Интервју за весникот „Вечер" [fr] [sq]

Во интервју за весникот „Вечер" во средата, на 5 декември, амбасадорот зборува за ситуацијата во Франција, по протестите што се случија минатиот викенд

JPEG

Париз деновиве се соочува со протести какви што не се видени десетина години, а од утрово е најавено дека претседателот Макрон ќе прогласи вонредна состојба. Демонстрантите велат дека се излезени на улица поради зголемувањето на цената на бензините и поради падот на животниот стандард. Дали се точни овие обвинувања, дали Французите живеат полошо?

Вонредна состојба беше воведена во Франција по нападите од 2015 година, но оваа можност сега не се разгледува и покрај тоа што сите (па и самите демонстранти) беа шокирани од тоа до каде отиде овој протест. Владата, од своја страна, прави разлика меѓу „вандалите" кои се виновни за насилството и грабежите и кои ќе бидат сериозно казнети и протестите на граѓаните кои ги користат своите легитимни уставни права. Луѓето од средната класа беа тешко погодени од економската криза во 2008 година, а претседателот Макрон беше избран заради неговата програма за далекусежни реформи со цел враќање на растот и конкурентноста. Тој е посветен на транзицијата кон зелена економија за што се потребни радикални мерки за прилагодување преку оданочувањето од каде што започнуваат промените. Оваа неопходност е генерално прифатена, но се соочува со економски и психолошки пречки. Владата отвори дискусија која треба да овозможи преземените мерки да бидат прилагодени на реалната состојба. Не треба да се заборави, исто така, покрај објективните факти, дека еднаквоста е впишана во националното мото на Французите.

Дел од француските медиуми објавија дека зад протестите стои ултрадесничарската партија на Марин ле Пен. Ако е ова точно, дали станува збор само за зовривање на политичката атмосфера пред европарламентарните избори или има и друга, локална, заднина?

Протестите што се случуваат се реакција на едно незадоволство и загриженост, за што е свесна и Владата и не мора да се бараат теории на заговор за феномен што се појавува како резултат на една општа загриженост.

Се шпекулира дека на протестите се (зло)употребува и присуството на бројните мигранти – на јавноста се уште и се свежи сеќавањата од растурањата на дивите кампови во Кале и големите палежи. Имаат ли основа овие шпекулации? Зошто Ле Пен, ако стои зад протестите, би ги користела мигрантите за чијшто престој во Франција е исклучиво против?

Изолираните инциденти не смеат да се генерализираат, ниту да се мешаат: протестите се фокусирани на куповната моќ и желбата кај сите дека тежината на реформите треба подеднакво да биде распоредена и нивните позитивни резултати во однос на вработувањето да бидат видливи за пократок рок.

Дали целата оваа ситуација може да ја разниша позицијата на Франција, која заедно со Германија е рбетот на Европската унија?

Француските институции се цврсти и во суштина, сите анкети го покажуваат тоа. Јавното мислење секогаш се стреми кон тоа Европа да биде ефикасна и да може да го заштити населението, а Французите во неа гледаат како на најдобриот бедем против деструктивната глобализација.

Се коментира дека Франција е “Грција на Западот” – по менталитетот на демонстрациите, а еве како што тие велат и по големите давачки што им се наметнуваат а наводно не се користат за подобрување на инфраструктурата и нивниот живот воопшто. Дали е можна споредба?

Франција останува петта по големина економија во светот, која се бори со политиката на амбициозни реформи коишто ќе ѝ овозможат, а тоа е и целта во секој случај, да ги покаже своите многубројни адути пред глобалната конкуренција. Таа е првата европска земја според бројот на европски инвестиции: без разлика на повремените испади, основите на демографијата, на истражувањето и на иновативноста остануваат цврсти. Големите организации не можат да се адаптираат без одредени флуктуации: францускиот раст се случи во минатиот век и нашата земја од тој процес излезе зајакната.

Париз не е само престолнина на Франција, тој е престолнина на европската култура. Вчера на друштвените мрежи се појавија фотографии дека гори галеријата Тилери. За среќа тоа беше лажна вест, но ако се земе предвид дека оштетувања претрпе и Триумфалната капија, како властите во Франција ќе го заштитат светското културно наследство во Париз?

Веќе се преземаат посебни мерки против „вандалите". Мора да се внимава на лажните вести, особено ако се пренесуваат без никаква проверка ниту основаност. Имаше оштетувања, но не смееме да заборавиме дека „жолтите елеци" искажаа почит кон гробот на незнајниот војник и спречија какво било сквернавење на ова значајно место од нашата историја.

Имаат ли стратегија француските власти како да се оконча овој хаос? Дали ќе се преговара со “жолтите елеци” и ако да, кои нивни барања ги сметате за основани за Владата да им излезе во пресрет, а кои барања ги сметате за неосновани?

Владата отпочна дијалог со сите политички сили застапени во Парламентот, а се отвора дискусија и со „жолтите елеци”. Јас сум оптимист: и другпат имало протести!

publie le 06/12/2018

hautdepage