Прием по повод 14 јули, државниот празник на Франција [fr] [sq]

Бевме заедно во Македонско Село, да го прославиме со нашите пријатели државниот празник на Франција, во присуство на претставници на македонските власти и на дипломатскиот кор, како и на француски и македонски партнери со коишто соработуваме.

Говор на амбасадорот Кристиан Тимоние, на приемот организиран во Македонско Село по повод 14 јули, државниот празник на Франција:

Повторно сме заедно и оваа година во Македонско Село, за да го прославиме со вас, наши пријатели, државниот празник на Франција. Посебно ви благодарам за напорот што дојдовте по падините на Водно во оваа саботна вечер, пак да се сретнеме и да ги споделиме вредностите на нашата Република.

Ова е погоден момент да го измериме патот што го изодевме од пред една година, кога овде, со тукушто формираната нова влада ги споделивме надежите и очекувањата.

Годината сигурно беше плодна со оглед на големиот број започнати активности и успешното продолжување по патот кон НАТО и Европската унија. Сепак, останува уште многу да се направи и се надеваме дека следната година повторно ќе прославуваме за нови решавачки чекори, по една година конкретни реформи и интензивни подготовки. И ние, предводени од нашата влада по патот на суштинските и фундаментални реформи, верувајте дека знаеме колку е тешко да се помине од политичка волја кон конкретна реализација, соочувајќи се со нетрпението на нашите граѓани и нашите партнери.

Франција е решена да ги спроведе внатрешните реформи кои ќе ѝ овозможат да одговори на предизвиците на глобализацијата. Но, таа е подеднакво решена да не се откаже од планот за преродба на европскиот проект, што според неа претставува апсолутен услов за прием на нови членки во Унијата.

Поради тоа, нашите две патеки ќе се надополнуваат една со друга и кога ќе дојде време за тоа, ќе се соединат. Веќе соработуваме со Македонија во суштински области за европската и светската безбедност, каде што имаме голем удел во најтешките области, на Блискиот Исток и во Африка. Нашата соработка во одбраната, оваа година беше одбележана со интензивен стратешки дијалог. Нашиот Државен секретар при министерството за Вооружени сили дојде во посета во мај оваа година и имавме можност да бидеме заедно на одликувањето со орденот Командант на Националниот ред за заслуги на Франција, на госпоѓата Заменичка на Претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.

Во однос на нашето наследство и нашата заедничка историја, во оваа година, кога се одбележува крајот на Првата светска војна, Франција и Македонија во Битола и во Скопје отворија два музеи кои имаат за цел да им објаснат на сегашните и на идните генерации едно поглавје од европската историја. Ви препорачувам да ги посетите овие две места и да им ги покажете на пријателите и семејствата. Нивните спомени мора да живеат и да ни дозволат подобро да ја разбереме нашата историја и нашите споделени вредности. Дозволете ми да ги поздравиме нашите војници и нашите полицајци кои и оваа година платија висока цена за да ги одбранат нашите слободи. Тие го заслужуваат сето признание на нашата нација и нашите сојузници кои ги штитиме како што тие нè штитат нас.

Оваа година е исто така можност да се навратиме на стоте години историја на овој регион и да констатираме колку помирувањето и искрената француско-германска соработка сè уште се важни, како и можноста за нов договор меѓу нашите две земји. Се радувам што овој пример најде двојна примена преку договорите меѓу Скопје, Софија и Атина. Сите граѓани на Македонија може да бидат убедени во нивната висока вредност и во нивните правни и други придобивки кои ќе треба наскоро да се почувствуваат, за да може потполно или делумно да се тргнат останатите пречки на европскиот и атлантскиот пат на земјата. Би сакал да зборувам и за братството на кое нашиот уставен суд неодамна му даде особено значење, не само како дел од девизата на Републиката, туку како принцип на нашиот правен поредок. Европските вредности би биле доведени во прашање, а ниту компаниите не би можеле да се нарекуваат европски без тоа неспорно признавање: братството значи почитување и признавање на другите, на нашите сограѓани, на соседите или странските гости, еднакви колку што се и различни. Затоа, особено ќе ги поздравам оние кои овде, во оваа година на промени, знаеја да пружат рака или да ја прифатат подадената. Особено мислам на Собранието, како пресвртница на функционалната демократија. Во нашата Унија очекуваме да дојде помирено македонско општество, подготвено да одговори на предизвиците на светот. Вашето искуство ќе ни биде драгоцено, а вие може да сметате на Франција како строг, но братски партнер.

На крајот, сакам да им се заблагодарам на нашите дарежливи спонзори, наши деловни партнери: AGS, ЕGIS, Freyssinet, NGE, Mr. Bricolage, Ohridska Banka - Société générale, Pernod Ricard, Sanofi, Thales, Veolia и Zegin.

Да живее француско-македонското братство!

publie le 15/07/2018

hautdepage