Интервју за порталот Вечер.мк [fr] [sq]

Запрашан од порталот "Вечер.мк" за француските и европските позиции во однос на отворањето на пристапните преговори со Европската унија, како и за актуелната политичка состојба во Северна Македонија, амбасадорот во вторникот на 2 јули, разговараше со г-ѓа Ивона Талевска, уредник на овој портал.

JPEG

1. Откако не беше постигнат консензус Македонија да добие датум за почеток на преговорите, во јавноста целиот товар падна на Франција, иако вкупно седум земји од ЕУ го делат истото мислење. Како Франција ѝ помага на Македонија во ЕУ интеграциите, бидејќи јасно е дека пристигнуваат критики од повеќе земји членки дека земјава не прави доволно во исполнувањето на критериумите?

- Ставот на Франција е добронамерен. Првата инструкција што ја имам е да дадеме приоритет на приближувањето кон ЕУ. Франција го поддржа Договорот од Преспа, како елемент што го ослободи патот кон ЕУ интеграциите. Се разбира не беше услов, бидејќи условите се од технички карактер, а ова беше нешто што нормално, го попречуваше патот кон ЕУ. За прв пат во нашата историја всушност, претседателот Макрон испрати видео порака преку која даде поволен одговор за поддршка на Договорот од Преспа. Нашата намера беше сосема позитивна и одговараше на неговата глобална визија за регионот, дека местото на Западен Балкан е означено и се наоѓа во рамките на една реновирана ЕУ. Сега имаме две насоки.
Првата, да се реконструира ЕУ системот кој има потреба од тоа, бидејќи Брегзит беше симптомот којшто ги забрза овие реформи. Претходното проширување се случи во релативно мирни услови. Сега има земји кои се натпреваруваат со САД, кои ги сметаат како конкуренти, како што е случај со Кина, земји кои сакаат да имаат свое место во европското натпреварување и кои имаат различни принципи, сеедно дали се работи за социолошки аспект или некој друг.
Се наоѓаме во сложен момент на ЕУ кога вие пристигнувате со желба за интеграција, момент во којшто ние ќе треба особено да ви помогнеме, што всушност беше и значењето на нашите одлуки.
Првата таква одлука беше донесена на Самитот во Софија, каде што ги поддржавме иницијативите за подобрување на поврзаноста на регионот, како и визијата за регион кој може да придонесе за ЕУ, а земјите што го сочинуваат да станат дел од либералните демократски односи на ЕУ, бидејќи тие се во основата на Унијата.
Вториот момент е француската стратегија за Западен Балкан, презентирана на неформалниот самит во Берлин минатиот месец. Таа го покажа интересот што го има Франција во различни сегменти. Во одбраната, на пример, во соработка во областа на образованието, потоа придобивките на општ план, што значи да се работи на подготвување на приближувањето на земјите од Западен Балкан.
Конкретно, француската Агенција за развој која располага со одреден капитал, како и нејзиниот германски партнер, отвора можности во различни области: администрацијата, животната средина, урбанизмот. Нашата поддршка е насочена кон администрацијата и образованието. Договорниот текст со Агенцијата за развој е на потпишување во Владата и очекуваме позитивен одговор, што ќе ни овозможи да ја отпочнеме билатералната соработка на тој план, како и на мултилатерален план – односно, да соработуваме со другите меѓународни партнери за интеграција на земјата.

2. Споменавте дека се сензитивни моменти во ЕУ. Тоа значи дека Македонија ќе мора да направи двојни напори за да ги избегне тие сензитивни моменти и да ја увери ЕУ да и даде датум. Кои се 3 основни работи кои мора да ги направи Македонија до октомври за да добие датум?

- Земјата претстави своја агенда во јуни 2018. Тоа е агендата 3-6-9, за којашто ние имаме свое мислење. На тој начин и останатите земји ќе ги разгледаат состојбите во октовмри, врз основа на извештајот од ЕК и детално ќе ги анализираат. Агендата на македонската Влада беше навистина амбициозна.
Од друга страна, постои суштествена двојност во реформите. Текстовите кои се усвоени во рамките на правната држава треба да бидат разграничи на она што значи општ, заеднички интерес од една и политички интерес, од друга страна.
На првото ниво е активно Министерството за информатичко општество и администрација, заедно со Секретаријатот за европски прашања. Работевме со господинот Османи на спроведувањето на 4 работилници – што се покажа како потребно во процесот на подготовката на Секретаријатот за отворањето на преговорите во што добри услови, а за тоа имаме поддршка и од Националното собрание на Франција. Тоа е, како што реков, првото ниво.
Второто ниво е поврзано со практичниот аспект. Да се види каква е практичната примена на тоа што е усвоено. Во области коишто се крајно чувствителни, како правосудството, борбата против корупцијата - треба да се види како усвоените текстови кои беа оценети позитивно се имплементираат во пракса. Тие беа усвоени со ЕУ поддршка. Треба да се види каков ефект имаат во пракса. Не е едноставно, бидејќи како што рекол еден познат филозоф: кога еден систем се реформира, тогаш тој е најкревок, најхаотичен и граѓаните тогаш се разочаруваат. Затоа е потребана луцидност во такви моменти.
Барањата од ЕК се јасни – да се деполитизира администрацијата, препораките и забелешките на Прибе исто така се јасни – дека државата е партизирана, дека постои опасност да се премине од една партизација во друга. За жал, тоа е еден системски проблем. Вашиот систем почива на поврзаноста на институционален план од најниско ниво, па сè до министерствата. Земете го образованието, на пример. Постојат забелешки во различни форми во врска со почитувањето на статутот на функционерите, но исто така и за постапките за нивно назначување. Впечатокот кој го имаме и кој се гледа од извештајот на ЕК е дека навистина е значајно да се воспостават стандарди и дека тие треба да се почитуваат. Треба да се констатира што е реално направено, од практична гледна точка.
Другиот аспект, тоа е објективната подготвеност на државата. Дури и ако се донесе одлука за почеток на преговорите, треба да се согледа дали државата е правно способна да воспостави кредибилна соработка без дополнителна поддршка и помош. Од наша страна, ние размислуваме за начинот како да помогнеме, како да ги канализираме напорите за подготовка на правната држава.
Не се работи само за техничко отворање на поглавјата и нивно затворање. Има експерти кои знаат да го направат тоа. Но, постојат реални проблеми, што може да се констатира од начинот на кој функционира ЕУ, а тоа е како е конципирана правната држава.
Сигурно дека нивото на подготовка на политичките чинители е значајно, на политичките партии, на целото општество. Преговорите немаат само технички карактер, туку го отсликуваат целиот дух на општеството кое успешно решило голем број проблеми, било да се работи за заедниците или за проблемите со соседните земји. Тие договори треба да се финализираат за да нема пречки на тој план, бидејќи постои ризик тие пречки да опстојуваат и понатаму со соседите, ако сè не се реши сега. Би било штета ако тоа се случи, бидејќи навистина беше потребна визија за да се направат тие чекори. Сега е потребно да се работи на внатрешните реформи, да се задржи тој дух на позитивни одлуки и да се преслика и на локално ниво, да се овозможи донесување значајни одлуки и на тој план, со што пак ќе се намалат штетните ефекти на системот што се наоѓа во состојба на постојана поларизација.
Реално гледано, се чувствуваат одредени фрустрации, кои понекогаш прават да се заборави колкав интензитет, колкава дипломатска активност била потребна за да се направи помирувањето со соседните земји, но исто така и од правен аспект, вклучувањето на опозицијата кога беше потребно двотретинско мнозинство за да се изгласаат законите од национален интерес.
Сметам дека оценувањето треба да биде реално, добронамерно и да биде придружено со одреден број на предлози за поддршка, за да може да се забрзаат процесите и да се подобрат капацитетите. Да може земјата да се соочи со отворањето на преговорите во што подобри услови. Некои велат дека самото отворање на преговорите ќе ја задржи динамиката на реформи. Некои велат дека треба да се елиминираат одредени услови, како СЈО на пример, коешто не е критериум, туку претставува симбол. Потребно е да се има разбирање за да може да се надминат тие проблеми.
Некои велат дека ако се отстранат одредени услови, полесно ќе се гледа кон половината од чашата која сè уште е празна, но тогаш подоцна ќе биде потешко таа да се наполни до горе.
Се преговара во земјата и во политичките партии. Треба да го земеме во предвид фактот што ние имаме одредена слика за Балканот, слика која во поглед на проширувањето е направена врз основа на внимателен пристап, бидејќи луѓето од ЕУ не секогаш знаат какви се состојбите во земјите на Балканот. Гледаат слики од регионот кои може да прејудицираат одредени работи. Затоа, треба да се охрабрат земјите кога индивидуално напредуваат и тој напредок е позитивно оценет. Од друга страна, станува збор за мали земји, мал пазар и треба заеднички да успеете регионот да добие што подобра оценка. Овој регион е историски поврзан, земјите се поврзани меѓу себе. Тоа што е добро за едната земја е добро и за другата. Што е лошо за едната, лошо е и за другата.
Тоа прашање за сите заедно, особено за земјите од Западен Балкан, треба да се раздвои од индивидуалните капацитети на секоја земја.
Дури и во рамките на ЕУ, реформите, некои успешни повеќе или помалку, понекогаш ја принудуваа Унијата да дава поголема и позначајна помош насочена кон правните системи на одредени држави, но не секогаш успешно. Имавме случаи кога илјадници луѓе излегуваа на улица во одредени земји-членки на ЕУ за да кажат дека не се задоволни од постигнатите резултати, дека се разочарани од ЕУ која била почувствувана како голема надеж на почетокот. Во тие моменти се мобилизира целото општеството и тоа е еден друг критериум за кој треба заедно да дискутираме.

3. Изразивте директни критики за нивото на борба против корупцијата, за нивото на деполитизација на администрацијата, образованието, врзувајќи го сето тоа за датумот – дека се бара датум, а не сме фокусирани на реформите. Македонија треба да биде раздвоена од Албанија во оценувањето, дали тоа ќе ни донесе подобра или полоша оценка? Вие сепак велите дека сликата е створена за целиот Балкан како регион.

- Нашиот официјален став е дека заслугите треба да бидат вреднувани индивидуално. Од друга страна, сигурно е дека судбината на едните е силно поврзана со судбината на другите, на заедниците, на малцинствата кои постојат и од едната и од другата страна. Не може да се каже дека ставот кон едната земја може да биде без ефект врз другата, врз соседната.
Но Франција не е единствената земја што одлучува во тој поглед. При нејзината посета на Скопје, г-ѓа Лоазо кажа дека земјата ќе биде оценета според индивидуалните заслуги и тоа е правилото. Не се работи само за отворањето на преговорите. Кога зборуваме за интеграција, треба да се има во предвид кои се придобивките од целиот регион за ЕУ, зашто граѓаните се тие коишто ќе го имаат конечниот збор при одлучувањето. Во некои земји одлучуваат парламентите, во други пак се оди на референдум. Тоа се чувствителни процедури, еден процес кој овде е на самиот почеток и навистина е легитимно Вашето прашање, дали треба заслугите да се оценуваат посебно, знаејќи дека од регионален аспект не можеме да ги раздвоиме. Дебатата е отворена, дискусиите течат. Ќе нагласам дека се работи за дискусија, не за битка што треба да се извојува.

4. Во таа насока лидерот на опозицијата предложи на владата заеднички да работат на реформите за добивање датум.

- Тоа треба да се спроведе и во пракса. Потребни се средби меѓу власта и опозицијата и нивно заедничко дејствување. Претседателот Пендаровски претстави убава иницијатива преку својата желба да биде претседател на сите граѓани на Северна Македонија. Имаме потреба од личност во вашиот политички систем која е способна да создаде услови за контакти и разговори, за да се создаде взаемна доверба. Тоа е таа минимална потреба, во отсуство на којашто се појавува неусогласености во земјите од регионот. Така што вие не сте единствената земја. Има и пострашни работи во регионот. Многумина велат дека Северна Македонија е пример кој сè уште не е докрај реализиран, дека земјата е политизирана и поларизирана. Јас сметам дека Северна Македонија е пример за земја каде работите функционираат. Гледам колкав напредок е направен во последните две години и тоа треба да се валоризира. Од друга страна, се наоѓаме во земја каде заедниците, за добро или за лошо, може да бидат дестабилизирани со објавувањето на прислушуваните разговори, т.н. бомби.
Не знам дали искористувањето на таквите снимени разговори е начин на кој се средуваат политичките работи. Треба да се знае што се сака. Дали ќе се одбере дијалогот или бомбите. Не може да се носи гранката на мирот, а од друга страна да се заканува со оружје и судири. Потребна е хармонија меѓу сите страни, потребно е да се прави компромис, бидејќи ЕУ е изградена врз компромиси. Во спротивно, значи дека изборот е да има конфликтни состојби.
Сакав да го поставам прашањето дали е тоа начинот на којшто се средуваат работите во оваа држава или пак тоа треба да се прави преку дискусија. Дали функционира правниот систем, дали тој правен систем ќе пресече како што треба или пак работите се препуштаат на текот на судбината. Многу е опасно така да се остават работите. Се наоѓаме во една состојба кога се задаваат удари од време на време, кога се случуваат такви настани. За едно општество не може да се каже дека е организирано ако се потпира на такви удари. Се открива одреден скандал, па скандалот се покрива, се поправа работата, па се појавува нов, па велиме пу-пу не важи... не е добро ако општеството се затвори само во себе и во своите сопствени скандали. Со такви постапки – општеството нема перспектива.

5. Што мислите за тоа што премиерот Зоран Заев сакаше да биде министер за финансии и ќе биде времено до избор на нов

Прво, за тоа дали портфолиото на финансиите може да се придружи кон премиерската функција, мислам дека се појави правен проблем и дека според законот, не може. Сметам дека тоа е елемент што треба да се додаде на кредитот на Премиерот. Во овој случај, тоа што тој се откажа е позитивен чекор, бидејќи и дава предност на правната држава. Што се однесува до ефикасноста - граѓаните бараат ефикасност. Дали ќе беше поефикасно ако премиер ги води финансиите знаејќи дека постои таа перцепција за конфликт на интереси? Ако законот ја исклучил таа можност, тоа значи дека постои опасност од конфликт на интереси. Не треба да се потцени барањето за ефикасност, бидејќи општеството треба да има ефикасни институции, но постапката за избор и правната држава треба да се почитуваат.

6. Опозицијата предлагаше формирање широка влада според моделот на договорот од Пржино

За таква влада не сум сигурен, бидејќи го преживеав тоа искуство, не сум сигурен дека покажа многу голема ефикасност при донесувањето одлуки. Има значајни одлуки што треба да се донесат, а администрацијата во еден систем, за којшто зборувавме пред малку, секогаш треба да внимава како ќе постапи, какви одлуки ќе бидат донесени. За разлика од таквата влада, сосема нешто друго е влада на национално единство, кога сите се обединуваат околу една програма и работат врз национални прашања. Тоа постоело во Германија и во некои други земји, но тоа веќе е друга работа. Пржинската влада беше воспоставена за да одговори на една политичка криза којашто се појавила во тој момент, од која вие излеговте. Не би рекол дека една држава може да функционира во Пржински систем.

publie le 03/07/2019

hautdepage