Македонците и Французите ја делат љубовта за добрата храна и спомените! [fr]

Интервју на Амбасадорката на Франција, Госпоѓа Лоренс Оер за весникот Вечер : таа раскажува за своите искуства во земјата, 13 септември 2015

JPEG
"Сакам Французите подобро да ја запознаат вашата земја. Пред се, се надевам дека во Франција сме свесни за македонската креативност и продуктивност со кои Македонците се гордеат, вели Оер
Амбасадорката на Француската Република, Лоренс Оер речиси две години е на дипломатска служба во Македонија. Како што вели, воодушевена е од убавините на Македонија, а напорно работи на зголемување на соработката меѓу двете држави. Амбасадорката не пречека во француската резиденција каде, меѓу другото, ни раскажуваше за "феминизирањето" на француското МНР каде за само три години, бројот на жени-амбасадори се зголемил од 29 на 48 во 2015 година. Неодамна, амбасадорката се појави на насловната страница на елитниот француски неделник "Л’Обс" каде заедно со 15 колешки-амбасадори беше избрана за еден од најдобрите дипломатски претставници на својата држава.


Кои се вашите впечатоци од Македонија во досегашниот престој?

Пристигнав во јануари 2013 година и најголем впечаток ми оставија богатствата кои постојано ги откривам: безбројните цркви од византискиот период, разните видови цвеќе, овошје, селата на над 1.500 метри надморска висина, прекрасното гостопримство. Бербата на грозје во Кавадарци, на оризот во Кочани, на овошјето во Берово, музејот во Крушево, Охридскиот фестивал - секој регион има нешто особено и има своја активност што ја нуди.

Што најмногу ви се допадна во Македонија?
Планините. Јас сум родена во планински регион, пораснав во подножје на планина и почнав да скијам уште на тригодишна возраст. Затоа и сум среќна овде, во Македонија и во лето и во зима. Пејзажите се прекрасни, постои огромен туристички потенцијал поврзан со откривање на природата, здрава храна и спорт во сите годишни времиња. Освен решението на политичката криза која е приоритет за нас, работам и на приближувањето на Македонија кон Европската унија, како што потсети францускиот министер Арлем Дезир, кој беше во Скопје на 2 септември. Франција уште во 2000 г. предложи интеграција на сите земји од Западен Балкан во ЕУ, а ние уште отсега работиме на организирање на конференцијата во Париз во текот на летото 2016 година за да се доближиме до таа цел.

Дали можеби наоѓате некакви сличности со вашата држава?
Имаме две заеднички работи: љубовта кон добрата храна и спомените од минатото. Во врска со првото, се прави размена од областа на гастрономијата на телевизија, како и еден годишен настан, "Вкусот на Франција". Се надеваме дека ќе убедиме многу ресторани да прикажат француски оброк при второто издание на овој настан, на 19 март следната година. Спомените, наследството, тоа не поврзува низ историјата. Доволно е да се посетат Француските гробишта во Скопје и во Битола, или да се отиде на Пелистер, на Галичица, за да се разбере колку млади Французи ги загубиле своите животи во оваа земја за време на Првата светска војна. Станува збор за 70.000 луѓе помеѓу 1916 и 1918 година. За да им оддадеме почит, ние денес градиме музеј во Битола.

Можете ли да ни ја претставите вашата држава и што би ни препорачале да посетиме?
Тој што оди во Франција треба да знае дека од пред две години има нови можности и треба да ги искористи колку што е можно подобро: постои директна авионска линија Париз-Скопје, но и Скопје-Милуз/Базел, бескрајна понуда на стипендии преку системот Еразмус + и преку интернет, бескрајна можност да се пронајдат места со единствени особености, но и евтини, се разбира и во Париз. Препорачувам да се открие и посети новиот музеј на Пикасо, Булоњската шума со Фондацијата Витон. Францускиот институт во Скопје направи фантастична работа за да ги презентира можностите. Вреди да се посети. JPEG

Кои се спецификите на вашата држава кои тука ви недостасуваат и кои специфики ги има Македонија кои би ги понеле со вас во вашата држава?
Недостасува културна програма: има се во Скопје, но мора да се дознаваат настаните од некој што веќе слушнал за тоа. Не може да се најде една недела однапред на веб-сајт или во некоја брошура кои се најдобрите изложби, филмски критики за тоа кој филм да се гледа, за концерти. Има исклучителни фестивали, но треба да се промовираат во Франција. Мислам на фестивалот Браќа Манаки, чудо од креативност, кој повторно ќе биде домаќин на француската продукција на 19 септември. Исто така, со нетрпение очекувам да ја видам новата концертна сала во Скопје.

За кои искуства во Македонија ќе им раскажувате на пријателите од вашата држава?
Сакам Французите подобро да ја запознаат Вашата земја. Пред се, се надевам дека во Франција сме свесни за македонската креативност и продуктивност со кои Македонците се гордеат. Дали знаете дека токму сега во Франција книгата на Венко Андоновски, "Вештица", доживеа голем успех или дека двајца македонски дизајнери: Марјан Денков од "Ри Месје" и Марта Грнарова од "Завар" се присутни на Неделата на дизајн во Париз? Тоа е значаен потенцијал за економски развој меѓу нашите две земји.

publie le 14/09/2015

hautdepage