Свеченост за одликување од Редот на Уметностите и Книжевностите на Госпоѓа Гордана Јосифова Неделковска, уметнички директор на фестивалот „Охридско лето” и Декан на Факултетот за музичка уметност [fr]

Говор на Н.Е. Госпоѓа Лоренс Оер, Амбасадор на Франција, на свеченоста за одликување од Редот на Уметностите и Книжевностите
на Госпоѓа Гордана Јосифова Неделковска, уметнички директор на фестивалот „Охридско лето” и Декан на Факултетот за музичка уметност

JPEG

Почитувана Гордана Јосифова Неделковска,

Ми претставува голема чест да Ве примам денес во Резиденцијата на Франција во присуство на Вашето семејство, Вашите колеги, студенти и пријатели и претставници од културата, за да пристапиме кон доделување на едно од најпрестижните одличја на Република Франција: Редот на Уметностите и Книжевностите.

Француската Влада сака да ги награди и да им оддаде признание на две Ваши комплементарни особености од извонредната кариера, во областа на образованието и на уметноста. Сакам да ги нагласам овие два аспекти коишто се подеднакво важни за македонската култура и за промоцијата на Вашата земја во странство.

Вие сте уметнички директор на најголемата културна манифестација во Македонија со меѓународни димензии, фестивалот „Охридско лето”. Тој фестивал, каде што се испреплетуваат класичната и современата музичка програма, театар и танц, под покровителство на Претседателот на Републиката, од 1994 година е дел од Асоцијацијата на европските фестивали. Јас сум Ви бескрајно благодарна што секогаш им придававте големо значење на нашата земја и на нашите уметници.

Вашиот углед како музичар е огромен и имате меѓународно реноме. Во Вашата кариера на музичар виртуоз на обоа, сте настапувале како солист со престижни оркестри, вклучувајќи го оркестарот на „Авињон-Прованс”, но исто така и со симфонискиот оркестар на Санкт Петербург, со Белградскиот симфониски оркестар, со „Filarmonica” Сервантес во Албасете, Московскиот Арт-ноември фестивал... Ќе биде тешко сите да се набројат, но големиот космополитизам со којшто се одликувате, Ви овозможи да воспоставите блиски врски со реномирани француски музичари (Рено Каписон, Марк Копе, Иг Леклер, Мишел Летјек...).

Обоата има централно место во оркестарот и таа дава интонација за штимање. Обоата е веројатно омилениот инструмент на Бах и тој учествувал во неговиот развој во сите форми. Овој инструмент најмногу се користи за изведба на кантати и оратории – а Бах го користел во сите форми и често го повторувал. Нему му ги доверил најубавите ноти во „Тути” или во дијалозите со најголемите вокални солисти. Обоата најдобро го поддржува солистот кога одговара - тоа е интерпункциски инструмент, а особено инструмент за дијалог, кој ја структуира и возвишува целината - можеби затоа што се чини како да прави мост помеѓу интимното и божественото. Има артикулација слична на човечкиот глас, мека, но никогаш премногу, нежна, без притоа да биде слаба, прецизна без да биде тврда, голема без помпезност. Ја користеле најголемите француска композитори: Дебиси, Дитије, Пуленк (1962), Мијо, а особено Месијан и француската школа за обоа, којашто има извонредна историја.

Дозволете ми да ги истакнам ентузијазмот и страста што Ве мотивираат за да соработувате со француските уметници и музичари, коишто ги цените и кои многу пати сте ги поканиле на Фестивалот „Охридско лето” на чие чело сте од 2007 година. Имам прекрасно сеќавање од минатиот фестивал „Охридско лето”, еден незаборавен интензивен момент што го споделивме со публиката во црквата Света Софија во Охрид, во текот на француската вечер кога настапија кларинетистот Мишел Летјек и Катор Жирар. Тоа беше навистина волшебен момент и среќна сум што имав можност тогаш да го најавам Вашето номинирање за одликувањето Витез од Редот на Уметностите и на Книжевностите, пред присутната публика која беше освоена и благодарна за прикажаното.

Но исто толку е важна и Вашата посветеност на младите и на музиката преку Вашата вклученост на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, каде што дипломиравте и сте декан од 2009 година. Школувате уметници од високо ниво, организирате настава со талентирани музичари, а Филхармонискиот оркестар што го создадовте, неодамна ни покажа дека сте успеале да го пренесете Вашиот талент и професионализам на помладите генерации. Благодарност до Вашите студенти за вечерашниот концерт на овој голем настан.

Драга Гордана, Вие сте за Франција постојан предводник и верен пренесувач на француската култура во Македонија, Вие сте столб на нашата културна соработка и посакувам да можете уште долго да работите за одржување на оваа прекрасна традиција.

Госпоѓо Јосифова Неделковска, во име на Министерот за култура и комуникација и овластувањата коишто ми се доверени, Ви го доделувам одликувањето Витез од Редот на Уметностите и Книжевностите.

publie le 22/11/2015

hautdepage