Отворање на школата за човекови права за млади [fr]

Говор на Н.Е. г-ѓа Лоренс Оер по повод отворањето на школата за човекови права за млади посветена на борбата против кривичните дела сторени од омраза, на 19 август во Скопје, во организација на Хелсиншкиот комитет и Меѓународниот институт за човекови права и мир од Каен

„Госпоѓо директор на канцеларијата на соработката меѓу Долна Нормандија и Македонија, драга Ивана,
Госпоѓо директор на Хелсиншкиот комитет на Македонија, драга Уранија,
Дами и господа, македонски и француски експерти,
Драги млади пријатели од цела Македонија и од регионот Долна Нормандија,

Ми претставува огромно задоволство да ја отворам оваа прва школа за човекови права наменета за младите од Македонија и од регионот Долна Нормандија и посветена на борбата против кривичните дела сторени од омраза. Целта на школата е заеднички да се работи на борбата против кривичните дела сторени од омраза врз основа на политички или верски критериуми кај младите. Целта е исто така да се охрабри ангажираност од младите како начин на спречување на кривичните дела сторени од омраза преку интерактивна програма која вклучува анализирање на социјалните мрежи, играње на улоги, итн.

JPEG
Квалитетот на оваа обука произлегува од стручноста на двете партнерски организации кои ја предложија, односно Хелсиншкиот комитет за човекови права што е невладина организација која во име на ОБСЕ ги следи пред сè, судските процеси поврзани со кривични дела сторени од омраза и Меѓународниот институт за човекови права и мир од градот Каен.
Кривичните дела сторени од омраза без оглед на тоа дали причината е верска нетолеранција, културни или јазични разлики, пренагласен национализам, голема наклонетост кон идентитетот, се едно големо зло чии жртви се мултикултурните општества. Младите општества се особено погодени од оваа појава. Тоа се оние општества кои немале време во текот на вековната историја да создадат идеал на граѓанство кој ги надминува разликите, дава заедничка смисла и желба да се живее заедно и заедно да се гради општество во кое постои хармонија и почит кон секој.
Знаеме дека младите се одраз на поделбите и пасиите кои владеат во нивното родителско општество. Потребно е многу размислување, независност и храброст за на 20 години да не се повтори минатото мислејќи дека се создава иднина. Најголемиот дел од кривичните дела сторени од омраза, подготвени преку тривијализацијата на говорот на омраза, особено на социјалните мрежи на интернет, ги прават младите.
Оваа обука на која учествуваат дваесет млади Македонци и шест Французи од Долна Нормандија, ќе придонесе најпрво кон размислување за последиците од нетолеранцијата и размислување за заедничкиот проект кој ќе овозможи да се гледа на разликите како на богатство. Вие треба бргу да реагирате, да имате во себе аларм кој веднаш ќе се вклучи штом почуствувате дека во вас се развива зачеток на раздор.
Оваа школа ја покажува солидноста на врските исткаени во соработката меѓу Долна Нормандија и Македонија и сведочи за кохерентноста со глобалните активности што Амбасадата на Франција ги спроведува во оваа земја. Впрочем, овие денови започнува една важна соработка што заеднички ја водиме со ОБСЕ со помош од разни невладини организации што го претставуваат граѓанското општество во борбата против говорот на омраза.
Поради сите овие причини ви посакувам успешна работа.“

publie le 20/02/2015

hautdepage