Тоа значи дека нашите очекувања од вас се големи. Затоа што сте направиле чуда во минатото и очекуваме продолжение на чудата, вели Тимоние.

Амбасадорот Тимоние заедно со Францускиот културен центар, кој постои уште од 1974 година работат и на приближување на француската култура и јазик до македонскиот народ. Во рамките на стратегијата за Балканот што ја објави францускиот претседател Емануел Макрон има обемна програма за поддршка на изучувањето на францускиот јазик која ќе започне наесен.

- Пред нас е богата година со настани. Во моментот работиме на подготвување на договорот кој треба да се потпише меѓу двете држави за да може француската Агенција за развој да почне да делува овде. Таа Агенција ќе поддржува и голем број на образовни проекти. Тоа ќе биде повод да имаме богата размена, вели Тимоние.

Ја имам таа среќа да имам прекрасен готвач

Амбасадорот сака едноставна кујна, сендвич со шунка и убаво вино, без разлика дали француско или македонско. Од десертите како омилено го издвои трилечето.

JPEG

- Има едно јадење кое најмногу го обожавам, а е едноставно. Тоа е трилече. И секогаш рецептот е различен. Јас сакам едноставна кујна, а овде производите се со одличен квалитет, ја имам таа среќа да имам прекрасен готвач кој прави мешавина, спој помеѓу македонската и француската кујна, а за македонската кујна ќе кажам дека и самата таа е спој на различни кујни од регионот. Она што јас најмногу сакам е да откривам нови вкусови. Обожавам и македонски вина, вели Тимоние.

Тука сум да ставам масло во моторот, а не масло на огнот

Најчесто во Македонија намерите се добри, односно секогаш се многу добри, но жалам што не секогаш ми успева да ги спојам сите луѓе со добра волја. Една од добрите работи кои можам да си ги припишам како свој успех е тоа што успеав да создадам добри врски меѓу пратениците кои се членови на групата за пријателство и соработка со француското Собрание со кои имаме редовни контакти и се гледаме постојано. Оваа група да служи како мост за пренесување на пораки до различните политички партии, вели Тимоние. Поделбите во општеството се огромни, вели тој и не секогаш преовладува националниот интерес или интересот на земјата.

- Токму и затоа сум овде, да воспоставам мост помеѓу Франција и Македонија, а ако притоа можам и да послужам за нешто, ако можам да помогнам да има повеќе масло во моторот за да се движи, а не да се долева масло на огнот. Би бил пресреќен доколку кога си заминам луѓето кажат овој амбасадор успеа да става масло во моторот, а не масло на огнот, рече Тимоние.

JPEG

publie le 19/08/2019

hautdepage