Западен Балкан – одговор на господинот Жан-Ив Ле Дриан, министер за Европа и надворешни работи на писмено прашање до Француското Собрание [fr] [sq]

Франција ја поддржува европската перспектива на земјите од Западен Балкан и тие сите по вокација треба да се приклучат кон Европската унија, кога сите критериуми за нивното пристапување ќе бидат целосно исполнети.

Во исто време, Европската унија треба да се преизгради и нејзиното функционирање да се подобри пред да биде во можност да прими нови земји-членки. Заклучоците усвоени од Советот на 26 јуни оваа година се однесуваат на тие моменти. Без одлука во оваа фаза за отворање на пристапните преговори со Европската унија со Македонија и Албанија, заклучоците ги вреднуваат напорите на овие земји направени во последниве месеци за нивно приближување до Европската унија. И покрај тоа што не е формален критериум за процесот на проширување, спогодбата од јуни во врска со името меѓу Македонија и Грција претставува значаен развој на настаните за регионот.

Во врска со членството во НАТО, склучувањето на спогодбата ја оправдува поканата за започнување на разговорите за пристап кон Алијансата, преку Декларацијата од Самитот во Брисел. Што се однесува до отворањето на преговорите за пристапување кон Европската унија, заклучоците на Советот од јуни предвидуваат одново да се преиспита состојбата во Албанија и во Македонија, во јуни 2019 година, врз основа на извештајот на Комисијата и со оглед на големиот број критериуми, вклучувајќи го и напредокот во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Ние ќе го следиме реално постигнатиот напредок, во контекст на извештаите од Комисијата од 17 април кои откриваат недостатоци во овие две области. Во меѓувреме, од суштинско значење е да се развие практична соработка меѓу балканските земји и Европската унија, со цел да се продолжи со зацврстување на регионот во Европа.

На тој начин, значително придонесовме кон агендата на приоритети усвоена на самитот во Софија од 17 април 2018 година, со која се дефинираат повеќе начини на соработка, вклучително и во областа на владеењето на правото, поврзаноста и младите.

Надвор од рамките на Европската унија, на Самитот во Лондон во почетокот на јули присуствуваше и министерот за Европа и за надворешни работи, кога имаше можност да се идентификуваат нови области на соработка, особено во однос на безбедноста.

publie le 07/09/2018

hautdepage