„Виз ер“ и „ТАВ Македонија“ ги поздравија првите патници од Скопје за Париз според вистинската француска традиција [fr]

Изненадувајќи ги со кроасани и сок од портокал, „Виз ер“ и „ТАВ Македонија“ и претставниците на Амбасадата на Франција и на Францускиот институт во Скопје денес ги придружија првите патници на новиот директен лет од Скопје за Париз. Овој лет што тргнува во петок од 17:45 часот ќе биде во функција и секој понеделник во исто време што значи дека францускиот и македонскиот главен град отсега ќе бидат поврзани двапати неделно. Доказ за популарноста на оваа дестинација се 4.000 резервации што беа направени од воведувањето на оваа линија. Летот ќе се спроведува со Ербас А320, еден од најновите авиони на „Виз ер“.

„ТАВ Македонија“ продолжува да ги исполнува очекувањата на своите патници. Париз стана петнаесеттата дестинација на „Виз ер“ покрај три други нови дестинации со поаѓање од „Александар Велики“ кон Брисел, Келн и Франкфурт кои исто така беа отворени во април. Прошетката низ Париз и посетата на неговите најпознати знаменитости е како час по историја, убавина, архитектура и за смислата на животот без оглед на тоа дали пиете кафе или јадете кроасан на тераса на Трокадеро, на врвот на Ајфеловата кула, во Лувр, под Триумфалната капија, или се шетате Елисејските полиња, се забавувате во Дизниленд или се воодушевувате на раскошот на замокот во Версај. Од денес, тоа станува реална можност за сите што сонуваа да го посетат или да се вратат на посета на градот на светлината, истакна генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Зоран Крстевски.

Патниците долго ја очекуваа оваа линија и тие сега можат од Скопје да заминат за Париз за многу ниски цени. Првата цена за билетите за овој лет што можат онлајн да се резервираат на wizzair.com е 2.499 денари или 39.99 евра.
Амбасадорката на Франција, г-ѓа Лоренс Оер беше помеѓу патниците на првиот лет за Париз. Таа изјави: „Отворањето на директна линија меѓу Скопје и Париз претставува одлична можност за унапредување на односите меѓу двете земји, меѓу претпријатијата, туристите и за откривање на атрактивноста на двете земји“.
Компанијата „Виз ер“ е охрабрена од одличниот одзив од македонските потрошувачи кои ги користат ниските тарифи на компанијата и кои се многубројни.

„Повеќе од 70.000 патници резервираа летови со поаѓање од Скопје. Нашата компанија се залага да овозможи летови за неверојатно ниски цени, а бројот на дестинации се зголеми на 15. Денес, го прославуваме воведувањето на првиот лет кон Париз и со нетрпение ги очекуваме бројните патници во двете насоки на оваа атрактивна дестинација“, изјави Тамара Мешвениераџе, менаџер за корпоративни комуникации.

JPEG

publie le 20/02/2015

hautdepage