Порака од Претседателот на Република Франција по повод Стогодишнината од Примирјето во 1918 година, 11 ноември 2018 [fr] [sq]

Еден век.
Еден век откако Примирјето од 11 ноември 1918 година стави крај на братоубиствените борби на Првата светска војна.

Во тој бескраен народен судир на нациите, на народите едни против други. Со рововите полни со кал, крв и солзи. Низ бурите од оган и челик што беснееја во секое време и го параа и најмирното небо. Низ празните боишта каде што смртта беше сеприсутна.

На 11 ноември 1918 година, голема воздишка на олеснување ја обиколи Франција. Од Компјењ, каде што Примирјето беше потпишано во зори, таа се прошири сè до боиштата.
Конечно, по четири бескрајни години врева и гнев, црнила и терор, оружјето замолчи на Западниот фронт.
Конечно, смртоносната врева на топовите им отстапи место на веселите звуци, од биењето на камбаните до звукот на трубачите, од шеталиштата на големите градови до малите плоштади на сретсело.
Насекаде, гордо се славеше победата на Франција и нејзините сојузници.
Нашите војници не се бореа попусто; не загинаа залудно: земјата е спасена, мирот конечно ќе се врати!
Но, народот насекаде гледал неред и доживувал тага: синовите ги оплакувале своите татковци; некои татковци плачеле за своите синови; насекаде, вдовиците жалеле за своите мажи. Немало место каде што не се гледале тешко ранети и осакатени од војната.
Французинки и Французи, во сите наши градови и во секое наше село, Французинки и Французи од сите генерации и сите хоризонти, еве сме собрани на овој 11 ноември.
За да ја одбележиме победата. Но и да го прославиме мирот.

Собрани сме во нашите општини, пред нашите воени споменици, да им оддадеме почит и да им се заблагодариме на сите оние што нè бранеа вчера, но и на тие што нè бранат денес, не жалејќи ги своите животи.
Се сеќаваме на нашите војници кои загинале за Франција. На нашите цивили, меѓу кои многумина ги загубиле животите. На нашите војници кои останале засекогаш обележани по своите тела и во своите души. На нашите разурнати села, на нашите уништени градови.
Се сеќаваме исто така на страдањата и честа на сите оние кои ја напуштиле својата земја и дошле од Африка, од Пацификот и од Америка на наше тло, во Франција, која никогаш порано ја немале видено, но која храбро ја бранеле.
Се сеќаваме на страдањата и на честа на десет милиони борци од сите земји испратени во овие страшни борби.

Французинки и Французи, обединети сме и на овој ден во свеста за нашата историја и во одбивањето таа да се повтори.
Зашто векот што нè дели од ужасните жртви на жени и мажи од 1914 до 1918 година нè научи дека мирот е кревок.
Знаеме со каква сила, национализмот и тоталитаризмот може да ги сотрат демократиите и да ја загрози дури и самиот поим за нашата цивилизација.
Знаеме колку брзо мултилатералниот поредок може да се урне.
Знаеме дека обединета Европа, создадена врз принципите на помирувањето меѓу Франција и Германија, стана придобивка покревка од кога и да е.
Да бидеме претпазливи! Тоа е чувството што мора да нѐ поттикне да се потсетиме на ужасното крвопролевање на Големата војна.
Така ќе бидеме достојни за сеќавањето на оние кои, пред еден век, загинаа.
Така ќе бидеме достојни за жртвата на оние кои денес ни овозможија да се обединиме како слободни луѓе.

Да живее Европа во мир!
Да живее Републиката!
И да живее Франција!

publie le 10/11/2018

hautdepage