Конференција на Правниот факултет при Универзитетот во Битола [fr]

JPEG

Господине декан на Правниот факултет,

Дами и господа професори, драги студенти по француски јазик, драги студенти франкофони и франкофили,

Ми претставува големо задоволство што пред вас можам да зборувам на француски јазик за односите меѓу Франција и Македонија во европски рамки и за иднината на Западен Балкан. Јас намерно избрав политичка тема за да зборувам за иднината на овие односи и да потсетам на вашата европска иднина. Јас ви се обраќам вам, млади студенти бидејќи вие сте интелектуалната елита на земјата и со вас, со вашата енергија и волја ќе се развива земјата во наредните дваесет години.

Денес, со мене е присутна и Калиопа Стилиновиќ, почесниот конзул што вие сите ја познавате бидејќи таа е столб на вашиот универзитет. Јас исто така дојдов со нашата нова советничка за култура која истовремено е и директор на Францускиот институт, г-ѓа Изабел Марки-Барбо. Таа пристигна во Македонија пред неколку недели, но веќе двапати дојде во Битола.

Како што знаете, Франција и Македонија се обединети во Битола поради споделеното минато и конкретното и активно присуство. Се работи за многу добро познато воено присуство од дури 100 000 војници меѓу ноември 1916 и септември 1918 година што дојдоа во времето на вашите дедовци по двете балкански војни во војната од која настрадаа милиони луѓе. Се работи и за образовно присуство, со франкофонското училиште сè до 1945 година, француска болница, црковна заедница. Би сакала исто така да го спомнам и меѓународното присуство низ вековите на конзули кои зборувале француски јазик бидејќи тој бил дипломатски јазик, јазик на правото и на книжевните средби насекаде, па и на Балканот.
Денес сè уште постои француското присуство во градот, ние го одржуваме како наш најскапоцен предмет, не само преку француските гробишта, туку и преку мрежата на врски и добро познати збратимувања меѓу градот Епинал и регионот Долна Нормандија, а пред сè преку големиот број на конкретни проекти на теми од културно наследство до економски односи.

Би сакала да истакнам дека мрежата на институционални односи неуморно работи и нејзината главна цел е Македонија да стане дел од Европската Унија со нејзините демократски вредности, владеење на правото и локално владеење. За време на неформалниот самит на шефови на држави на Западен Балкан во јули 2013 година, Франција потсети преку гласот на претседателот на Републиката, Франсоа Оланд, дека Република Македонија, како и Србија со која ги започнавме преговорите во јануари 2014 година, како и Албанија која во јуни 2014 година доби статус на кандидат, треба да станат дел од Европската Унија. Ќе бидат вложени сите напори за тоа да се случи, а претседателот на Републиката понуди помош од Франција за да се реши спорот со името со Грција. Нашата земја беше присутна на сите страници на историјата на земјата во 1991, во 2001 и во 2013 година за заедничко прославување на стогодишнината од големата војна.
Дами и господа, иднината на земјата зависи од ангажманот на генерациите на млади Македонци како вас. Нема елита без квалитетен универзитет и денес, нема универзитет без меѓународни размени. Токму затоа заедно со вас сакам да спомнам еден сегмент што стана неопходен дел од студиите на секој европски студент, а тоа е мобилноста.

Би сакала пред вас да зборувам за можностите кои ви се отворени вам, како и на вашите професори за да поминете еден период на студирање или на пракса во Франција. Непобитна предност за влегување на пазарот на трудот е да се има во својата кратка биографија европско или меѓународно искуство, диплома за јазици или пак, двојна диплома.

Како што знаете, Република Македонија може да аплицира за европските програми, особено за програмата ЕРАЗМУС+. Тоа отвора можност да добиете европска стипендија штом вашиот универзитет потпише договор за соработка (Европска повелба) со конзорциум од други универзитети. Ние ќе ги олесниме контактите со француските универзитети за да ѝ овозможиме на Македонија да го најде своето место во тој простор на универзитетска соработка што отвора перспективи.

Во текот на последните шест години, 120 студенти од Македонија (меѓу кои има повеќе ученици од Битола и околниот регион од двојазичните паралелки со француски јазик) се запишаа на универзитет или висока школа во Франција. Целта на Франција е да овозможи многу побројни размени преку ЕРАЗМУС+. Амбасадата секоја година доделува по неколку стипендии од француската влада на најзаслужните студенти, но имајте на ум дека Европа исто така дава можност да се запишете на некој француски универзитет во текот на вашите студии зашто студентите можат да добијат мобилност од 12 месеци, студии и/или пракса во секој циклус на студии (додипломски, постдипломски и докторски студии). Еразмус+ се однесува и на членовите на образовни тимови и персонал кои можат да поминат период на обука или на образовна мисија и на студентите за студиски престој или пракса во претпријатие. Но, Еразмус+ ги опфаќа исто така и младите што се на професионална обука зашто се нудат пракси во претпријатија и младите кои се надвор од образовниот систем бидејќи имаат можност да заминат на индивидуални или групни волонтерски активности.
Француските универзитети се многу достапни, на пример, упис на додипломски студии чини 180 евра, а денес многу универзитети нудат двојазични програми за мастер (англиски-француски) или студии што се целосно на англиски јазик. Студентите што ќе поминат една или две години во Франција, ќе се вратат зборувајќи повеќе јазици. Јазикот не треба да биде пречка за мобилноста, Француската алијанса во Битола може да ве подготви за престој во Франција. Впрочем, повеќе јазичноста веќе е предност во Македонија.

На крај, би сакала да ви кажам дека во рамките на Францускиот институт има образовен оддел наречен Кампус Франс што е под одговорност на г-ѓа Марки-Барбо каде оние од вас што сакаат да се запишат на мастер или докторат можат да добијат многу информации за студиите во Франција или за франкофонските програми за мастер во регионот (Србија, Бугарија, Грција). Јас ве охрабрувам да учествувате на саемот за студии во Франција кој ќе се одржи во Скопје на 10 ноември, во Домот на АРМ.

publie le 19/11/2014

hautdepage