Писмо на Претседателот Емануел Макрон до граѓаните на Франција [fr] [sq]

Претседателот на Франција, Емануел Макрон напиша писмо до Французите со кое ги поканува на големата национална дебата што ќе биде објавена во вторник, на 15 јануари.

ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИКА ФРАНЦИЈА

Почитувани Французинки и Французи, почитувани мои сограѓани,

Во период на преиспитувања и неизвесности како овој низ којшто поминуваме, мора да се потсетиме кои сме.
Франција не е земја како другите.
Значењето на неправдата е поизразено отколку на друго место. Потребата од взаемна помош и солидарност е посилна.
Кај нас, оние кои работат ги финансираат примањата на пензионерите. Кај нас, голем број граѓани плаќаат понекогаш висок данок на доход, што пак ја намалува нееднаквоста. Кај нас, образованието, здравството, безбедноста, правдата се достапни за сите, без оглед на состојбата и богатството. Тешкотиите во животот, како невработеноста, може да се надминат, благодарение на напорите што сите ги споделуваме.
Затоа во Франција, во споредба со други држави, братството и еднаквоста се поизразени.

Таа е исто така и земја со најголеми слободи, бидејќи секој е заштитен во поглед на неговите права и неговата слобода на мислење, совест, верување или филозофија.

И секој граѓанин има право да ги избере оние што ќе го спроведат неговиот глас во управувањето со земјата, во изготвувањето на законите, во најважните одлуки што треба да се донесат.

Секој ја дели судбината на другите и сите се повикани да одлучат за заедничката судбина: таква е француската нација.

Како да не почувствувате гордост дека сте Французин?

Знам, се разбира, дека некои од нас денес се незадоволни или лути. Бидејќи даноците се премногу високи за нив, јавните услуги не им се доволно достапни, бидејќи платите се премногу ниски за некои да живеат достоинствено поради фактот што нашата земја не ги нуди истите можности за успех според местото или семејството од каде што потекнуваме. Сите би сакале една попросперитетна земја и поправедно општество.

Оваа амбиција ја споделувам. Сакаме општество во кое за да успееме, нема да треба да имаме врски или богатство, туку да вложиме труд и работа.

Во Франција, но исто така и во Европа и во светот, постои голема вознемиреност, владее голема нерамнотежа. Затоа мора да одговориме со јасни идеи.

Но, постои еден услов: да не прифаќаме никаква форма на насилство. Не го прифаќам притисокот и навредата, на пример врз избраните претставници на народот, не прифаќам и немам право да го прифатам општото обвинување, на пример во поглед на медиумите, на новинарите, на институциите или функционерите. Ако сите меѓусебно се напаѓаат, општеството почнува да се распаѓа!

За да може надежта да надвладее над стравот, неопходно е и легитимно да ги преиспитаме заедно големите прашања поврзани со нашата иднина.
Затоа предложив и денес ја отворам големата национална дебата којашто ќе трае до 15 март.

JPEG

Од пред неколку недели, градоначалниците ги отворија своите општински простории за да можете да ги искажете вашите очекувања. Имав првични повратни информации коишто можев веќе да ги земам во предвид. Сега ќе влеземе во една поширока фаза и вие ќе може да учествувате во дебати коишто се организираат во вашето опкружување или пак да се изразите преку интернет за да ги искажете своите предлози и идеи. А тоа може да го сторите во Франција, во прекуморските територии, како што може да го направат и Французите кои престојуваат во странство. Во селата, градовите, соседствата, по иницијатива на градоначалници, избрани функционери, асоцијативни лидери или обични граѓани... Во парламентарните собранија, било да се регионални или на ниво на департман.

Градоначалниците ќе имаат суштинска улога бидејќи тие се ваши избрани претставници и ќе бидат легитимни посредници на изразувањето на граѓаните.

Според мене, не треба да има забранети прашања. Ние нема да се согласиме во сè, што е сосема нормално, тоа е демократија. Но, барем ќе покажеме дека сме луѓе кои не се плашат да зборуваат, да разменуваат, да дебатираат.

И можеби ќе откриеме дека можеме да се согласиме, најчесто надвор од она што лично го преферираме, и тоа почесто отколку што мислиме.

Не заборавив дека сум избран врз основа на еден проект, за големи ориентации на кои останувам верен. Сè уште мислам дека мора да го вратиме просперитетот на Франција за да може таа да биде дарежлива, бидејќи едното оди со другото. Сè уште мислам дека борбата против невработеноста мора да биде наш врвен приоритет и дека работните места се создаваат прво во компаниите, па затоа мора да им дадеме средства за развој. Сè уште мислам дека треба повторно да го изградиме нашиот индустриски, дигитален и земјоделски суверенитет и да инвестираме во знаењето и истражувањето. Сè уште мислам дека треба да го обновиме училиштето на довербата, да го реновираме општествениот систем за подобро да ги заштитиме Французите и да ги намалиме нееднаквостите од корен. Сè уште мислам дека трошењето на природните ресурси и климатските промени нè принудуваат да го преиспитаме нашиот модел на развој. Мораме да измислиме нов продуктивен, социјален, образовен, еколошки и европски проект, поправеден и поефективен. Во врска со овие главни насоки, мојата решеност не се промени.

Но, исто така мислам дека од оваа дебата може да дојде до појаснување на нашиот национален и европски проект, да воспоставиме нови начини на гледање кон иднината, да се родат нови идеи.
Посакувам на оваа дебата да може да учествуваат што поголем број наши сограѓани.

Оваа дебата ќе мора да одговори на суштествените прашања што се појавија во последниве години. Затоа, заедно со Владата, избравме четири главни теми кои покриваат голем број од најзначајните прашања на нацијата: оданочувањето и јавната потрошувачка, организацијата на државата и јавните услуги, еколошката транзиција, демократијата и државјанството. На секоја од овие теми, веќе имаме одредени предлози и прашања. Би сакал да формулирам некои од нив, коишто не ја исцрпуваат дебатата, но ми се чини дека се од суштинско значење за прашањата што си ги поставуваме.

Првата тема се однесува на нашите даноци, нашите трошоци и активностите на јавните служби.

Данокот е во средиштето на нашата национална солидарност. Тој ги финансира нашите јавни услуги. Со него ги плаќаме наставниците, пожарникарите, полицајците, војниците, судиите, медицинските сестри и сите службеници кои работат во ваша служба. Тој овозможува да им се исплаќаат социјални примања на најранливите категории граѓани, но исто така и да се финансираат некои големи идни проекти, нашето истражување, нашата култура или за одржување на нашата инфраструктура. Со данокот ја плаќаме каматата на многу големиот долг што нашата земја го направила со текот на времето.
Но данокот, кога е превисок, ја лишува нашата економија од ресурси кои можат полесно да се инвестираат во бизнисот, со што ќе се создадат работни места и раст. Ги лишува работниците од плодот на нивните напори. Ние нема да ги повториме мерките што ги презедовме за да го исправиме ова, да ги стимулираме инвестициите и да ги зголемиме платите во согласност со вложениот труд. Тие само што беа изгласани и веќе почнуваат да ги покажуваат своите ефекти. Парламентот ќе ги процени на транспарентен начин и ќе спроведе неопходна ретроспектива. Од друга страна, мора да се преиспитаме пред да продолжиме понатаму.

Како можеме да го направиме нашиот даночен систем поправеден и поефикасен? Кои даноци мислите дека треба најнапред да се намалат?
Во секој случај, не можеме да имаме намалувања на даноците без да го намалиме општото ниво на јавната потрошувачка.
Кои се заштедите за кои мислите дека се приоритетни?
Треба ли да отстраниме некои јавни услуги кои се застарени или премногу скапи во споредба со нивната корист? Спротивно на тоа, гледате ли нови потреби од јавни услуги и како да ги финансираме?

Исто така, се доведува во прашање нашиот социјален модел. Некои сметаат дека е недоволен, други дека е премногу скап поради придонесите што ги плаќаат. Ефективноста на услугите за обука и вработување честопати е критикувана. Владата почна да реагира, по детални консултации, преку стратегија за подобрување на нашето здравје, но и за борба против сиромаштијата и против невработеноста.
Како подобро да ги организираме рамките на нашиот социјален договор? Кои цели треба да бидат приоритетни?

Втората тема на која треба да донесуваме одлуки е организацијата на државата и јавните власти.

Јавните услуги имаат цена, но тие се од витално значење: училиштето, полицијата, армијата, болниците, судовите се од суштинско значење за нашата социјална кохезија.

Дали има премногу административни нивоа или нивоа на локална самоуправа? Треба ли да ја засилиме децентрализацијата и да им дадеме поголема моќ на донесување на одлуки и постапување од страна на граѓаните? На кои нивоа и за кои услуги да го направиме тоа?
Како би сакале државата да се организира и како може таа да го подобри своето дејствување? Дали треба да го разгледаме функционирањето на администрацијата и на кој начин?
Како може државата и локалните заедници да се подобрат за поуспешно да се соочат со предизвиците на нашите територии кои имаат најмногу тешкотии и што вие предлагате?

Еколошката транзиција е трета тема, неопходна за нашата иднина.

Се посветив на целите на зачувување на биолошката разновидност и борбата против климатското затоплување и загадувањето на воздухот. Денес никој не ја оспорува итната потреба да се дејствува брзо. Колку подолго одложуваме да се преиспитаме себеси, толку овие промени ќе бидат потешки.
Спроведувањето на еколошката транзиција ги намалува трошоците за гориво, греење, управување со отпад и транспорт. Но, за да се постигне таа транзиција, мора да инвестираме многу и да ги поддржиме нашите најскромни граѓани.
Националната солидарност е неопходна за сите Французи да можат да успеат во тоа.
Како ја финансираме еколошката транзиција : преку даноците. Кој треба да биде засегнат, како приоритет?
Како да ги направиме конкретните решенија достапни за сите, на пример да го замениме старото парно греење или стариот автомобил? Кои се наједноставните и најфинансиски одржливи решенија?
Кои се решенијата за транспорт, сместување, греење, исхрана што треба да бидат спроведени на локално, а не на национално ниво? Кои конкретни предлози би ги направиле за да ја забрзаме нашата еколошка транзиција ?
Прашањето за биодиверзитетот е исто така прашање за сите нас.
Како научно треба да го гарантираме изборот што ќе го направиме во овој поглед? Како тоа да го споделиме на европско и меѓународно ниво, така што нашите земјоделци и нашите индустријалци да не бидат оштетени во споредба со нивните странски конкуренти?

Конечно, јасно е дека периодот низ кој минува нашата земја покажува дека треба да дадеме поголем елан на демократијата и на државјанството.

Да се биде граѓанин значи да се помогне во одлучувањето за иднината на земјата преку избор на претставници на локално, национално или европско ниво. Овој систем на застапување е темел на нашата Република, но мора да се подобри бидејќи многумина не се чувствуваат претставени по изборите.
Треба ли да се признаат празните гласачки ливчиња?
Треба ли да го направиме гласањето задолжително?

Која е вистинската доза на пропорционалност на парламентарните избори за да имаме поправедна застапеност на сите политички проекти?
Дали и во кои пропорции треба да се ограничи бројот на пратеници или избрани претставници во други категории?
Каква улога треба да имаат нашите собранија, вклучувајќи го Сенатот и Советот за економски, социјални и еколошки прашања при застапувањето на нашите територии и граѓанското општество? Треба ли да ги трансформираме и како?

Покрај тоа, една голема демократија, како Франција, мора да биде во состојба да го слуша почесто гласот на своите граѓани.
Какви промени сакате, за да го направиме учеството на граѓаните да биде поактивно, за демократијата да биде поактивна?
Треба ли повеќе и директно да се здружат граѓани коишто не се избрани, на пример да бидат одредени со ждрепка, со јавна одлука?
Треба ли да имаме поголем број референдуми и кој треба да даде иницијатива за тоа?
Државјанството исто така значи да се живее заедно.

Нашата земја отсекогаш знаела како да ги прифати оние што бегаат од војни, прогони и кои побарале засолниште во нашата земја: тоа е право на азил, што не може да се доведе во прашање. Нашата национална заедница, исто така, секогаш била отворена кон оние кои, родени на друго место, ја одбрале Франција во потрага по подобра иднина: така е изградена земјата. Сепак, оваа традиција денес е обвиткана со тензии и сомнежи поврзани со имиграцијата и неуспесите на нашиот систем за интеграција.

Што предлагате за да ја подобриме интеграцијата во нашата нација? Кога станува збор за имиграцијата, откако нашите обврски за азил ќе бидат исполнети, дали сакате да бидеме во можност да поставиме годишни цели преку Парламентот? Што предлагате за да одговориме на овој предизвик што ќе трае?

Прашањето за секуларноста сѐ уште е предмет на важни дебати во Франција. Секуларноста е примарна вредност за да постои кохабитација, хармонија и разумно восприемање на различните убедувања, било да се религиозни или филозофски. Таа е синоним за слободата бидејќи им овозможува на сите да живеат според сопствениот избор.

Како да ги зајакнеме принципите на француската секуларност, во односот помеѓу државата и религиите во нашата земја? Како да гарантираме дека сите ќе ги почитуваат взаемното разбирање и најголемите придобивки на Републиката?
Во следните неколку недели, ве поканувам да дебатираме за да најдеме одговори на овие одлучувачки прашања за иднината на нашата нација. Исто така, би сакал да можете, покрај овие теми што ги предлагам, да наведете која било друга конкретна тема за која сметате дека би можела да го подобри вашето секојдневие.

Оваа дебата е иницијатива каква што немало досега од која сум решен да ги извлечам сите можни заклучоци. Ова не е ниту избор, ниту референдум. Ова е вашето лично изразување во согласност со вашите прилики, вашите размислувања, вашите приоритети и истото ќе биде примено овде, без разлика на вашата возраст или социјалната состојба. Ваквиот начин да се слушнат граѓаните верувам, претставува голем чекор напред за нашата Република. За да ја гарантирам Вашата слобода на говорот, сакам оваа дебата да биде организирана во целосна независност и да биде врамена со сите гаранции за лојалност и транспарентност.
На овој начин, заедно со вас, очекувам гневот да го трансформираме во решенија.

Вашите предлози, следствено, ќе овозможат да се изгради нов договор за нацијата, да се структурира дејствувањето на Владата и на Парламентот, но и позициите на Франција на европско и меѓународно ниво. Јас директно ќе ве известам за дебатата во рамките на еден месец по нејзиното завршување.

Почитувани Французинки и Французи, почитувани мои сограѓани, посакувам да земете учество во што поголем број на оваа голема дебата, со цел да дадеме корисен придонес за иднината на нашата земја.

Со взаемна доверба,
Емануел Макрон

publie le 14/01/2019

hautdepage