ЗА ЕВРОПА: 60 СВЕЌИ ЗА РАДУВАЊЕ ИЛИ 60 СВЕЌИ ЗА ТАГУВАЊЕ? [fr]

Пред шеесет години во Рим беа поставени темелите на Европа каква што ја знаеме денес...

ЗА ЕВРОПА: 60 СВЕЌИ ЗА РАДУВАЊЕ ИЛИ 60 СВЕЌИ ЗА ТАГУВАЊЕ?

На хартија, Европа и јас сме речиси на иста возраст. Шеесетина години, токму во вистинската зрела возраст, кога најмногу се размислува. Нашата Унија, тогаш Заедница, е родена во 1957 година во Рим, како резултат на еден договор, чија шеесетгодишнина ја славиме денес. Тоа се случи во едно од најубавите места на светот.

JPEG

На ридот Капитол, на плоштадот осмислен од Микеланџело, над кој доминира статуата на императорот и филозоф Марко Аврелиј, почна една непредвидлива авантура која до денес сe уште не е завршена. Таа резултираше со изградба на еден простор над поранешната Железна завеса и стана синоним кај поголемиот дел од човештвото за мир и просперитет, до тој степен што стотици илјади мажи, жени и деца, понесени од надежта за подобар свет, денес се подготвени на секаков ризик, да изодат трнлив пат, преку мориња и планини, за да ја постигнат таа цел. За нив Европа значи безбедност, слобода и иднина.

Додека тие ни чукаат на нашите порти, Европа минува низ период на сомнежи и преиспитување. Две земји основачи, уште на почетокот на новиот милениум, со референдум го отфрлија Нацрт-уставот кој им беше доставен, создавајќи така една трајна непријатност, како поради начинот на кој тоа беше направено така и во однос на местото што треба да го има државниот суверенитет во таа сe посложена конструкција, која нејзините граѓани сe потешко и потешко ја разбираа. Во вакви околности, кога народите што живеат во неа не ја разбираат доволно, а самата таа се наоѓав турната во тековите на глобализацијата, европската конструкција не е веќе надежна за сите, како што беше порано, туку ризикува да се сведе на едноставна рамка за развој на една елита, за која и самата таа е премногу тесен хоризонт...

Други, пак, сметаат дека Европа наметнува правила, без да обезбеди доволна заштита, дека ограничува и пречи, се обидува да го спои неспојливото. Најмалку храбрите политичари во државите набргу сфатија дека Брисел може да биде најзгодно жртвено јагне и може да го уништи тоа што две генерации трпеливо го градеа. Брегзитот неодамна разбуди сомнежи, кои никогаш целосно не стивнаа, кај оние што никогаш не го прифатија трансферот на суверенитетот, а искрено живеат во овој нов простор на изгубени репери. Не можеме да заборавиме дека младите демократии, биле тие нови или обновени, се чувствителни по прашањето на нивниот суверенитет. Како тие да се откажат од него за толку кратко време кога едвај успеале да го обноват или дури да го изградат одново? Останува да се одговори на овие предизвици, на пример, преку проширување или воопштување на ЕРАЗМУС, како одличен инструмент за отворена комуникација.

Сомнеж се појави кај шесте основачи, а последователните проширувања создадоа нови простори: на југ, со завршувањето на грчката, шпанската и на португалската диктатура, на исток, со поранешните членки на Варшавскиот пакт, ослободени од советскиот јарем, но и неколку земји кои последни се приклучија, наследнички на Југославија, од тој политички и културен простор помеѓу два или дури три политички системи, поврзани со една верска традиција. Споделувајќи ги истите основни аспирации, народите на Европа, сепак, покажуваат дека се самостојни ентитети. Тие, истовремено, го поддржуваат бришењето на границите, но од друга страна, бараат гаранции за зачувување на својот идентитет. 27 или 28 на број, тие формираат еден фасцинантен мозаик, исполнет со бесконечна разновидност, како и исклучителна сложеност, која треба да биде контролирана во рамките на еден троен систем. Во него, Комисијата има цел да го претставува заедничкиот интерес, а Парламентот, очигледно, се мачи да го пронајде своето место. Како и да е, јас сум убеден дека во 2017 година ќе видиме еден нов почеток, врз основа на динамиката на француско-германското помирување, на тој движечки тандем на европската конструкција.

Французинот кој некогаш Европа ја гледаше низ призмата на својот сон за моќ или барем како услов за продолжување на независноста, кога ќе сфати дека се работи за проекција пренесена на цел еден континент, почнува да си поставува прашања. Може ли Европа да му обезбеди афирмација или, пак, ќе предизвика да се изгуби во нејзината големина? Всушност, прашањето за безбедноста на нашиот простор сега се поставува како клучно пред сите народи на Европа. НАТО не е повеќе единствениот одговор на нашите предизвици од типот на организираниот криминал, миграцијата или тероризмот. А на одговор не може премногу да се чека. Треба да се одговори инклузивно и конструктивно.
Другите сили секогаш се двоумеле за тоа како да се справат со европската конструкција, која не е или не може да биде империја. Има ли презир, љубомора или прагматизам, наспроти фиоката со кеш која толку ни е потребна? Шегата на Кисинџер, кој бараше европски телефонски број, секогаш ќе претставува израз на таа неодлучна амбивалентност. Како, впрочем, и онаа на Русија на Путин или на САД на Трамп. Како прв донатор во Авганистан и на палестинските територии, сигурно би сакале да ја видиме и во улогата за обнова на несреќната Сирија, дури и пред да биде завршен конфликтот. Иако таа Европа не може целосно да нè задоволи, таа дава извонредни можности за промоција, бидејќи нејзиното дејствување ја прави поинаква и препознатлива во светот на сосема задоволителен начин.

Всушност, во овој период од шеесет години, Европа промени неколку облици, трансформирајќи се во градба во барокен стил или постмодерен, што ги предизвикува традиционалните критериуми на политиката. Европа беше флексибилна, компромисна и инвентивна. Може да се запрашаме дали таа нема да исчезне доколку ги копира империите, иако преку својата сопствена историја Европа се храни од носталгијата по нив. Таа повеќе наликува на подземно стебло отколку на дрво, и во тоа е, несомнено, целата нејзината сила.

Денес, еден од последните предизвици за шеесетгодишната Европа е просторот на Западен Балкан, истиот тој простор каде што Европа на старите империи престана да постои во 1918 година. Ќе умее ли сега таа да се справи со сета дополнителна комплексност, додека се бори да ги надмине сопствените проблеми? Многумина во прикриена форма ја поддржуваат идејата привремено да се запре со проширувањето, имајќи предвид дека демократиите на Источна Европа сè уште не го добиле својот конечен облик, а да не зборуваме за сложениот монетарен мозаик.

Други, пак, предупредуваат на можни конфликти и ривалства кои би нè вратиле во 1914 година. Она мементо мори од комеморативните церемонии на нашите гробишта од времето на Источниот фронт сè уште е доволно експлицитно. Како и да е, доколку изостане духот на одговорност кај политичарите и кај народите што се засегнати, и доколку немаме доволно храброст од наша страна, не е исклучено сценариото дека ќе остане една средишна зона, испразнета од сопствените таленти и животни сили.
Додека се наоѓаме на крстопат, се сомневам дека влегувањето во еден процес на забрзан федерализам на сите земји би бил можен, па дури и пожелен, макар што мечтаевме за него кога имавме 20 години.

Враќањето наназад за многумина е незамисливо. Затоа, ќе мора да се измисли нешто ново, што нема да биде ниту француски ниту, пак, англиски двор туку место каде што ќе живееме со сите наши различности, сè додека тие им служат на нашите различни народи. Да не излегуваме на улица со свирчиња против нашите бриселски бирократи. Да се обидеме да ги искористиме нивните многу реални способности. Да не протестираме против носителите на добрата волја. Но да размислиме повеќе од кога било заедно со нив и за она што сакаме да бидеме утре. Ни остануваат уште четириесет години до стогодишнината. Има доволно време да се приклучи Западен Балкан и, којзнае, можеби и малку повеќе? Сонот за Соединетите Европски Држави на Виктор Иго ќе ги преживее сите бури.

publie le 26/03/2017

hautdepage