Посета од страна на Оливие Кадик (од францускиот Сојуз на демократи и независни), претставник во Сенатот за француските државјани кои живеат надвор од Франција [fr] [sq]

Во рамките на информативната посета на Балканот, сенаторот Оливие Кадик (од францускиот Сојуз на демократи и независни), претставник во Сенатот за француските државјани кои живеат надвор од Франција, престојуваше во Македонија од 6 до 8 септември 2018.

По посетата на Француското интернационално училиште во Скопје и на Францускиот институт, тој оствари средба со претставници на француски компании и присуствуваше на прием на којшто се сретна со француската заедница. Неговата посета продолжи со средби со претседателот на Собранието, Талат Џафери и пратениците од групата за соработка со Собранието на Франција, потоа со Премиерот Зоран Заев, со Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, со Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, како и со Министерот за Надворешни работи, Никола Димитров и Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Никола Попоски. По покана на Претседателот на Собранието, Сенаторот присуствуваше на приемот организиран по повод Денот на независноста.

Тој ја изрази својата поддршка за забрзана интеграција на целиот Западен Балкан во Европската унија и изрази надеж за позитивно гласање на историскиот референдум на 30 септември, што претставува услов за Македонија да напредува на патот на европските и атлантските интеграции. Сенаторот внимателно се информираше за развојот на економските размени меѓу двете земји. Тој својот престој го заврши со интервју за телевизијата Канал 5 и полагање венец на француските воени гробишта во Скопје, каде што почиваат војниците на Источниот фронт.

publie le 10/09/2018

hautdepage