Изјава од Елисејската палата по завршувањето на Самитот Париз Балкан 2016 [fr]

По конференциите во Берлин (на 28 август 2014 г.) и во Виена (на 27 август 2015 г.), Франција беше организатор на Самитот што се одржа во Париз на 4 јули 2016 година, на кој се сретнаа шефовите на влади, министри за надворешни работи и министрите за економија на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора, Србија, како и на Хрватска, Словенија, Австрија, Германија, Италија и претставници на Европската унија и на меѓународните финансиски институции.

JPEG

Изјава од Елисејската палата по завршувањето на Самитот Париз Балкан 2016:

На конференциите во Берлин и во Виена се постигна напредок во поглед на соработката помеѓу младите и поврзувањето во областа на транспортот и енергетиката. Учесниците, исто така, констатираа дека динамиката воспоставена по овие средби, како и бројните состаноци одржани во рамките на процесот Брдо-Бриони, значително придонесоа за подобрување на соработката и добрососедските односи во регионот. Еден од клучните елементи на процесот е фокусот којшто е јасно ставен на ограничен број на специфични тематики кои имаат за цел подобрување на поврзаноста во областа на транспортот, енергетиката и размената меѓу луѓето.

Целта на Самитот во Париз е да се обезбеди поголема кохерентност меѓу различните регионални иницијативи за унапредување на соработката меѓу балканските земји, земајќи ги предвид нивните европски перспективи. Ова особено се однесува на процесот Брдо-Бриони.

Европскиот континент е изложен на безбедносни предизвици без преседан, како што се терористичките напади од голем обем. Во овој контекст, ние ги охрабруваме земјите од Западен Балкан да ја зајакнат регионалната соработка која е од суштинско значење за стабилноста на регионот и на цела Европа.

I. Иднината на земјите од Западен Балкан е во нивната европска интеграција и регионалната соработка

1. Во контекст на резултатите од референдумот во Велика Британија, учесниците од Западен Балкан потврдија дека нивната иднина е во рамките на Европската унија. Јасна европска перспектива им беше дадена на сите земји во регионот на конференциите во Загреб и Солун во 2000 и 2003 година; таа беше постојано и недвосмислено потврдувана во периодот потоа, во согласност со условите и одобрените барања. Земјите од регионот направија значителен напредок на нивниот пат кон Европската унија во последниве години. Ги поздравуваме напорите на земјите од Западен Балкан во различните фази на нивниот процес на пристапување и ги повикуваме да продолжат со активностите за приближување кон Европската унија.

Повеќе од кога било, владеењето на правото е во центарот на процесот на проширување, особено во однос на реформите во правосудството, борбата против организираниот криминал и корупцијата и целосното почитување на основните права.

2. Регионалната соработка е клучен услов за европската перспектива на регионот кој беше обележан со трагични судири пред помалку од 25 години. Оттогаш, земјите од Западен Балкан направија значителен напредок. Денес во Париз, го поздравивме напредокот и ги охрабривме сите земји да продолжат со напорите за воспоставување на добрососедски односи.

На самитот во Париз, потсетивме на важноста на регионалната соработка за решавање на билатералните прашања кои стојат отворени по самитот во Виена. Помирувањето е од суштинско значење за стабилноста на регионот на патот кон членство во Европската унија. Учесниците од Западен Балкан ја потврдија својата решеност да продолжат да работат во духот на Виенската декларација од август 2015 година и на конференцијата од Виена во април 2016 г. Тие денес потврдија дека се посветени на тоа да се воздржат од искористување на отворените билатерални прашања во процесот на пристапување кон Европската унија.

3. Денес, во Париз, со потпишувањето на договорот за формирање на регионален центар за младинска соработка (RYCO), беше направен голем чекор кон залечување на раните од минатото во регионот. RYCO, потпирајќи се на педесетгодишното искуство на француско-германската младинската канцеларија, ќе има задача да даде поддршка на активностите за промовирање на помирувањето меѓу народите, како и програми за историските настани, различноста, меѓукултурната размена, регионалната мобилност, учеството на граѓаните и промовирањето на демократските вредности. Сите учесници изразија уверување дека RYCO ќе има голем придонес кон помирувањето и европската иднина на регионот преку јакнење на размената и мобилноста на младите во регионот.

4. Регионалната соработка е исто така клучен елемент за економски раст на земјите од Западен Балкан, бидејќи таа води до зголемена размена меѓу населението, зголемување на бројот на прекугранични и регионални иницијативи и заеднички вложувања. Во контекст на сегашната економска состојба, регионалната соработка е единствениот начин за соочување со заедничките предизвици. Регионалните организации, како што се Регионалниот совет за соработка (РСС) ќе имаат важна улога во овој поглед.

II. Поврзувањето и економската размена: можност и предизвик за регионот

5. Одржливиот економски развој е основа за просперитетна иднина на регионот. За да се постигне оваа цел, самитот во Париз се фокусира на зајакнување на поврзувањето и на можностите за постигнување заемно корисни трговски размени во регионот.

6. Во поглед на поврзувањето, Самитот во Париз овозможи да се направи преглед на спроведувањето на проектите започнати во август 2015 година и да се поттикне понатамошен напредок во оваа област. Одобрените инвестициски проекти треба да се спроведат без одлагање. Во врска со ова, учесниците го поздравија фактот што некои проекти одобрени во 2015 година во Виена ќе може да бидат отпочнати во 2016 година. Учесниците, исто така, се согласија за три нови проекти во областа на железничкиот сообраќај кои ќе имаат кофинансирање од ЕУ од близу 100 милиони евра, како дополнителни средства на тие од меѓународните финансиски институции и националните придонеси на учесниците на Западен Балкан.

Сите учесници во регионот треба да добијат финансиска поддршка во врска со нивната програма за поврзување. Разгледувањето на проектите ќе продолжи во целиот регион штом ќе бидат исполнети политичките и техничките предуслови. Врз основа на постоечката техничка помош, Комисијата ќе ги испита можностите за зголемување на поддршката за земјите од регионот за да се подобри нивниот пристап до меѓународните финансиски институции и подобро да се искористува поддршката што тие институции ја даваат.

Страните го поздравија отпочнувањето на иницијативата за зголемување на инвестициите во поглед на енергетската ефикасност во однос на станбените згради и во однос на одржливиот развој, благодарение на дополнителните средства од Европската унија во износ од 50 милиони евра. Во вториот случај, се работи за програма која треба да ги идентификува најдобрите начини за развој на хидро-потенцијалот на регионот. Покрај тоа, ЕУ има нарачано да се изготви регионална стратегија за хидроелектраните за Западен Балкан, кој ќе помогне да се одредат средствата за развој на хидропотенцијалот на регионот водејќи притоа сметка за производството на енергија и за животната средина.

Презентиран беше и извештајот за спроведувањето на придружните мерки кои беа донесени пред една година за промоција на поврзувањето во енергетскиот и транспортниот сектор. Имплементацијата на овие мерки е од суштинско значење за правилното функционирање на интегрираната мрежа за енергија и транспорт. Земјите од Западен Балкан сега ќе ги интензивираат своите напори. Напредокот во спроведувањето на придружните мерки ќе ја подобри законската и регулаторната рамка за развој на проекти, со што ќе се создаде подобра клима за инвестирање. За да се постигне оваа цел, тие ќе продолжат да добиваат поддршка од страна на Европската комисија, од Транспортната опсерваторија на Југоисточна Европа и од Секретаријатот на Енергетската заедница. Заедничкиот акционен план за олеснување на трговијата и транспортот во земјите од Западен Балкан, презентиран денеска од страна на шефовите на влади од регионот, претставува придонес кон тековниот процес кој треба да се поздрави. Тој, исто така ќе и овозможи на Светска банка да ја поддржи имплементацијата во земјите од Западен Балкан на агендата на Европската унија за поврзување.

Страните се обврзаа да продолжат да работат на приоритетните инвестициски проекти коишто се во напредна фаза, во рамките на специфичните секторски проекти утврдени од националните инвестициски тела на секој од учесниците од Западен Балкан.

Во поглед на енергијата, страните се согласија со планот за воспоставување на регионален пазар на електрична енергија во Западен Балкан со цел да се олесни размената на енергетските ресурси, да се подобри користењето на постојните електрични системи преку интегрирање на обновливите извори на енергија и поврзување на регионалниот пазар со тој на ЕУ. Европската комисија ќе ја следи оваа иницијатива, со поддршка од Секретаријатот на Енергетската заедница. Идните одлуки на ЕУ за финансирање ќе го земат во предвид напредокот во имплементацијата на овој план.

Во делот на транспортот, страните ја изразија својата поддршка на потпишувањето договор со кој ќе се формира транспортна заедница и го поздравија продолжувањето на преговорите за да се постигне договор од заеднички интерес.
Во однос на трговијата, страните со задоволство забележаа дека се продлабочува економската интеграција меѓу земјите од Западен Балкан и се согласија со позитивната улога на Европската Унија која обезбедува експертиза, опрема и основна политичка поддршка за ова прашање.

Страните ја потврдија потребата за унапредување на интеграцијата на регионалниот пазар, особено преку договорот за слободна трговија (ЦЕФТА). Во овој контекст, тие го поздравија завршувањето на преговорите во врска со Дополнителниот протокол 5 на ЦЕФТА за олеснување на трговијата и ја истакнаа важноста од склучување до крајот на 2016 година на дополнителен протокол за трговија со услуги. Секретаријатот на ЦЕФТА ќе ја координира подготовката на овој договор. Ќе биде поднесен извештај за напредокот во спроведувањето на Дополнителниот протокол за трговија со услуги на следниот самит.

III. Фокус на младите

7. Подобрувањето на перспективите на помладите генерации е од огромно значење за стабилноста, одржливиот развој и напредок во регионот. Во овој контекст, страните разговараа за напредокот во спроведувањето на позитивната агенда за младите од Западен Балкан која беше промовирана на 23 април 2015 година на состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на процесот Брдо.

Програмата Еразмус плус ги опфаќа земјите од Западен Балкан, особено преку поддршка на мобилноста на младите волонтери, млади работници, студенти и академски кадар, преку градење на капацитетите во областа на младите и високото образование и поттикнување на дијалог помеѓу младите и политичките лидери. Учесниците се согласија за конкретни предлози кои овозможуваат зголемен пристап на младите од регионот до програмата за стипендии Еразмус плус, земајќи ја во предвид потребата за промоција на претприемништвото.

Во овој контекст, ние ја поздравуваме идејата за студиска програма и размена на млади функционери од регионот, со што дополнително ќе се унапредат напорите за помирување во регионот и пошироко.

Страните се согласија дека е потребно да се дејствува поагресивно за справување со високите стапки на невработеност на младите во регионот. Ова прашање зазема важно место во програмите за економски реформи и политички насоки утврдени во заеднички заклучоци на економскиот и финансиски дијалог меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан и Турција, од 25 мај 2016 година. Да се зголеми стапката на учеството на младите на пазарот на трудот е од клучно значење за подобрување на иднината на младите генерации во регионот.

Страните ги поздравија заложбите за конкретни активности донесени на Конференцијата за обука низ работа, која се одржа во Виена на 18 мај 2016 година, помеѓу претставници од јавни и приватни организации. Тие истакнаа дека системите за образование и високиот квалитет на професионалната обука придонесуваат за поддршка на економскиот раст и намалување на невработеноста на младите. Тие ја поздравија иницијативата на Франција да се организира нова конференција за стручно образование и обука со фокус на претприемништвото.

Страните ги поздравија заедничките научни конференции кои се одржаа во Берлин во 2015 година и во Виена во 2016 година. Тие повторно препорачаа да се одвои доволно средства за истражување, во висина од 3% од националниот БДП, побараа националните академии на науките да предложат до одржувањето на следната конференција во Франција во 2017 година, механизми за финансирање за талентирани млади истражувачи од Балканот, на кои ќе им се овозможи да се здобијат со искуство во странство и да се отворат, во нивните земји, институции за поддршка на истражувачките тимови на одредена тематика.

8. Отпочнувањето на активностите на RYCO претставува единствена можност да се поттикне и да се забрза процесот на помирување и регионална соработка меѓу младите луѓе. Се надеваме дека ова ново тело ќе им помогне да се развие интерес за активно граѓанство, волонтирање и размените во регионот, како и да ги направи свесни дека тие имаат повеќе заеднички нешта отколку причини да се чувствуваат различни. Учесниците ја изразија својата намера во целост да ги поттикнат да соработуваат младинските организации од нивните земји со RYCO.

IV - денешните предизвици: миграцијата и борбата против тероризмот и радикализацијата

9. Во време кога се потребни нови напори за зголемување на поврзаноста на инфраструктурата и поддршката на иницијативите за млади, Западен Балкан и Европската унија се соочуваат со заеднички предизвици поврзани со миграцијата и борбата против тероризмот.

10. Европа се соочува со невиден проблем со имиграцијата. Западен Балкан бил и останува важен партнер за справување со кризата и намалување на нелегалниот проток на имигранти во Европа. Европската унија и нејзините земји-членки, исто така, преземаа конкретни активности за справување со кризата и нејзините последици, вклучувајќи и обезбедување на секаков вид на помош и финансиска поддршка на владите и заедниците-домаќини и зајакнување на соработката во поглед на борбата против трговците со луѓе, контролата на надворешните граници којашто претставува клучен елемент и единствено решение за да се соочиме со овој заеднички предизвик. Потсетуваме, во овој контекст, на нашата поддршка за иницијативата на Европската инвестициона банка за земјите од Западен Балкан, наменета за промовирање на инвестициите. Оваа иницијатива е во согласност со новиот пристап кон миграцијата, одобрена од страна на Европскиот совет на 28 и 29 јуни.

Спроведувањето на обврските што ги презедоа ЕУ и земјите од Западен Балкан на состанокот на високо ниво од 8 октомври 2015 година и на мини-самитот што следеше на 25 октомври, бара постојани напори. Во Париз, Страните ги идентификуваа областите каде што беше потребно понатамошно зајакнување на регионалната соработка меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан: враќање и реадмисија, размена на информации, координација, заеднички операции за борба против шверцерите и против мрежите на организиран криминал, подобрена соработка помеѓу граничната полиција. Учесниците, исто така, се согласија дека е важно постојано да се следи развојот на новите миграциски правци низ територијата на Европската унија.

11. Учесниците изразија загриженост во врска со тероризмот и радикализацијата, особено меѓу младите луѓе. Тие, исто така, ја истакнаа важноста за поблиска соработка меѓу земјите-членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан, вклучително и во борбата против шверцот со оружје, финансирањето тероризам, радикализацијата и неговата превенција, како и граничната контрола. Страните ја потврдија својата поддршка на иницијативата за Западен Балкан во борбата против тероризмот и на Форумот од Салцбург. Учесниците побараа зајакнување на законските и оперативни мерки во борбата против трговијата со оружје, особено со систематско користење на бази на податоци и на постоечките системи за размена на информации.

За да што подобро справување со терористичката закана и со радикализацијата, учесниците исто така, се согласија за зајакнување на улогата на Центарот за одржување на редот во Југоисточна Европа во борбата против овие појави, особено преку засилена соработката со Европол.

Учесниците, исто така се обврзаа да го унапредат спроведувањето на заедничката декларација на ПСЈИЕ (Процесот за соработка на Југоисточна Европа) во борбата против тероризмот, усвоена во Тирана на 24 февруари 2015 година. Европската комисија, од своја страна, најави дополнителни финансиски средства во рамките на поддршката на граѓанското општество, преку НВО вклучени во превенцијата и борбата против насилниот екстремизам.

12. Страните учеснички го поздравија предлогот Италија да биде домаќин на следниот самит на земјите од Западен Балкан во 2017 година.

publie le 06/07/2016

hautdepage