Интервјуа на Амбасадорот Ле Роа за Вечер, Фокус и за МИА [fr] [sq]

Господинот Ален Ле Роа, амбасадор на Франција, го претставуваше премиерот Едуар Филип на настаните организирани во Скопје на 25 и 26 февруари од страна на Фондацијата „Борис Трајковски" на 15-годишнината од трагичната смрт на претседателот. Во таа прилика, амбасадорот Ле Роа одговараше на прашања на новинарите од Вечер, Фокус и МИА во врска со комеморацијата, како и за политичката состојба во Северна Македонија и за нејзините перспективи по ратификацијата на Договорот од Преспа.

ИНТЕРВЈУ ЗА ВЕЧЕР:

JPEG

1. Амбасадоре Ле Роа, бевте специјален претставник на ЕУ во Македонија за време на еден критичен период, постконфликтно во 2001 и 2002 година. Важите за пријател на земјава и член сте на групата пријатели «Охрид», личност сте која вложила доста ангажман во земјава. Заминавте од Република Македонија, сега дојдовте во Република Северна Македонија – какво е чувството?

Дојдов да го претставувам нашиот премиер поканет на церемониите по повод петнаесетгодишнината од загинувањето на претседателот Трајковски. Многу силни врски ја поврзуваат вашата земја со Франција уште од времето на Робер Бадентер и јас имав особена чест да работам за стабилизација и консолидација на оваа држава, но особено за мирот во неа, бидејќи оваа земја ми е драга во срцето. Но, ништо немаше да биде можно без духот на разумот и на компромисот што го демонстрираа македонските авторитети како што е претседателот Трајковски, на којшто се сеќавам со многу емоции и чии извонредни квалитети на лидерство, одговорност, чесност и на интегритет денес се препознаваат во Македонија, бидејќи тие отсекогаш биле препознаени и кај европските лидери како што е Хавиер Солана, кој имаше голема доверба во претседателот Трајковски.

Јас самиот можам да посведочам дека претседателот Трајковски беше заинтересиран само за иднината на својата земја и на сите нејзини граѓани, а не за сопствената, лична иднина.

Уставот сега ја зацврсти позицијата на Охридскиот рамковен договор како еден од темелите на националниот договор. Но, сега се отвора нова фаза со влегувањето во сила на Договорот од Преспа. Како член на охридската група личности кои биле посветени на иднината на земјата, јас сум среќен што се направи тој чекор и би сакал да им честитам на тие што учествуваа во неговата реализација и ги разубедија оние што се плашеа од негативни последици. Република Северна Македонија е меѓународна реалност, добра за светскиот мир, добра за Европа и добра за нејзините граѓани.

2. Се реши долгогодишниот проблем со името. Договорот од Преспа веќе се применува. Дали меѓународната заедница е задоволна од темпото?

Јасно е дека промената на името се случува со забрзана динамика во билатералните и меѓународните односи. Одговорот на меѓународната заедница, почнувајќи од Обединетите нации, се движи во очекувана насока и го одразува општото олеснување од решавањето на спорот стар повеќе од четвртина век. Секој треба да ги согледа практичните правни консеквенции во согласност со меѓународното право. Процесот на интеграција во НАТО се одвива многу брзо: одговорот на сојузниците е едногласен и ветувањето беше одржано со непосредното потпишување на протоколот за пристапување и серијата ратификации коишто се во тек, вклучувајќи ја и таа на Франција. Исто така, забележувам дека билатералната динамика е многу силна, бидејќи двете влади ја објавија својата намера да ги отстранат трошоците за роаминг меѓу двете земји како сигнал за нивната желба да го олеснат движењето и трговијата. Од француска страна, го гледам првиот практичен резултата преку потпишувањето од страна на нашата министерка за европски прашања на договор со кој ќе се овозможи развој на двојазични паралелки во Северна Македонија, додека овој текст беше со години блокиран поради немањето меѓународно прифатено име.

3. Познат е ставот на францускиот претседател Емануел Макрон дека Западниот Балкан и Македонија не можат да влезат во ЕУ без исполнети критериуми. Сепак, претседателот Макрон преку видео обраќање даде јасна поддршка за Договорот од Преспа и промената на името и испрати повик земјава да остане на европскиот пат. Дали сега земјава, како Северна Македонија добива зелено светло од Франција за влез во ЕУ?

Договорот од Преспа ја отстранува главната пречка од спорот за името, кој беше заглавен повеќе од дваесет и пет години и навистина, не можеме никогаш доволно да кажеме колку е важен тој договор што ги отвори вратите на НАТО. Но прашањето за отпочнувањето преговори отсекогаш зависело од исполнувањето на прецизни критериуми, покрај решавањето на спорот со името.

JPEG

4. Како го оценувате спроведувањето на реформите во земјата?

Охридскиот договор овозможи државата да се консолидира и понуди услови за стабилизација на заедниците. Времето за понатамошни реформи сега доаѓа врз основа на барањата на Европската унија, а пред сè на граѓаните од сите заедници во корист на демократската и ефикасна администрација и правда.

5. Дали Република Северна Македонија може да очекува во јуни да добие датум за старт на преговорите со ЕУ и која област според вас е најкритична на која треба најмногу да се работи?

Прашањето беше одложено минатата година за 2019-та, а земјите-членки внимателно ќе го разгледаат постигнатиот напредок. Областите се јасно идентификувани и се поставени агенди. Сметам дека прашањата за реформа во областа на правдата и на администрацијата и општо земено, владеењето на правото се најзначајни.

6. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ поради низата апсења го замрзна учеството во процесот «Жан Моне». Очекувате ли нова политичка криза, со оглед на фактот што процесот е замислен како рамка за помирување меѓу власта и опозицијата?

Не ја следам повеќе македонската внатрешна политика на дневен план, но мислам дека сè уште се присутни последиците од тажните настани од 27 април. Ми се чини дека постои едно општо настојување да се сврти таа страница. Но тоа нема да се случи без да се разјаснат фактите и да се утврдат некои главни одговорности за неприфатливото насилство. Меѓутоа, најважно е да се создадат политички услови за соработка меѓу политичките сили и парламентарните механизми кои ќе го спречат враќањето на таквото насилство. Тоа ги отвори прашањата за капацитетот на земјата да ги исполни минималните барања за една функционална демократија, а за жал тоа сè уште тежи врз сликата за земјата на нејзиниот европски пат. Од искуство, можеме само да се надеваме на враќање на внатрешната хармонија што е од суштинско значење за земјата да напредува. Тоа е задача на сите лидери, како на тие од мнозинството, така и на тие од опозициските партии, заради националниот интерес.

7. На земјава и претстојат претседателски избори. Со оглед на вашето долгогодишно политичко и дипломатско искуство, сметате ли дека е добро решение Северна Македонија да добие консензуален претседател?

Успехот на овие избори ќе претставува мошне позитивен елемент за надворешната слика за земјата, како и за нејзината внатрешна стабилизација. Претседател прифатен и почитуван од сите заедници кој ќе ја интегрира разновидноста на земјата, може да има значајна позитивна улога во периодот на реформи и адаптација.

8. Земјата седеше заедно со сојузниците на иста маса во рамките на Атлантската Алијанса. Дали како добар познавач на ситуацијата во регионот и во земјата, дали Македонија претставуваше безбедносен ризик ако името не се промени и ние ќе останеме надвор од Алијансата? Можеме сега да кажеме дека сите закани за безбедноста на северна Македонија се оддалечени? Сепак, ова е Балканот, а проблемите меѓу Србија и Косово, како и прашањето на Република Српска сé уште се нерешени.

Јасно е дека земјата стекнува сигурност со влегувањето во најмоќната воена алијанса во светот, која не е насочена против никого, туку ја гарантира меѓусебната безбедност на нејзините членки. Тоа е плод на еден процес на соработка и размена, а успехот е и успех на неколку последователни влади и на сите оние кои работеле на потребните технички реформи. Сè уште треба да се постигнат одредени подобрувања, но знамето што ќе биде поставено до крајот на годината во Брисел ќе го симболизира јасниот напредок на вашата безбедност, на таа на Европа, како и на регионот. Сите ние треба да го продолжиме нашето заедничко дејствување за стабилизација на регионот како целина. Франција одигра важна улога во тој поглед и останува директно заинтересирана за долгорочно и одржливо решавање на постојните спорови. Нема да биде заборавено дека Операцијата Конкордија, која беше спроведена овде во 2001 година, беше првата воена мировна операција под европско знаме и го илустрира директниот интерес на Унијата за мир во овој регион.

9. Франција беше една од земјите на удар на терористички напади. Пред десетина дена имаше информација за спречен напад и во земјава, но без повеќе детали, што предизвика реакции во јавноста. По француските искуства, има ли место за паника?

Не мислам дека неодамнешните информации зборуваат за сериозна закана од длабински напад во земјата. Сепак, ги споделуваме истите ризици и заедно мораме да ги браниме истите вредности. Тоа е всушност и значењето на патот кон атлантската и европската интеграција по којшто, за среќа, продолжи да чекори Република Северна Македонија.

ИНТЕРВЈУ ЗА ФОКУС:

JPEG

Ален Ле Роа за „Фокус“: Се надевам дека луѓето од Македонија нема да ги бојкотираат претседателските избори

Францускиот дипломат и политичар, Ален Ле Роа изминатите денови беше во престој на Македонија, за одбележувањето на 15 години од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски.

Тој во кризниот период од 2001 година беше специјален претставник на ЕУ, а во разговор за „Фокус“, имаше само пофални зборови за работата на претседателот Борис Трајковски.

„Борис Трајковски беше пристоен и чесен човек. Тој не беше популист или демагог, тој беше човек за мир, сакаше да слушне што мислат луѓето и беше полн со самодоверба. Ние кои соработувавме со него, му верувавме, затоа што беше искрен, одговорен и човек со интегритет. Тоа беше многу важно за тој период. Ако тој не беше популарен тие години, дури сега се гледа неговиот придонес за оваа држава. Бев сведок како Трајковски беше верен на својата држава и беше многу загрижен за сите луѓе во Македонија и за сите заедници“, вели Ле Роа.

Изминаа 18 години од конфликтот во 2001 година, а според Ле Роа, позитивно е што Македонија го надминала тој проблем.

„Сега сме веќе во друго време. Откако дојдов, Договорот беше потпишан, а јас дојдов за имплементација на тој Договор. Благодарение на претседателот Трајковски и останатите државници, Македонија беше во состојба да го надмине проблемот, затоа што можеше да биде многу полошо. Погледнете што се случи во соседните земји“, вели Ле Роа.

Според него, потпишувањето на Рамковниот договор било добра работа што и се случила на Македонија.

„Тоа веќе беше пролетна офанзива и сите бевме исплашени и беше многу подруго време, гледано од денешна перспектива. Но погледнете денес, ситуацијата е многу подобра, иако државата има некои економски проблеми. Луѓето во тоа време сакаа конфронтација, но Борис Трајковски беше човек за мирот. Мислам дека потпишувањето на Рамковниот договор беше добра работа што и се случи на Македонија“, додава Французинот.

Решавањето на спорот за името со Грција е охрабрувачки чекор за Република Северна Македонија, смета Ле Роа.

„Сите знаеме дека спорот за името со Грција беше клучна препрека за интеграција на Македонија во НАТО. Беше многу храбро да се најде решение, а сите знаеме дека сите земји од ЕУ го поздравија Договорот од Преспа. Сега тоа е веќе решено и во двата Парламенти – во Скопје и Атина.“

Според францускиот дипломат, безбедноста во Македонија ќе биде зајакнато со самото влегување во НАТО.

„Очигледно е дека Македонија ќе добие поголема безбедност откако ќе стане членка на НАТО. Вие и самите гледате, дека соседите разговараат за промена на границите. Ако Македонија се најде во проблеми, веднаш е тука НАТО да интервенира“, додава Ле Роа.

Во Франција во изминатите неколку месеци се случуваат големи протести на „жолтите елеци“, поради поскапување на горивото во државата.

„Франција има многу луѓе со револуционерен дух и затоа и се случија „жолтите елеци“. Отсекогаш во нашата држава се случувале такви работи и тоа е демократско демонстрирање. Владата на Франција има преземено многу мерки за да ги задоволи нивните барања. Во нашата држава се водат големи дебати како да се слушнат нивните барања, да се направат потребните реформи“, додава Ле Роа.

Тој е запознаен со проблемите во Македонија, но не верува дека на нашата држава некогаш ќе и се случат „жолтите елеци“.

„Не мислам дека на Македонија некогаш ќе и се случат „жолтите елеци“. Знам дека и во Македонија има проблеми, има голема сиромаштија, но сепак не е исто. Во Франција имаме традиција на револуции, а и такви се луѓето. Што се однесува до Македонија, мирот е тука, стабилноста исто така. Се надевам дека Македонија ќе има успешни претседателски избори и верувам дека луѓето нема да одат повторно на бојкот. Со изборот на нов претседател и влезот во НАТО, ќе дојдат нови инвестиции во Македонија“, го заврши разговорот Ле Роа.

ИНТЕРВЈУ ЗА МИА:

JPEG

Храбрите одлуки донесени од лидерите на земјата и Преспанскиот договор ѝ овозможија на Македонија да стане членка на НАТО во 2019, а се надевам и на ЕУ наскоро, вели во кус разговор за МИА францускиот амбасадор Ален Ле Роа, кој по покана од Фондацијата „Борис Трајковски” присуствуваше на панел-дискусијата по повод 15-годишнината од трагичната смрт на претседателот што се одржа неделава во Скопје.

- Можам да кажам едно нешто – во 2001 година можеше да избие ужасна граѓанска војна, но благодарение на лидерите како Борис Трајковски, таква војна беше избегната. Загинаа помалку од 100 луѓе. Ако направите споредба со соседните земји, Македонија направи големо достигнување што успеа да ја надмине кризата со помалку од стотина загинати и благодарение на лидерите, меѓу кои и Борис Трајковски. Тој период не може да се спореди со состојбите денеска и задоволен сум што во земјата има лидери кои донесуваат храбри одлуки со кои ѝ се овозможува на Македонија, благодарение на Преспанскиот договор, да стане членка на НАТО во 2019, а се надеваме и на ЕУ наскоро, вели Ле Роа запрашан како ја оценува ситуацијата денес во земјата од перспектива на 2001-та.

Амбасадорот Ле Роа важи за посветен пријател на Северна Македонија. Ја претставуваше Европската Унија за време на еден од најкритичните периоди за нашата земја, доаѓајќи на местото на Франсоа Леотар во октомври 2001 година. Тој се смета за голем познавач на состојбите во регионот. На настаните организирани по повод годишнината од смртта на претседателот Трајковски, го претставуваше францускиот премиер Едуар Филип. Ле Роа е и член на Групата „Охрид“ формирана во 2018 година, чија цел е да ја помогне нашата интеграција во Алијансата. Лидер на оваа неформална група е поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, а ја сочинуваат влијателни личности кои во минатото биле на важни функции во меѓународните организации или на високи позиции во државните служби на големите светски играчи во дипломатијата.

Последен пат беше во Македонија пред четири месеци, пред референдумот.
- Бев испратен од француската Влада како знак на поддршка за референдумот и за да го поддржиме Договорот од Преспа, бидејќи француската Влада силно го поддржува договорот, вели искусниот француски дипломат.

Во однос на ратификацијата од страна на Франција на протоколот за членство на нашата земја во НАТО нема сознанија за датумот кога тоа ќе се случи.
- Не знам дали има конкретен датум кога би се ратификувал протоколот за НАТО. Се надевам ќе биде во месеците што следуваат, но ќе биде ратификуван од парламентите на сите членки до крајот на оваа година, вели Ле Роа.

За процесот на евроинтеграција и дали проширувањето може да биде попречено од инсистирањата на некои земји членки на ЕУ за потребата прво од спроведување внатрешни реформи, Ле Роа посочува на важноста на реформите во Унијата, но и во земјава.

- Јас сметам дека сето тоа ќе биде одлучено во јуни и по изборите во Европскиот парламент. Се надеваме ќе има реформи и во рамките на ЕУ и во Македонија. Одлуката ќе биде донесена во јуни и јас не можам да предвидам каква би била одлуката, посочува Ле Роа.

Прашан каде ќе биде земјава за една година, тој нема дилеми за постигнување на полноправното членство во НАТО до крајот на годината, но воздржан е за преговорите со ЕУ.
- До крајот на годинава Македонија ќе биде полноправна членка на НАТО и се надеваме дека во меѓувреме земјата ќе почне преговори со ЕУ. И за ова не можам ништо да предвидам. За тоа треба да одлучи Советот на ЕУ во јуни, вели францускиот амбасадор Ален Ле Роа.

PNG

publie le 03/03/2019

hautdepage