Интервју на амбасадорот за новинската агенција "Журнал" [fr] [sq]

Во саботата, на 9 декември, амбасадорот даде интервју за новинската агенција "Журнал", за актуелната политичка состојба во Македонија, спроведувањето на владината агенда, борбата против корупцијата, како и европските перспективи на земјата и регионот на Западен Балкан.

Во оваа прилика, тој го истакна придонесот на Франција кон новата стратегија за реформа на правосудството преку соработката со Академијата за судии и јавни обвинители, но исто така и за сложениот процес на приближување кон ЕУ преку обезбедување специјалист од високо ниво во полза на Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, кој може да го советува споделувајќи го своето богато искуство во поглед на состојбите во Брисел.

JPEG

Журнал: Какво е Вашето мислење за сегашната Влада на Македонија?

Kристиан Тимониe: Сегашната влада повторно ја врати земјата на патот на интеграцијата во Европската унија и Атлантската алијанса, од каде што земјата застана, па дури и во некои погледи, назадуваше, како што е прикажано во последниот извештај за напредок од страна на Комисијата, каде што единствената област на напредок беше риболовот! Го обнови меѓународниот имиџ на земјата со надеж дека македонската политичка криза сега е затворено прашање по два избори кои, според меѓународните стандарди, ги задоволија критериумите на ОБСЕ, иако останува да се направи одреден напредок и на тој план. Агендата за реформи 3-6-9 во суштина ги презема препораките на релевантните европски тела и претставува убедлив патоказ. Односите со соседните земји значително се подобрија. Ќе беше уште подобро ако имавме поинклузивен политички процес и, како што беше ветено, повеќе селективни промени во државниот апарат, ставајќи акцент на способностите наместо на партиската припадност, но големата поларизација на општеството во текот на последните неколку години најверојатно го зголеми феноменот на отстранување според партиска припадност. Тоа пак ја зајакнува нашата желба да го придружуваме премиерот Заев и оние што го поддржуваат во неговите искрени намери да направи далекусежни реформи во системот, како и промена кон една нова политичка култура.

Журнал: Дали добро функционира процесот на реформи за членство во НАТО и во ЕУ?

Kристиан Тимониe: Имплементацијата на европската агенда помина низ неколку одложувања поради последиците од долгата политичка криза, локалните избори, потребните прилагодувања меѓу европските барања и одредени идеи што не беа доволно компатибилни со тие барања. Одбројувањето до јуни за добивање евентуален датум за почеток на преговорите за пристапување кон ЕУ претставува многу краток рок и бара соработка со опозицијата. Треба да се најде начин за соработка за доброто на земјата, така што усвоените реформи нема да останат само на хартија, туку ќе бидат израз на вистинската европска динамика на земјата. Се сеќаваме на тажната ноќ од 27 април којашто ги илустрираше тешкотиите при стабилизирањето на демократијата во македонската држава. Неопходно е да се расчистат сметките и да се тргне повторно врз основа на здрав политички живот, со достоинствена опозиција која ќе има улога на коректор и нормално ќе се подготвува да биде демократска алтернатива, без притоа да се заборават стратешките цели на земја, за коишто таа изјавува дека ги споделува. За ова е потребна вистинска демократизација кај сите политички партии.
Дијалогот со граѓанското општество е важен елемент што не треба да се заборави, иако многумина негови членови се приклучија на Владата. Квалитетот на интеракцијата помеѓу Здружението на новинари и властите при подготовката на законот за медиуми е добар пример за тоа што може да се очекува. Од друга страна, коректните забелешки на претседателот на Парламентот за начинот на апсењето на одредени пратеници заслужуваат внимание и размислување: почитувањето на владеењето на правото е недвојбено.
Истото важи и за НАТО, кој може да прифати само стабилна земја која напредува во поглед на владеењето на правото, покрај строгите политички, технички и буџетски барања за исполнување на критериумите на Алијансата. Франција придонесува кон овој комплексен процес преку обезбедување специјалист од високо ниво во полза на Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, кој може да го советува споделувајќи го своето богато искуство во поглед на состојбите во Брисел.

Журнал: Дали спорот за името со Грција е единствениот услов Македонија да продолжи по патот кон евроатланските структури или треба да ги надмине и недостатоците на судскиот и институционалниот систем?

Kристиан Тимониe: Прашањето за името се чини дека е значајна пречка, но вие сте во право кога истакнувате дека не смее да се заборават другите технички барања, било да се работи за корекции и инвестиции во областа на одбраната или за напредок во областа на реформите. Реформата во правосудството е од суштинско значење, како за јавното мислење, така и за меѓународните партнери. Франција дава свој придонес кон новата стратегија за реформа на правосудството преку својата соработка со Академијата за судии и јавни обвинители, за воспоставување на непристрасна, квалитетна и унифицирана обука за идните судии.

Журнал: Дали е надмината корупцијата во Македонија, или пак земјата сè уште "плива" во корупција?

Kристиан Тимониe: Новите власти се посветени на борбата против корупцијата, што беше едно од најјасните барања на "шарената револуција". Тоа е предуслов за да се врати длабоко разнишаната доверба помеѓу институциите и граѓаните, особено кај младите. Младите од сите заедници се кренаа против навиките на клиентелизам и "ситна корупција" кај членовите на политичките партии. Резултатите од изборите беа јасни во тој поглед, особено парламентарните избори. Перцепцијата за корупција е повеќекратна: договарање околу работните места во општините, непотизам, купување дипломи, партиско фаворизирање, непосветеност на должноста на Полицијата и на правосудството. Македонија не е единствена во регионот во поглед на ова прашање, како и во поглед на проневерувањето државни средства или меѓународна помош. Слободни медиуми, независни обвинители и судии, заштитени сведоци, проактивно општество но, исто така, подобро платени државни службеници, се клучни елементи во справувањето со ова општествено зло. Во меѓувреме, финализирањето на предметите што ги води Специјалниот обвинител ќе биде важен елемент во менувањето на некои практики кои се однесуваат на повеќе партии. Тоа е исто така едно од барањата за европска интеграција. Од друга страна, се разбира дека сме внимателни, исто така, во поглед на подобрувањето и зголемената транспарентност што им беше ветено од страна на Заменикот на Претседателот на Владата, господинот Анѓушев на домашните и странските инвеститори, особено во однос на државните стимулации. Сето она што придонесува за подобрување на деловната клима е позитивно за Македонија. Прашањето за корупцијата, исто така, ги погодува и земјите од Европската унија и Атлантската алијанса. Важно е заедно да бидеме внимателни, бидејќи се работи за транснационален феномен.

Журнал: Дали Македонија е на вистинскиот пат кон НАТО и ЕУ?

Kристиан Тимониe: Интензитетот на односите меѓу Македонија, Алијансата и Унијата, како и нивните земји членки, повторно доби нов квалитет. Пронајден е капитал за взаемна доверба кој треба да се зацврсти. Македонската страна треба да помине од намери на конкретни мерки, а мерките да најдат соодветна реална примена. Се сеќаваме на многу текстови усвоени без реална примена, како недостаток на ресурси или дури намера да бидат спроведени на дело. Процесот е долг и комплексен и не би било искрено да се верува дека изгубените години се надополнети за неколку месеци, освен да биде примена слабо подготвена земја, што нема да биде во ничија полза. Од друга страна, важно е патот и постигнатиот напредок да бидат објективно оценети. Македонија ја заслужи почитта на сите оние што ја ценеа професионалноста и посветеноста на војниците во мултилатералните операции. Нејзиниот ангажман во нови мировни операции уште повеќе ќе ја демонстрира решеноста да го заземе своето место во меѓународните односи. Таа покажа безрезервна волја да се приклучи кон Алијансата и да придонесе за безбедноста на нашиот континент. Актуелната министерка за одбрана и нејзиниот тим вложуваат огромна енергија и реализираат бројни активности за да го надоместат доцнењето и пополнат празнините што сè уште постојат. Што се однесува до нас, ќе треба достоинствено да одговориме на овие вложени напори и овие реформи, со соодветна поддршка. Претседателот Макрон со право истакна дека изградбата на Европа нема да биде завршена пред интеграцијата на Западен Балкан.

Журнал: Како ја оценувате македонската дипломатија во однос на добрата соработка и добрососедските односи?

Kристиан Тимониe: Направен е голем напредок, со сите соседи. Владата успеа за кратко време да ги заврши преговорите за постигнување договор со Бугарија, особено благодарение на заложбите на Претседателот на Владата. Господинот Димитров најде конструктивен терен со својот грчки колега и процесот на преговарање за името под покровителство на Обединетите нации со господинот Нимиц може да продолжи по неколкугодишна стагнација. Заедничките седници на македонската, бугарската, албанската и српската влада се добри знаци на помирување и регионална соработка кои одговараат на најосновните очекувања на ЕУ и НАТО, а против повторното активирање на национализмите и стерилни и токсични иредентизми. Оттука, може да очекуваме нов економски, културен и политички импулс.

publie le 10/12/2017

hautdepage