Отворање на семинарот за европски комуникациски координатори на македонската влада на 29 октомври 2014 година [fr]

JPEG

Господине вицепремиер за евроинтеграции, драг Фатмир Бесими,
Господине претставник на Европската Унија во Скопје, драг Аиво Орав,
Драги учесници,

Ми претставува задоволство што сум повторно со вас во Секретаријатот за европски прашања за отворањето на оваа средба на европски комуникациски координатори. Вие придонесувате кон зајакнување на видливоста на европските активности во Македонија и таа ваша задача истовремено е фасцинантна и изобилува со предизвици. Велам фасцинантна затоа што покрај јавната комуникација, вие ги збогатувате знаењата на македонските граѓани за она што Европа го прави во земјата со цел да се разберат напорите што земјата, сите граѓани и сите институции го прават во рамките на интегративниот процес. Тоа подразбира да се претстави патот што го следи владата, да се објаснат причините за тие напори. Тоа претставува предизвик и не треба вам да ви го кажувам тоа, бидејќи тој процес е долготраен, постепен, со тешкотии што понекогаш е тешко да им се објаснат на граѓаните.

Македонија денес има многу искуство со двата главни сегмента на процесот на европска интеграција: користењето на ИПА фондовите и прилагодувањето на европското законодавство. Тогаш зошто денес одново да се работи на видливоста и комуникацијата? Бидејќи видливоста на европските активности во земјата е нужен услов за приближување на европските вредности до европските граѓани, за желбата да се пристапи кон европското семејство. Ние ќе ја придобиеме поддршка од граѓаните за процесот претставувајќи им конкретни примери од успешни проекти што им покажуваат што прави Европската Унија за Република Македонија.

Тоа не е лесна задача. Дури и Франција, земја-основач на она што сè уште не беше Европска Унија, има тешкотии да им објасни на граѓаните сè што Европа прави за нив. Токму затоа, развивме стратегии што главно се базираат на мрежа на проактивни и динамични кореспонденти со цел подобро да ја прикажеме вистинската слика на европските активности во нашата земја. Минималната обврска е да се прикачи европското знаме на активност или проект што е кофинансиран од Европската Унија. Многу е поамбициозно да се покаже во што се состои проектот, зошто е финансиран од ЕУ, кој е неговиот придонес во евроинтегративниот процес.

Во договорот кој ги поврзува Амбасадата на Франција во Скопје и Секретаријатот за европски прашања, важен дел е посветен на поддршката за зајакнување на видливоста на европските активности. Како што знаете, со помош на тим од француски експерти, меѓу кои е Бертран Миле, се даваат совети на македонската влада за европските прашања и во 2013 година, македонската влада состави и усвои стратегија за сите сегменти на ИПА. Беа одржани низа обуки за организирање на настани, за динамизирање на мрежи, за дигитални стратегии. Наскоро, на почетокот на декември, ќе дојдат двајца нови експерти за да ви држат обуки за вреднувањето на проекти и ќе ви претстават неколку успешни примери за комуникација за кои не секогаш се потребни големи буџети.

Убедена сум, господине вицепремиер дека добро ќе ги искористите вештините на г. Миле, кој е навистина стручен и искусен во областа на европска комуникација за подобро да ги информирате македонските граѓани за европските активности во вашата земја. Господинот претставник на Европската Унија потсети дека оваа тема е од големо значење во една современа демократија: една од благородните страни на политиката е да им се прикаже на граѓаните што се прави во нивно име, за нивната иднина. Се надевам дека денес даваме нова динамика што ќе продолжи и по овој настан за наскоро да се создаде мрежа на мотивирани, ефикасни и динамични чинители што ќе придонесат кон подобрување на знаењата на македонските граѓани и за зајакнување на чувството на припадност во процесот на европска интеграција.

Ви благодарам.

JPEG

publie le 20/02/2015

hautdepage