Интервју на амбасадорот за весникот „Вечер” [fr] [sq]

Што треба да запаметиме од резултатите од европските избори? Запрашан од весникот „Вечер”, амбасадорот зборуваше и за консеквенциите од изборите врз европската перспектива на Северна Македонија

Што значат резултатите од европските избори за ЕУ и особено за Балканот?

Од европските избори научивме голем број лекции, а некои од нив беа неочекувани. Прво што се забележува, тоа е повторната мобилизација на електоратот, особено кај младите: европскиот проект добива критики, но покажа дека е жив. Излезноста се зголеми од околу 40% на повеќе од 50%, како во Франција, така и во многу други земји. Постојат „Евронезадоволни" граѓани, но тие се Европејци! Две изненадувања заслужуваат внимание: тоа е подемот на Зелените, кој претставува вистинска политичка карактеристика на континентот и нов услов што го поставуваат граѓаните. И покрај сите ограничувања на теренот, француската борба против глобалното затоплување и неговите последици, кои доведоа до Парискиот договор во 2016 година, се чини дека денес се предвесници и тие барања не ќе може да се игнорираат и покрај одредени внатрешни и надворешни лобирања. Другиот аспект е порастот, помалку силен отколку што се очекуваше, освен во Франција и во Италија, на идентитските групи коишто на темелен начин бараат преиспитување на условите во коишто егзистира сегашната европска конструкција. На крајот, може да констатираме дека Парламентот нема да биде хомоген, имајќи го во предвид падот на конзервативното / социјал-демократско дуо и преку консолидацијата на центристичко-либералната група, која пак, заедно со Зелените, може да има улога на арбитер. Со оглед на непреченото функционирање на Европскиот парламент, тоа ќе претставува можен чекор кон поцврста демократија која ги отсликува тенденциите на европското мислење, вклучувајќи ги и оние националистичките. Тие пак, сè уште треба да се оформат во Парламентот, со оглед на понекогаш суштествените разлики што постојат помеѓу нив, особено во врска со односот кон Москва.

JPEG

Како овие резултати ќе влијаат на добивањето датум за Македонија?

Изборите носат период на интензивни разговори меѓу земјите-членки, особено околу новата Комисија, за изборот за нејзин претседател, за комесарите и другите функции што ќе се ослободат. Покрај тоа, тажниот фељтон наречен Брегзит, со победата во Обединетото Кралство на поддржувачите на можниот „тврд Брегзит", може да донесе нови напорни епизоди. Во таков контекст, земјите-членки ќе имаат задача да одлучуваат за приоритетите кои треба да му се дадат на регионот и за отворањето преговори. Јавните мислења во неколку големи земји остануваат преку своето мнозинство мошне критични во поглед на проширувањето, коешто погрешно се сфаќа како отворање кон конкуренција со земји каде што има ниски плати и кои се поврзани со политички ризици што доаѓаат од регионот. Исто така, се бараат сериозни гаранции за владеењето на правната држава, за борбата против корупцијата, како и одредена политичка и економска стабилност. Од друга страна, постои висок степен на свест за напорите што ги вложи Северна Македонија, особено во планот на добрососедството. Дискусијата, несомнено, ќе биде мошне жива.

Коментар за победата на г-ѓа Ле Пен над Претседателот Макрон?

Точно е дека во Франција, овие две личности целосно се посветени на изборот помеѓу изградбата и уривањето на Европа. Можеме да констатираме дека шестмесечните протести на „жолтите елеци" не ја поткопаа изборната база на францускиот претседател и тој поседува силни адути, дури и ако признава дека ја разбрал „пораката" на граѓаните на Франција. Со помалку од еден процент разлика помеѓу двете листи, во полза на коалицијата на г-ѓа Ле Пен, сепак може да сметаме дека тие се изедначени, имајќи го во предвид фактот што ќе имаат ист број пратеници, односно по дваесет и три по излегувањето на Обединетото Кралство од Унијата. Се чини дека пратениците од листата што ја поддржа Претседателот Макрон, таканаречената „Ренесанса", со оглед на нивниот број, ќе имаат водечка улога во либералната група, која пак ќе биде клучна во новиот парламент. Коалицијата „Национален собир” ќе мора да го пронајде своето место во еден сè уште недефиниран суверен блок и таму да го наметне своето влијание, особено наспроти г. Салвини, којшто извојува голема победа во Италија. И на европските избори во 2014 година, партијата на г-ѓа Ле Пен исто така извојува победа, но нејзиното присуство во Европскиот парламент остана малку забележливо.

publie le 31/05/2019

hautdepage