Отворање на првиот летен патувачки универзитет на Балканот [fr]

Говор на Н.Е. г-ѓа Лоренс Оер, на 4 септември 2014 година, на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, по повод отворањето на првиот летен патувачки универзитет на Балканот организиран од француско-германскиот Универзитет, Универзитетот Западен Париз-Нантер-Ла Дефанс, Универзитетот од Минстер и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје.

Господине продекан на Правниот факултет, драг Александар,
Господине професор Тони Дескоски,
Госпоѓо Амбасадор на Германија, драга Кристин Алтхаузер,
Дами и господа професори од Франција и Германија, драги учесници и студенти од Франција, Германија и од целиот Балкан,

Ми претставува задоволство да ја започнам академската година со отворање на првиот француско-германски летен патувачки универзитет на Балканот кој започнува денес во Скопје, а потоа ќе продолжи во Приштина и Тирана. Се радувам што првиот француско-германски настан со мојата нова колешка, амбасадорот Алтхаузер, се одвива во научни кругови бидејќи тоа ни овозможува да размислуваме за правните аспекти на европската интеграција низ регионална призма со идните генерации на студенти и истражувачи.
Би сакала да им се заблагодарам на научниците и одговорни лица за овој настан, професор Хајних Дорнер, професор Отмар Сеул и госпоѓа Маржолен Рокати што ја преземаа иницијативата за овој летен универзитет и го сместија во рамките на Правниот факултет од Скопје. Оваа институција веќе со децении ја има фундаменталната улога во развивање на правото, но исто така и улогата на давање совети за тековните политички случувања во земјата. Јас го поздравувам вашиот декан којшто има улога на експерт за развојот на правото, за давање совети и за проектирање на реформи.
JPEG
Летните универзитети претставуваат вредни алатки за споделување на знаења. Тие поттикнуваат позитивна конкуренција и креативност поставувајќи ги професорите и студентите надвор од формалниот контекст. Фактот што се работи за патувачки летен универзитет само дополнително ги зајакнува овие два елемента. Уважувајќи ја разновидноста и богатството на Балканот, летниот универзитет обединува денес во Скопје реномирани професори кои ќе ја анализираат македонската стварност и нејзините предизвици збогатувајќи ги знаењата на правниците. Јас се надевам дека професорите и студентите од разни земји што ги посетуваат на ваков начин ќе можат постепено да дадат свој придонес од година во година и дека вашата иницијатива ќе се повтори.

Разновидноста е термин кој често се користи за да се опише Балканот, а може исто така да се искористи за да се опише амбицијата на вашиот универзитет. Впрочем, вие ќе ги анализирате темите поврзани со почитувањето на човековите права, институционалните промени поради интегративниот процес во ЕУ, владеењето, заштитата на потрошувачите, претставувањето на работниците во рамките на претпријатијата... Јас се радувам што и покрај темите поврзани со јавното и граѓанското право, вие исто така го анализирате и прилагодувањето на решенијата од европското кривично право.
Впрочем, јас сметам дека темите како: регулативата за конкуренција и европското трговско право се многу важни за владеењето на правото бидејќи од суштинско значење за иднината на земјата е на претпријатијата кои се отвораат да им се гарантираат правила за лојална конкуренција и стабилна правна средина.
Залогот на ЕУ и предизвикот за Балканот е да се усогласи законодавството на земјите-членки или на кандидатите за членство во ЕУ со европските стандарди или аки комунотер, а тоа е тековна работа во Република Македонија. Европа се стреми на нејзиниот простор да има мир, прифаќајќи го своето минато, но сакајќи да се надминат ривалствата и непријателствата од минатото.
Да се биде граѓанин, значи да се има обврска за заедничко живеење, а правото е основната конструкција на таквата заедница. Според тоа, неопходно е институционалната и правната конструкција да бидат изградени на начин што ќе ѝ овозможи на заедницата да живее во хармонија со целата своја разновидност и со сите разлики. Се надевам дека од денешните и утрешните дебати ќе произлезе и публикација која ќе придонесе кон продлабочување на размислувањата и кон збогатување.

Тоа е симболот на француско-германскиот Универзитет. Јас се радувам на неговото присуство овде заедно со Универзитетот од Минстер и Универзитетот Западен Париз-Нантер-Ла Дефанс. Ви посакувам успешна работа.

publie le 20/11/2014

hautdepage