Конференција за одбележување на стогодишнината од Првата светска војна во Министерството за надворешни работи, понеделник 6 октомври 2014 година [fr]

JPEG

Господине министер,
Дами и господа, драги пријатели франкофони,

На мојот тим и на Амбасадата на Франција ни претставува огромна чест што можеме преку оваа конференција да го одбележиме отпочнувањето на комеморациите на Првата светска војна во Скопје, во Министерството за надворешни работи. Ви благодарам господине минситер и господине национален координатор за франкофонија што предложивте таква средба меѓу македонските и странските дипломати. Им се заблагодарувам на моите колеги за нивното присуство бидејќи неколку амбасади споделуваме проекти и активности поврзани со стогодишнината од Првата светска војна.

Во 2014 година се одбележува годината на разгорување на светскиот конфликт што денес има посебно место во историјата на Европа. Конфликтот започна дури во 1915 година на сегашната територија на Република Македонија со присуството во 1917-1918 година на повеќе од десет странски војски од Франција, Обединетото Кралство, Русија, Италија, Романија, Србија и Грција од страна на трупите на Антантата и војски од Германија, Австро-Унгарија, Турција и Бугарија од страна на Централните сили или Тројниот сојуз.

Тоа беше меѓународен, жесток и фронтален судир кој се случи на она место што го нарекуваме Источен фронт што овде се нарекува Фронтот на Македонија или Солунскиот фронт. Господине министер вие потцртавте дека земјата многу страдаше, семејствата гледаа како нивните деца заминуваат во борба, а цивилното население плати висока цена. Само градот Битола изгуби 3500 цивили, а оваа бројка не е сигурна и затоа треба да се користи со резерва.
Меѓународните комеморации што ги бараше претседателот на републиката и што беа прилика да се покани македонска делегација да дефилира во Париз на Елисејските Полиња на 14 јули, го одбележуваат почетокот на еден важен четригодишен период во рамките на кој мојата земја сака да развие билатерална работа на тема сеќавање. Во Париз, Мисијата на стогодишнината е структура посветена на оваа тема и доделува ознаки за предложени проекти насекаде во светот, а Амбасадата на Франција во Скопје ја доби ознаката „Стогодишнина од Првата светска војна“ за седум години почнувајќи од 2013 година. Брошурата за Источниот фронт што ја добивте е првиот производ од тие заложби и беше направена заедно со Регионот Долна Нормандија што е наш партер за сите наши проекти и благодарение на активната работа на Францускиот институт во Скопје.

Потсетувам на главните причини за нашето ангажирање: од десетте милиони загубени животи во првиот светски конфликт, Франција изгуби еден милион и половина од своите, а од војната ѝ се вратија повеќе од четири милиони сериозно повредени, засекогаш хендикепирани лица. Една десеттина од загубите предизвикани од светскиот конфликт се случија на Источниот фронт. Помеѓу тие лица што починаа толку далеку од дома, 70.000 беа Французи. Источниот фронт беше голем конфликт што треба да се комеморира во историјата на нашиот век, конфликт што често се затскрива или заборава пред сè поради сложената историја на француската војска на Истокот што дејствувала на сегашната територија на повеќе балкански држави.
Франкофонијата е важна овде, господине министер, бидејќи од 350.000 француски војници што биле дел од француска војска на Истокот, околу дваесет проценти потекнувале од француските колонии, од региони од Африка, Мароко или Алжир и биле поделени во елитни полкови: сенегалските стрелци или мароканските пешадиски војници направија херојски подвизи. Посетителот веднаш се стресува штом ќе влезе на француските гробишта во Битола каде 6.200 гробови со напишани имиња се наоѓаат околу еден споменик на починатите каде колективно се наоѓаат речиси 4.000 останки. На француските гробишта во Скопје исто така има останки на 4.000 лица, на „Загинатите за Франција“ од кои 900 имаат идентификувано погребно место.

Господине министер, првата цел на програмата за комеморација што Франција ја отпочна со Република Македонија е заеднички да се навратиме на историскиот момент од таа заедничка епизода и да се обидеме да им го покажеме значењето на Источниот фронт на македонските граѓани во сложената историја на XX век. Ние сакаме со македонските партнери кои прифатија да ја започнеме оваа работа, односно Институтот за историја и Министерството за одбрана, Кинотеката на Македонија и Македонскиот центар за фотографија да придонесеме да се изгради сеќавање за Првата светска војна во Република Македонија.

По брошурата и филмот за Источниот фронт, ние работиме на подготовка на повеќе конференции, изложби и сакаме да отвориме мал музеј на гробиштата во Битола. Ние исто така заедно со нашите колеги од Амбасадата на Германија и АНИМ (Асоцијацијата на наставници по историја од Македонија) започнавме изработка на француско-германски проект чија цел е да се напишат неколку страници историја за конфликтот во Република Македонија. Тој проект е поддржан од Француско-германската канцеларија за млади (ОФАЖ) и од здружението Лоја и е наречен „Нови пристапи за изучување на Првата светска војна во Македонија“. Неговата цел е да се промовираат наставни единици во разни средни училишта во земјата.

Втората цел за Амбасадата на Франција во поглед на комеморацијата е да се работи на пренесување на порака за солидарност и помирување во меѓународно партнерство со амбасадите коишто ќе сакаат да се приклучат. Фрапантно е да се констатира низ призмата на конфликт од такви размери, дека е важно да се создаде простор на мир и единство на Балканот и дека овој толку важен елемент останува релевантен во европската градба. Преку меѓународната програма и присуство на интелектуалци од разни политички и културни средини, ние се надеваме дека ќе поттикнеме на размислување за изучувањето на првиот светски конфликт, можеби преку конференција со Академијата на науките и уметностите и нашите партнери – Институтот за историја и Министерството за одбрана.

Господине министер, дами и господа, драги колеги, се надевам дека ќе успееме да им помогнеме семејствата на француските војници на чии споменици е напишано „Француска војска на Истокот или Источен фронт“ без да се знае каде загинал војникот, да ги пронајдат своите лични приказни и преку тие пронајдени индивидуални врски да придонесеме кон приближување на нашите две земји преку нишка споделени знаења и преку взаемни посети.

Ви благодарам за вашето внимание.

JPEG

publie le 17/11/2014

hautdepage