Прием по повод 14 јули во паркот на Музејот на современата уметност [fr] [sq]

Повторно бевме собрани околу вредностите на нашата Република, во неделата вечер на 14 јули во паркот на Музејот на современата уметност во Скопје за во пријателство да го споделиме нашиот државен празник.

Таа посебна радост што 14 јули го прославуваме во културен центар посветен на современата уметност беше дотолку поголема што заедно со нас беа македонските власти, дипломатскиот кор, многу членови на француската заедница, како и нашите француски и македонски партнери со коишто соработуваме. Говорот на амбасадорот:

Посебно задоволство е да се прославува четиринаесетти јули во ваква културна установа посветена на современата уметност. Тоа е повод да прославиме за нашите пријателски врски и за нашата соработка како што впрочем тоа го направија во Позњан на шести јули нашите двајца премиери.

Претседателот Макрон во месец јуни во Берлин ја објави новата француска стратегија за земјите од Западниот Балкан. Преку неа ќе се конкретизира нашиот ангажман за да можете што побрзо и што поефикасно да ги достигнете европските стандарди кон кои народите од овој регион се стремат со полно право. Во тој поглед Преспанскиот договор отвори нови перспективи за иднината.

Наесен очекуваме да завршат подготовките околу договорот со македонските власти за да може да отпочне со работа француската агенција за развој и да соработува во клучни области со државните и со локалните власти но и со граѓанскиот сектор како што се животната средина и урбанизмот за кои веќе се реализирани подготвителни мисии.

Честите контакти и неодамнешната посета на нашата Министерка за европски прашања создаваат корисен и отворен дијалог околу вашата европска аспирација. Истите ги разбираме и ги поддржуваме посакувајќи суштинска промена во управувањето со европскиот проект. Тој проект носи голема надеж која ние не треба да ја изневериме.

Како полноправна членка на НАТО, посакуваме да се зголеми македонското присуство во мировни мисии под европско покровителство.
Ја користам приликата да им се заблагодарам на сите оние кои работат заедно со нас за развој на Франкофонијата и соработуваат во спроведувањето на реформите за зајакнување на владеењето на правото кое треба да биде во центарот на нашите заеднички активности.

Ќе продолжиме да работиме на тој план во духот на стабилноста и просперитетот на овој регион, кој е дел од иднината на Европа. Северна Македонија со своите успешни реформи, со борбата против корупцијата, со градење на мирно општество и целосна соработка со соседите може да биде пример за тоа.

Драго ми е што оваа година на нашата прослава ќе имате можност да пробате француски вина од винарија која е првата македонска инвестиција во Франција. Станува збор за винаријата Château de Gourdon, која од минатата година е дел од Винарската визба „Тиквеш“. Вечерва ќе имате можност да ги пробате: Vase de Pierre, Mistral au Jardin и Fontaine du Sud. Би сакал да се заблагодарам на „Тиквеш“ што овозможија вечерва да уживаме во овие вина.

Мојата огромна благодарност ја упатувам до сите што го овозможија овој момент на пријателство, до Музејот и неговата директорка, госпоѓа Мира Гаќина и партнерските компании кои великодушно се понудија да бидат дел од нашата прослава. Благодарам на Зегин, на нашите француски компании Идемиа, Веолиа и Фресине, на Охридска Банка, Санофи, ТАВ, Биотек, Балкан Бизнис Консалтинг, АЖС и Саманта Рикар.

Ви посакувам убаво лето со заслужен одмор, но и конструктивно, за решавање на предизвиците и надежите што ќе дојдат со есента.

Да живее Северна Македонија ! Да живее Франција ! Ви благодарам.

publie le 16/07/2019

hautdepage