Неопходни се структурни реформи за членство на Македонија во ЕУ и во НАТО [fr] [sq]

Оваа реформска тенденција со текот на времето ќе доведе до консолидирање на воспоставувањето на владеењето на правото во Македонија. Прочитајте го интервјуто на амбасадорот за весникот и списанието "Заман"

Запрашан за развојот на структурните реформи потребни за пристапување на Македонија кон НАТО и ЕУ, амбасадорот го поздрави напредокот направен од 2016 година наваму и ја потврди подготвеноста на Франција да ја поддржува и охрабрува оваа реформска тенденција, којашто со текот на времето ќе доведе до консолидирање на воспоставувањето на владеењето на правото во Македонија.

JPEG

1. Демократијата во Македонија мора да биде функционална. Би можеле ли да ни ја објасните својата позиција во врска со ова?

Градењето на владеењето на правото поминува низ систем, односно низ парламентот, којшто е избран на слободни и фер избори, што сега е случај. Тоа значи почитување на процедурите и не е се ограничува единствено на фактот дека постои парламентарно мнозинство. Потребен е конструктивен, а не опструктивен став од страна на опозицијата. Потребно е јасно и транспарентно прифаќање на правилата и тоа да биде нормален начин на функционирање, од каде што ќе произлезат неспорни закони кои се обврзувачки за сите. Неопходен е дијалог за да се стигне до тој момент: неговото воспоставување ќе значи дека се почитуваат европските стандарди. Ова е неопходен услов за европската интеграција.

2. Агендата 3-6-9 е од суштинско значење за пристапот на Македонија во ЕУ, но јасно е дека постојат пречки. Овој план бара поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, партија што го бојкотира Парламентот. Може ли европската дипломатија да ја убеди опозицијата да ги поддржи овие реформи?

Ние ги земаме предвид и ги цениме изјавите на новото раководство на оваа партија, која јасно го кажа својот избор, во корист на Европа. Напорите на новите лидери се следат со внимание, за делата да бидат во согласност со зборовите: патот кон Брисел ќе се дефинира во Собранието, а не на улица.

JPEG

3. Многу се дискутираше за законот за употреба на албанскиот јазик. Како ја гледате оваа ситуација и спроведувањето на овој закон, кога знаеме дека позициите на мнозинството и опозицијата се дијаметрално спротивставени?

Сегашната состојба не е задоволителна за никого. Ова се чини дека докажува оти методот не е добар. Се тврдеше дека текстот најнапред треба да се достави до Венецијанската комисија како респектабилна европска институција: нејзиното мислење би било интересно и би овозможило да се земе предвид правниот аспект на случајот, водејќи притоа сметка за нејзините евентуални забелешки.

4. Неодамна се сретнавте со неколку лидери на политички партии во земјата. Каква е нивната позиција за името и влезот на Македонија во НАТО и во ЕУ?

Постои охрабрувачка едногласност на оваа тема, но мора да се направат практични заклучоци за да се овозможи усвојување на неопходните реформи и да се постигне оваа цел.

5. Се шпекулира дека оваа влада ќе има потешкотии во спроведувањето на реформите поради тесното мнозинство. Каква е вашата позиција во врска со тоа ?

Неопходните реформи што ги бараат Европејците се во согласност со желбите на огромното мнозинство на населението. Групната работа во парламентот не беше бојкотирана. Можеби ќе треба да се направат одредени прилагодувања, но не треба да има суштински проблем при донесувањето на позитивни текстови, особено во однос на функционирањето на правдата која сите сакаат да ја подобрат во поглед на нејзиниот квалитет и непристрасност.

6. Преговорите меѓу Македонија и Грција се веќе во завршна фаза, а ЕУ истакнува дека ова прашање треба да се реши што е можно поскоро. Каква е улогата на Франција во овој контекст?

Франција посакува решение кое ќе им овозможи на двете земји заеднички да придонесат за стабилноста на регионот и заеднички да придонесат за развој на европската конструкција врз основа на културата на компромис и почитување кон другите. Првиот чекор е преземен: неопходно е да се продолжи без да дојде до обесхрабрување, да се зачува големиот капитал на взаемна добра волја создадена од двајцата премиери, Заев и Ципрас.

7. ЕУ ги критикуваше и бараше реформи на администрацијата и на полето на правдата. Според вас, дали овие реформи се во тек? Какво е вашето мислење ?

Останува уште многу да се направи, но реализирани се значајни активности за подготовка и осмислување, како и споредба на идеи и интереси. Франција сака да даде поддршка во таа насока, како што прави веќе десет години, преку функционирањето на Академијата за судии и јавни обвинители, која беше многу позитивно оценета во Брисел, како и од страна на нашите оценувачи. Тоа е долгорочна работа која бара трпеливост, строгост и непристрасност во изборот, настрана од политичките притисоци. Политичкиот критериум за назначувања, општо земено, мора да се замени со стручност. Ова не ја исклучува правичната застапеност на заедниците.

8. Грција бара промена на Уставот. Од друга страна, Македонија е решена да не прави промени. Дали мислите дека е можно да се постигне договор, знаејќи дека Грција е членка на НАТО и ЕУ и дека пристапувањето на Македонија би можело да го стабилизира балканскиот регион?

Во тек се преговори и неопходно е страните да ги земат предвид нашите очекувања дека нивната одлука ќе придонесе за стабилизирање на регионот. Треба да се напомене дека и двете земји соработуваат на свој начин и на свое ниво со НАТО и дека се ценети партнери.

JPEG

9. Неколку предлози за името се во оптек. Каква е француската политика кон Западен Балкан и Македонија?

Франција беше во првите редови на воен, дипломатски и финансиски план кога требаше да се стави крај на војната во поранешна Југославија. Нејзиниот ангажман во Македонија не е заборавен, со Робер Бадентер, Франсоа Леотар, Ален Ле Роа, кои заедно со нашите војници присутни на теренот, придонесоа за создавање и консолидација на оваа држава и на нејзините институции. Ние сме решени да ја придружуваме оваа пријателска земја на патот кон Европската унија, како и сите земји во регионот. Тоа го сторивме на самитот во Париз во 2016 година, со создавање на организација за младинско движење, РИКО, која во моментов се етаблира како институција.

10. Соработката меѓу Франција и Македонија е на добро ниво. Двете земји најмногу соработуваат во областа на образованието и економијата. Можеме ли да очекуваме понатамошна соработка и во други области?

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров на 4 и 5 април ќе престојува во Париз на разговори на високо ниво. Неговата посета се случува веднаш по посетата на владиниот координатор за членство во НАТО, г. Стево Пендаровски, како и таа на градоначалникот на Скопје, г. Шилегов, кој разговараше за искуствата поврзани со "одржливиот град" што би можеле меѓусебно да ги споделиме. Градоначалниците на неколку градови, меѓу кои и Битола, престојуваа во Дижон кон крајот на март за да учествуваат на форум за унапредување на соработката меѓу француските градови и Југоисточна Европа. Очекуваме посета на претседателката на Академијата на науките и на нашиот државен секретар при министерството за Вооружени сили во април и во мај. Стабилизирана и конечно исправена на патот на реформите, Македонија има сè, за да биде важен партнер на Франција во регионот, дотолку повеќе што е членка на Меѓународната организација на Франкофонијата.

11. Француската амбасада во Р. Македонија ги поддржува невладините организации. Можете ли да ни дадете подетални информации за проектите за кои станува збор?

Амбасадата неколку години одржува соработка со невладини организации. Знаеме дека на теренот има извонредна енергија за промени. Со нашите средства, ние сакаме да им помогнеме на оние кои доаѓаат кај нас да ги структурираат проектите, нагласувајќи конкретен и одржлив аспект и избор врз основа на заслуги и иновативност. Оваа година ќе се фокусираме на младите и проектите што ќе ги обединат различните заедници, бидејќи е неопходно да се работи за единство и кохезија на земјата и да им се даде надеж на сите оние, а тие се во голем број, кои сакаат да останат во својата земја за да ги постигнат своите цели и очекувања.

12. Како ја гледате Македонија во 2019 година?

Да продолжи со напредокот што го прави од 2016 година, со повеќе единство меѓу партиите во поглед на државните интереси и преземање на понатамошни чекори кон регионална, европска и атлантска интеграција. Нема друга вистинска перспектива: мора да побрзаме на тој пат и, во секој случај, да го задржиме оптимизмот и храброста. Сетете се на европските лидери кои дванаесет години по катастрофите од Втората светска војна го потпишаа Договорот во Рим и ја основаа Европа! Тие веруваа во неа и не дозволија да бидат пренасочени од својата цел! Претседателот Макрон исто така е поттикнат од оваа енергија за обнова и неопходно е сите позитивни сили да се обединат за да се реализираат новите етапи, како што истакна во септември минатата година за време на неговиот говор на Сорбона, како симболично место на европското интелектуално единство, дека сите земји од овој регион треба да го најдат својот простор во обновената европска конструкција.

JPEG

13. Може ли да се надеваме дека ќе имаме стабилна економија во Македонија во наредните години?

Доколку постои доволно единство за реформите и регионалната соработка, земјата ќе има голема корист од новата Стратегија на Европската комисија за Балканот. Главните инфраструктурни активности за модернизација на регионот ќе помогнат таа да се трансформира и да ги привлече инвеститорите. Но, во иднина, градењето на владеењето на правото, издвојувањето на партиите од државата, борбата против корупцијата, воспоставувањето на модернизиран образовен систем и заедничката визија за тоа што претставува државен интерес од страна на различните заедници кои ја сочинуваат земјата, ќе бидат клучни елементи за успехот.

publie le 14/04/2018

hautdepage