Уводна статија на амбасадорот во „Вечер“ [fr] [sq]

По повод 55-годишнината од излегувањето на првиот број на дневниот весник "Вечер", амбасадорот беше поканет да напише статија која беше објавена во роденденското издание, на 10 ноември.

Во таа пригода, тој зборува за квалитетниот ангажман на вработените во овој дневен весник, како и за потребата да опстои плуралистички, независен и квалитетен дневен печат.

Еден од најзначајните предизвици на Европа во иднина ќе биде опстојувањето разновиден и висококвалитетен дневен печат. „Вечер“ во потполност се вклопува во тој предизвик. Му го честитам роденденот на весникот чијашто педесет и петгодишна историја е испреплетена со историјата на Македонија. „Вечер“ умееше и мораше да се прилагоди на сите политички и општествени промени за да влезе во новата ера, каде повеќе од кога и да е граѓаните имаат потреба од плуралистички, исцрпни и објективни информации. Таа транспарентност е најдобрата одбрана против партиите, криминалните групи, како и сомнителните компромиси или интервенции однадвор со цел да се приграби власта. Тие појави се закана денес, исто како што биле во минатото, за сите демократски општества, било тие да се нарекуваат стари или нови демократии. „Вечер“ денес е модерен весник со нов пристап, што е за поздравување. Мојот сограѓанин, високиот претставник за слобода на медиумите при ОБСЕ, Арлем Дезир, два пати од 2016 година наваму не пропушти да го поздрави видливиот напредок во Македонија во поглед на слободата на медиумите. Меѓутоа, останува уште многу да се работи на независноста на новинарите, нивниот вистински капацитет за истражувачко новинарство и на економскиот опстанок на весниците, за тие да не бидат инструмент на некои политички или економски интереси. Појавата на „спин докторите“ и „лажните вести“ не е неизбежна и вреди докрај да се бориме против неа, но треба да продолжи и борбата за истражувачкото новинарство и за слободното објавување информации: бидете сигурни, пријатели и читатели на „Вечер“, дека амбасадата на Франција е подготвена да ви помогне во одбрана на овие вредности, бидејќи, како што рече еден од нашите најголеми писатели, Бомарше, кој и самиот бил талентиран новинар: „Без слободна критика, нема ласкави пофалби“. Нема Европа без слободен печат, провокативен и разновидeн...

publie le 16/11/2018

hautdepage