Саем за студии во Скопје, говор на г-ѓа Лоренс Оер, Амбасадор на Франција на 10 ноември 2014 година [fr]

Сите вие што сте присутни овде на Патувачкиот саем за студии што се одржува во Скопје на 10 ноември 2014 година, ќе дознаете дека Франција привлекува зашто има предности: таа нуди квалитетно високо образование што е признато како едно од најдобрите, а истовремено и едно од најевтините. Францускиот квалитет излегува од своите граници и ви е достапен во многубројните франкофонски катедри во регионот. Тие се широко отворени за вас и ви нудат голем и разнообразен избор на студии.

Овој универзитетски саем го организира Кампус Франс од Амбасадата на Франција во Македонија и Францускиот институт во Скопје во координација со Кампус Франс од Амбасадата на Франција во Софија и со поддршка од Кампус Франс од Париз.

Драги студенти, вашата земја има потреба од добро обучени млади кадри што зборуваат повеќе јазици и се отворени кон новините од модерниот свет за да можат да придонесат Македонија да има иднина со можности, отвореност и просперитет, а тоа може да се оствари благодарение на универзитетите, мобилноста и меѓународните размени.

Мобилноста на младите е еден од приоритетите на Амбасадата на Франција.
Секоја година, многу средношколци и студенти заминуваат да студираат во Франција.

Во текот на последните шест години, 120 македонски студенти (од кои најголемиот дел доаѓаат од двојазичните паралелки со француски јазик) имаа можност да го продолжат своето образование на некој универзитет или во некоја висока школа во Франција со нивни средства или со помош на стипендиите од француската влада што им се доделуваат на најзаслужните студенти.

JPEG

Европа исто така дава можност да се запишете на некој француски универзитет за време на универзитетскиот циклус бидејќи како што знаете, Македонија може да аплицира за европски програми, како програмата ЕРАЗМУС + што дава можност да се замине на мобилност од 12 месеци, на студии и/или пракса во секој циклус на студии (додипломски, постдипломски и докторски студии).
Европските програми нудат многу можности за учениците и за студентите, но исто така и за професорите, за студирање, за подготвителни престои со цел да се подготват проекти и да се создадат трајни соработки.

Еразмус+ ги опфаќа исто така и младите што се на професионална обука зашто се нудат пракси во претпријатија и младите кои се надвор од образовниот систем бидејќи имаат можност да заминат на индивидуални или групни волонтерски активности.

Претставниците на француските универзитети што се овде присутни ќе ви кажат дека високото образование во Франција е многу достапно благодарение на едноставните постапки за упис и ниските трошоци за студирање. На пример, упис на додипломски студии чини 180 евра, а денес многу универзитети нудат двојазични програми за мастер (англиски-француски) или студии целосно на англиски јазик. Студентите што ќе поминат една или две години во Франција, ќе се вратат зборувајќи повеќе јазици.

Искористете го присуството на г-ѓа Ан Плен што го претставува Кампус Франс од Париз, како и на г-ѓа Сузана Пешиќ од Кампус Франс од Францускиот институт во Скопје што многу од вас ја знаат овде во Македонија. Тие денес се на ваше располагање за да ви дадат информации за студиите во Франција.
Има многу успешни примери, многу Македонци кои заминале да студираат во Франција и кои денес работат на универзитет или во некое големо претпријатие.
Вашите студии во Франција, вашите дипломи, меѓународно искуство, зборувањето на повеќе јазици што веќе сте го стекнале во вашата земја, вашата младост ви отвораат можности за иднината.

Низ својата историја, Македонија ги збогати најголемите универзитети, нашите истражувачки центри и најголемите европски претпријатија со своите таленти и енергија, но вашата млада република ќе има потреба од динамичен кадар и вие ќе имате можности за работа кога ќе се вратите во Македонија.
Вие сте идната политичка и економска елита во вашата земја.

Франција е земја на многу регионални култури, на мноштво предели, пејсажи, јазици, столбови на европската култура и нуди можност да се оди на кино, да се посети музеј, да се оди на театар и на најдобрите изведби на балет, танц и опера во светот. Сите овие активности се достапни за јавноста и студентите први ги користат поради бројните предности што им се дадени.
Искористете го овој саем и качете се по скалите на успехот, на иднината, на достигнувањата кон Франција и франкофонските земји.

Во текот на денот ќе се одржат повеќе презентации. Искористете ја можноста да ги проследите и да се информирате.

На крај, би сакала да им се заблагодарам на сите лица и институции од Македонија и од Франција кои придонесоа за организирање на овој саем:

-  Министерот за образование и наука;
-  Кампус Франс од Париз ;
-  Амбасадата на Франција во Софија и одговорното лице за нејзиниот Кампус Франс, г-ѓа Бисера Коларова;
-  одговорните лица од Домот на АРМ за пречекот и помошта ;
-  претставниците на разните високи школи и универзитети кои дојдоа од Франција на овој саем;
-  претставниците на Универзитетската агенција на франкофонијата и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Би сакала да ги поздравам сите професори, ученици и студенти кои дојдоа да го посетат овој саем. Вие сте сите добредојдени и се надеваме дека ќе дојдете и во просториите на Францускиот институт во Скопје.

За да завршам, би сакала да ве известам дека овде со нас е Арта Ибраими, одговорно лице за медијатеката и дигиталната библиотека „Culturethèque“ во Институтот. Можеби веќе го забележавте катчето посветено на „Culturethèque“ што ви овозможува онлајн да читате книги, списанија, учебници по француски јазик, да слушате музика или да гледате филмови. Слободно пристапете ѝ на г-ѓа Ибраими која е на ваше располагање за да ви ги даде сите потребни информации. Не заборавајте дека нашите француски алијанси во Битола и Тетово и просторот за мултимедијално учење во Францускиот институт во Скопје можат во секое време да ви помогнат да го усовршите францускиот јазик. Верувајте во себе и со среќа на сите!
JPEG

publie le 20/11/2014

hautdepage