Изјава на г. Жан-Ив Ле Дриан, Министер за Европа и Надворешни работи [fr] [sq]

- Состојба во Сирија - 14. 04. 2018

Дами и господа,

Претседателот на Републиката констатираше дека употребата на хемиско оружје во градот Дума, во близина на Дамаск, на 7 април за време на офанзивата на силите на режимот на Башар ал-Асад беше докажана и се припишува на сирискиот режим. Хемискиот напад остави десетици мртви, најмалку 45 според заедничките медицински извори од местото на настанот, како и стотици повредени. Црвената линија поставена од претседателот на Републиката во мај 2017 година е премината.

Рековме дека таквото прекршување на правилата нема да остане без реакција од наша страна. Констатиравме систематско блокирање на Советот за безбедност. Затоа, дејствувавме во согласност со дадениот збор и нашата одговорност, а во координација со нашите сојузници.

Режимот на Асад намерно избра да премине преку табуто што од почетокот на дваесеттиот век го претставуваше употребата на хемиско оружје. Веќе седум години постојано ги крши меѓународните стандарди низ потполно непочитување на меѓународното право на вооружените конфликти и на елементарната хуманост.
Хемиската ескалација во Сирија не е прифатлива.

Не е прифатлива бидејќи употребата на хемиско оружје претставува кршење на фундаменталната норма на меѓународното право и на хуманитарното право.

Употребата на ова оружје за тероризам прекршува некои од најстарите конвенции: Протоколот од 1925 година, со кој се забранува употреба на хемиско оружје во војна. Таа ја прекршува Меѓународната Конвенција за хемиско оружје потпишана во Париз во 1993 година, кон која Дамаск се приклучи во 2013 година. Производството и употребата на ова оружје се закана за мирот и меѓународната безбедност. Оние што ја прекршуваат, самите себеси се изолираат од другите нации.

Хемиската ескалација е неприфатлива, бидејќи сирискиот режим се имаше обврзано целосно да го уништи својот арсенал.

Во септември 2013 година, Советот за безбедност ја регистрираше оваа обврска и одлучи со резолуцијата 2118 дека Сирија треба да се држи до тоа, под закана на мерките од Поглавјето VII од Повелбата на ООН. Поглавјето VII има јасно значење: употреба на воени мерки против оние кои се закануваат на мирот и на меѓународната безбедност.

Хемиската ескалација во Сирија не е прифатлива, бидејќи, со оглед на изјавите на претседателот на Републиката, сите беа предупредени за последиците од прекршување на обврските од страна на сирискиот режим пред меѓународната заедница. Режимот на Башар ал-Асад знаел на што се изложува со повторното користење на ова грозоморно оружје против својот народ, избирајќи намерно повторно да го згази меѓународното право.

Акцијата која беше спроведена од страна на нашите вооружени сили, кои сакам да ги поздравам, бидејќи ја познавам нивната смиреност и професионалност во служба на Франција, ќе биде детално опишана од страна на министерката на Вооружените сили, г-ѓ-ѓа Флоранс Парли.

Оваа акција е легитимна. Таа има за цел да стави крај на сериозната повреда на правото. Таа е ограничена на конкретни цели: уништување на хемиските капацитети на сирискиот режим за да се спречи да извршува нови хемиски масакри и така да ја продолжи својата стратегија на терор против сопственото население. Тоа е пропорционална и насочена акција: таа не е насочена против сојузниците на Асад или цивилното население, туку има за цел да го одврати сирискиот режим од спроведувањето на овие криминални дејства. Режимот на Дамаск мора да престане со употребата на такво оружје.

Веќе седум години, сирискиот конфликт се влошува и расте. Тоа директно влијае на безбедноста на Франција и на Европа. Во овој контекст, имаме два приоритети: борбата против џихадистичките групи, особено против Даеш и враќањето на стабилноста преку изнаоѓање на политичко решение. Само тоа може да биде синоним за мир и безбедност за сирискиот народ, за регионот и за меѓународната заедница.

Затоа, многу брзо ќе преземеме политички иницијативи. Имаме три императиви:

1. да се уништи сириската хемиска програма, на проверлив и неповратен начин.

2. прекин на огнот на целата територија на Сирија и хуманитарен пристап до цивилното население, како што тоа го бараат резолуциите на Советот за безбедност. Овие одлуки имаат сила на меѓународно право. Нив сите треба да ги почитуваат. Досега беа само на хартија. Ние мора да ги примениме.

3. план за излез од кризата, кој мора да се најде со политичко решение. Подготвени сме да работиме на тоа уште од сега, со сите земји што можат да дадат свој придонес.

publie le 14/04/2018

hautdepage