Посета на Скопје на господин Брис Лалонд, специјален советник на ОН за одржлив развој

Вовед на госпоѓа Лоренс Оер, амбасадор на Франција, при отворањето на конференцијата на г. Брис Лалонд, специјален советник на ОН за одржлив развој, пред Дипломатската академија, при Министерството за надворешни работи, среда 9 септември 2015 г.

JPEG
Господине Министер,
Господине специјален советник на ОН за одржлив развој,
Почитуван Брис Лалонд,
Почитувана Аделина Марку, Госпоѓо директор на Дипломатската академија,
Дами и господа дипломати,
Дами и господа претставници на медиумите и на граѓанското општество,

Многу сум среќна што сум повторно тука денес за да продолжиме со циклусот предавања на високо ниво, наменети за македонски дипломати. По предавањата во врска со протоколот, економската дипломатија и кризната дипломатија, денес ќе стане збор за животната средина, тема која ги обединува сите други. Всушност, не постои дипломатско прашање кое е толку важно и кое влијае на толку теми одеднаш, на економски план, како и на стратешки. Дискусиите од областа на екологијата се од посебно значење оваа година за Франција.
Прашањата за животната средина, климатските промени, помошта за развој, се клучни прашања за дипломатите. Тие се дел од тековните големи геополитички прашања: ако се осврнеме на климатските промени, на пример, ние дипломатите имаме уште многу што да направиме низ дискусии, договарања, предвидувања, размислување за иднината меѓу кризните состојби, можности за развој, движење на населението, или накратко, да ги вклучиме во нашите активности овие големи прашања, кои до пред неколку години, се чинеше дека се далеку од приоритетните теми.
Од 30 ноември до 11 декември оваа година, Франција ќе биде домаќин на следната конференција за климатски промени, COP21. Речиси 40.000 луѓе се очекува да дојдат во Париз, владини претставници, се разбира, но и претставници од граѓанското општество и медиумите. Предизвикот е јасен : да се избегне планетата да се затопли повеќе од 2 степени во наредните децении. Зошто? За да се избегне разурнувачкиот ефект врз нашето општество, нашата култура, врз сите наши економии.
Генералниот секретар на ОН, г. Бан Ки Му, неодамна беше во Париз на конференцијата на амбасадорите. Тогаш тој објасни дека сите амбасадори на Франција, се исто така амбасадори на ОН во поглед на подготовката на оваа конференција. Министерот за надворешни работи, Лоран Фабиус побара да бидеме беспрекорни во нашата мобилизираност за да можеме да ги убедиме, да ги мобилизираме и да ги заинтересираме владите на земјите во кои работиме, но исто така и граѓанското општество, медиумите, фирмите, сите чинители кои се вклучени во борбата против климатските промени. "Нема план Б, бидејќи не постои планета Б", рече господинот Бан Ки Мун.
Господине Министер, јас знам дека Вашата земја се мобилизира и би сакала да Ви честитам за подготовката на оваа конференција. Министерството за животна средина веќе ги пренесе заложбите на Македонија за Париз 2015, заложби за намалување на порастот на емисиите на CO2 од 30 до 36% во однос на тоа колкав би бил тој раст, ако не правевме ништо. Сега треба во Париз, но дури и пред тоа, преку неформални консултации и повремени средби, да се отпочнат преговорите за финансирање на политиките за ублажување, преговорите за механизмите за солидарност што може да се применат на глобално ниво, во рамки на период што би ги опфаќал следните 30 години...
Се разбира, улогата на дипломатите нема да запре во Париз. Дипломатијата на животната средина е сега добро воспоставена; преговарачките тимови постојано одржуваат средби. Затоа сакавме да ви понудиме можност да ги искористите лекциите од искуството на господин Брис Лалонд, денес на оваа тема.
Брис Лалонд долги години работи на прашањата за животната средина. Поранешен министер за животна средина, тој е глобален амбасадор, особено во последните години, за прашањата на климатските промени: долгогодишен француски амбасадор задолжен за преговорите за климатските промени, тој денес е советник на Обединетите Нации за климатските промени. Но пред сè, имам полна доверба во него и знам дека ќе ви претстави глобална визија за тоа што се климатските промени. Без да прави некакви економски, политички и социјални претпоставки, Брис Лалонд ќе зборува денес пред вас за оваа нова, или релативно нова дипломатија. Сакам да му се заблагодарам што ја прифати нашата покана и без одлагање ќе го оставам да ви се обрати.
Претходно, сакам да му се заблагодарам на Министерството за надворешни работи за организирањето на оваа конференција и особено на Дипломатската академија, на господинот Министер и на госпоѓата директор на Академијата, Аделина Марку, која на најдобар начин го организираше овој настан.
Искрено ве охрабрувам да ја посетите страницата на COP21, www.cop21.gouv.fr за да дознаете повеќе за Париз 2015, да ја посетите и веб-страницата на нашето Министерство за надворешни работи, каде може да се пронајдат многу дидактички и иновативни содржина на оваа тема и на англиски јазик.
Ви благодарам.

publie le 11/09/2015

hautdepage